Ново дело подготвено од Васил Тоциновски ЗА УБАВИНИТЕ НА ЛЕГЕНДИТЕ И ПРЕДАНИЈАТА Пишува: Милева ЛАЗОВА
В о изработка на издавачката куќа "Феникс"озлегоа од печат прекрасните кажувања "Легенди и преданија" кои се во подготовка на Васил Тоциновски.Легендите и преданијата во усната литература на секој народ претставуваат несомнено најубавите и најинтересните четива кои се пренесувале со векови и живеат до денешни дни. Но, нивната популарност не соодветствува со бројноста, тие се малубројни и науката ги имала само како видови, односно тоа би значело дека не им го посветиле потребното внимание. Васил Тоциновски во тој непресушен извор на народниот гениј се нурнал и оттаму издвоил петнаесет прекрасни прозни кажувања вкоричени во неговите авторски пресоздавања именувани како "Легенди и преданија". Во кратката белешка наведува кои се изворите за нив, и тие се само еден помал дел од еден обемен проект кој опфаќа педесет најубави македонски легенди и преданија. ЦЕЛИНА Тоциновски е автор кој секогаш нуди книги со цврст организиран концепт и од тоа правило не отстапил ниту во оваа своја најнова книга. Тој умее да раскажува извонредно интересно и оригинално, и секогаш да создава целина која се чита во еден здив. Тоа е постигнато со најголемиот јунак меѓу јунаците - Марко Крале. Книгата започнува со легендата како добива сила и коњ и завршува со приказната кога си грабнува невеста. Во тој, би рекле, роман за невидени јунаци и необични чуда, се и прозните состави за не помалку популарните Александар Македонски и Болен Дојчин. Се откриваат тајните за Охридското Езеро, Егејското Море, Црна Река, потоа за Црвени стени и за змејот од планината Пелистер, за манастирот Трескавец, библиската приказна за човекот и годините, за исчезнатите градови, вредниот калфа, дарот на умната невеста и други. Авторот зема една легенда или предание од половина страничка, и создаде сопствени приказни изедначени во по четири страници со вградување на нови настани, јунаци, случки, притоа доследен во следењето на убавината на народното кажување. ИЗБОР Според нас "Кукавица и гугутка" е антологиски текст. Васил Тоциновски нуди еден мал избор од овие магични четива, еден убав избор на теми и мотиви и со сопствената писателска дарба, позната од последните негови книги за деца и млади, романот "Мегдан за игра" и расказите "Ѕвони двапати", се потврдува како интересен и оригинален раскажувач. Автор кој со задоволство и интерес се чита и од младите и од возрасните. Потрагата или инспирацијата по народното творештво е една можеби и нова можност за негово осовременување и активирање како литература во овој нов век на мислење, живеење и дејствување. Тоциновски тоа уверливо низ сопствен естетски учинок го потврдува и во својата книга едноставно именувана како "Легенди и преданија". Во издание на "МИ-АН" ново дело од Славомир Маринковиќ ЛЕКСИКОН НА ЕПОНИМИ Пишува: Милева ЛАЗОВА
М инатата година книгоиздателството "МИ-АН" го промовираше лексиконот "Што по кого е наречено" - Лексикон на епоними и на епонимни форми од авторот Славомир Маринковиќ. При изработка на овој лексикон стручни консултанти на авторот Маринковиќ се д-р Васил Дрвошанов, д-р Михаил Стојанов и д-р Васил Тоциновски.Лексиконот претставува избор од огромен број епоними и епонимни форми што се присутни во вообичаената јазична комуникација меѓу луѓето денес. СОДРЖИНА Раширената практика на наречување на географски откритија и објекти, историски настани и појави, техничко-технолошки пронајдоци и апарати, научни процеси и методи, општествено-политички движења и закони, уметнички правци и дела, секојдневни предмети и артикли... со имиња на личности се дел од содржината на Лексиконот. Според авторот, практиката покажува дека епоними можат да бидат и се - богови, божици, божества и митски херои според кои се наречени области и градови, племиња и народи, појави и направи, настани и процеси (Македонци, Атина, Панова флејти, Огамско писмо...). Потоа, епоними можат да бидат личности кои своите имиња ги "даваат" на периоди, движења, теории, земји, општествени или друг вид заедници (Карпошово востание, Боливија, марксизам....). Следни епоними се луѓе/творци чии имиња носат научни откритија, историски периоди, уметнички правци, апарати (Лудолфов број, Августов век, бајронизам, рендген...). Како епоними се сметаат и лица кои имаат претпоставени или индиректни врски со нештата наречени/познати според нив (Абег-варијации, лазарет, језуити...), како и фиктивни јунаци од преданијата (квази-историски личности) или од уметничките дела според кои некои нешта - поими, појави, состојби, симболи, населби, расправи, комуни, настани... се наречени (маниловштина, Итар Пејо, санинизам, Шерлок Холмс, Дон Кохот...). ПОДЕЛБА Епонимите се поделени и по одредени значења. Така, авторот Маринковиќ ги дефинира епонимите како поими со општи и конкретни значења. Потоа наведува двојни и тројни епонимни форми како и создавање на комбинирани и сложени епоними. Исто така, постојат "скриени", непризнати, погрешни, и поранешни или "укинати" епоними. Познати се и епоними изведени од прекари или од скратени имиња итн. Лексиконот содржи околу 2.300 епоними кои се поместени азбучно и тоа збор по збор, буква по буква. Секој од нив е предаден и со оригинална верзија на името, освен имињата на еврејските, грчките, арапските, кинеските... личности, кои се предадени со вообичаената меѓународна латинична транскрипција. Промоција на "Собрани драми 1-2" од Горан Стефановски МЕСТА, РЕПЛИКИ, ЖИВОТИ, СИТУАЦИИ Пишува: Милева ЛАЗОВА В о новиот објект МНТ, на Мала сцена издавачката куќа "Табернакул" ги промовираше "Собраните драми 1-2" од познатиот драматург Горан Стефановски издадени во едицијата "Темелници". Промоцијата ја водеа Слободан Унковски кој го напиша и предговорот на "Собраните драми" и кој ги изрежира скоро сите драми и актерот Никола Ристановски.Во овие две книги сместени се четиринаесетте драми на Стефановски кои долги години беа на сцените на македонските театри. Драмите беа расфрлани и се појави потреба тие да се најдат на едно место, а тоа го овозможи "Табернакул" на задоволство на љубителите на театарската уметност. На промоцијата беше речено дека Горан Стефановски е сунѓер на Скопје и има многу места, многу реплики, многу животи, многу ситуации кои тој ги користи во своите драми. |
|