КУЛТУРА

Спорот за името - главна тема во делото на Џон Шеј

ПОБИВАЊЕ НА ГРЧКИОТ НАЦИОНАЛИЗАМ ОКОЛУ И ЗА МАКЕДОНИЈА

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Иако границите на Македонија биле сменети од време на време под влијание на Римјаните, Бугарите, Србите, Турците и Грците, сите историски анализи дури и на Грците покажуваат дека одредени територии биле дел од Македонија уште од времето на Алексндар Македонски.
  • Во секој случај, не постојат записи со кој било грчки јазик до пред 400 години п.н.е. во ископините во кој било дел од Македонија.

Мината годи-на во издание на "Макавеј" бешеотпечатена книгата "Македонија и Грција" - битката за дефинирање нова балканска нација од австралијанецот Џон Шеј. Книгата предизвика особен интерес во историските кругови затоа што е една од ретките книги (ако не и единствена од понов датум) од странски автор која зборува за Македонија, за нејзината историја од пред Александар Македонски, па се до атентатот на поранешниот претседател Киро Глигоров во 1995 година.

Главна тема која ја обработува авторот е спорот околу името меѓу Македонија и Грција, тема која денес има посебно значење во светските случувања поради географската положба што ја има Македонија на Балканот. Иако разгледувањето на овој спор е од централно значење на оваа книга, сепак во неа идеите кои се опишани одат и подалеку од тоа.

ГРЧКА КАМПАЊА

Македонија има долга историја која е поврзана со малите и големите сили како на Балканот, така и во Европа и во светот.

Интригите кои го карактеризираа "македонското прашање" на крајот на деветнаесеттиот век, навидум се појавија и денес. Грчкиот спор со Македонија, според многу аналитичари, е само еден пример за тие интриги. Случајот, што му беше претставен на светот навистина експлицитно, често знае неадекватно да го објасни нивото на емоции што ги искажуваат Грците, како и сериозноста на нивните политички активности, вели во воведот авторот Шеј.

Оваа книга се обидува да направи проценка на грчкиот став и да даде појаснувања за конфликтот кои се поопширни од оние кои ги даваат грчките гласноговорници ширум светот. Поголемиот дел од аргументите кои биле презентирани доаѓале од грчка страна.

Во меѓународните форуми, како што се Обединетите нации, Грците побараа да го спречат воспоставувањето на независна држава која се вика Македонија. На почетокот на грчката кампања против Македонија, меѓународните медиуми беа преполни со слики на емотивни демонстрации на Грци во разни делови од светот. Имаше огромни и навистина скапи реклами во националните весници во САД, Канада, Австралија, како и други држави.

На една од рекламите прашањето околу името го дефинирале како опасна, темпирана бомба при тоа додавајќи дека признавањето на она што таа го нарекува Скопје како Република Македонија ќе ги легитимизира и поттикне екстремистичките и лажни тврдења дека грчката територија не е всушност грчка.

АРГУМЕНТИ

Понатаму книгата претставува некои идеи што се контрадикторни на грчките.

Кога првпат почнав да истражувам за овој спор, бев љубопитен за тоа што има да каже спротивната страна или барем да откријам дали Македонците имаат валидни аргументи, објаснува Шеј. Сликата која ја добив е навистина комплексна. Македонците кои се појавиле околу 700-800 година пред наша ера со векови биле мала група која била поставена на многу мала територија. Оваа територија била мал дел од она што денес е познато како грчка Македонија. Јазикот којшто тие го говореле не бил грчки, ниту пак нивните богови биле грчки. Тие не биле признаени од Грците. Со текот на времето, нивните владетели се стремеле да имат културен афинитет и политичка моќ како и Грците, па така почнале да користат грчки учители за нивните деца. Некаде околу IV век п.н.е. македонското благородништво често го користело грчкиот јазик за официјални потреби, додека обичните луѓе говореле оригинален македонски јазик во своите домови. Во секој случај не постојат записи со кој било грчки јазик до пред 400 години п.н.е. во ископините во кој било дел од Македонија. Се разбира, постоеле мали грчки крајбрежни населби во Македонија се додека Македонците не го освоиле полуостровот Халкидики.

Исто така, авторот Шеј во својот вовед го потенцира и грчкото тврдење дека во југословенските историски книги пишува оти античките Македонци биле Словени и веднаш го негира тоа велејќи дека не е точно. Тој ги има проучено книгите за средните училишта напишани на македонски и сосема е убеден дека тие книги не даваат таква историска слика.

Понатаму, тој вели дека без разлика дали може да се докажат овие тврдења или не, треба да се има предвид дека и Македонија и Грција драстично го имаат сменето својот етнички состав во изминативе 2000 години.

Ниедна земја не покажува етничка мешавина која би наликувала најмалку на онаа од времето на Александар Македонски, вели Шеј. Во текот на изминатите 2300 години Балканскиот Полуостров бил постојано напаѓан од новодојденци вклучувајќи ги Келтите, германските племиња, Словени и Турци така што настанало едно претопување меѓу народите. Иако границите на Македонија биле сменети од време на време под влијание на Римјаните, Бугарите, Србите, Турците и Грците, сите историски анализи дури и на Грците, покажуваат дека одредени територии биле дел од Македонија уште од времето на Александар Македонски. Територијата што денес е Северна Грција исто така била важен дел од Македонија, уште од античко време. Името Македонија не е користено се до вториот век п.н.е. и & го дал македонскиот цар, а не Грк. Терминот "Македон" и изразот "Земјата на Македоните" биле користени долго време пред тоа да се случи и се уште постои дебата околу тоа од каде потекнува зборот "Македон", иако Грците сакаат да мислат дека зборот е грчки. Во секој случај ниту античките Македонци, ниту античките Грци не сметале дека Македонците се Грци. Па така, името што Македонците го користеле за нивната земја мора да води потекло од нив самите, вели Шеј.

СТАВ

Во суштина, книгата претставува контра-аргумент и тврди дека Македонците (од поранешна Југославија) имаат поголемо право на името и историјата на Македонија од Грците, па дури и од оние Грци кои живеат во северниот дел на Грција, дел кој пред две илјади години бил срцето на големото Македонско царство. Ова можеби изгледа како екстремно тврдење, со оглед на јавното мнение по ова прашање. Ваквото јавно мнение служи само како сведоштво за тоа колку ефективно грчката страна ги презентира своите аргументи.

Јас сум цврсто убеден дека може убедливо да се дадат сосема поразлични аргументи, вели Шеј. На крајот на краиштата ова покажува дека нештата не се само црни и бели. А ни покажува и некои многу важни нешта за грчкиот национализам и за неговата можна улога во формирањето на настаните на Балканот. Едноставно, нереалистично е да се мисли дека малечка нација со два милиона жители, без тешко вооружување, без авијација и без морнарица, би можела да биде закана за Грците, кои од самиот почеток се потпомогнати од НАТО и САД со милијарди долари воена помош. Ниеден политички аналитичар во САД не верува дека тоа може да случи.

Авторот Шеј се потрудил во книгата да избегне тврдења што не можат да се потврдат со факти така што ги цитирал изворите од каде ги извлекувал неговите заклучоци. Кога говори за историски теми, Шеј претежно ги цитира писателите од Британија, Франција, Германија и САД. Кога пак дискутира за тековните случувања, поголемо внимание им посветува на весниците и интерпретациите од Македонија.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"