САД ја сака "Голема Албанија"
Шпанскиот историчар Франциско Вега, шеф на Катедрата за Источна Европа на
Универзитетот во Барселона, смета дека САД не се откажале од водечката улога
на Балканот и оти на тоа подрачје најмногу би им одговарала како сојузник "Голема
Алабанија". Професорот Вега потенцира дека маневрите на Вашингтон да го
стави под контрола Балканот не се нови, а дали процесот ќе се забрза или
забави зависи од случувањата во Ирак.
Нова грчка провокација
Вицепремиерката Радмила Шеќеринска го откажала учеството на регионалната
работилница во Солун на тема "Помирување заради иднината". Таа го откажала
учеството откако дознала дека на листата на учесници покрај нејзиното име
стои само функцијата - вицепремиер, но не и името на државата од каде доаѓа.
Екстрадицијата на Фетаи е легитимна
Хрватското Министерство за правда не нашло никаква забелешка во
документацијата и барањето за екстрадиција на поранешниот министер за
еконимија, Бесник Фетаи, кој се наоѓа во затвор во хрватскиот град Пожега.
Во хрватското Министерство велат дека следува довршувањето на постапката, по
што решението ќе биде испратено до двете страни - Фетаи и македонската Влада.
Фетаи може да поднесе жалба до Врховниот Суд на Хрватска, но шансите да се
прифати е минимална, затоа што македонското барање за екстрадиција е целосно
легитимно.
Обединување на Македонците во Бугарија
Македонските организации во Бугарија ќе се обединат во "Заедница на
Македонците во Бугарија". Оваа одлука е донесена на првата национална
конференција на Македонците во оваа соседна земја која неодамна се одржа во
Скопје. На конференцијата присуствувале претставници од седумте македонски
организации кои едногласно ја усвоиле резолуцијата за обединување на
Македонците во Бугарија.
Каранфиловска во Република Албанија
Предлогот на претседателот Борис Трајковски во функција на македонски
амбасадор во Албанија да биде именувана Елеонора Каранфиловска поминал на
седницата на Владата. Каранфиловска на функцијата амбасадор заминува од
позицијата генерален секретар на Фондацијата "Киро Глигоров".
Страв од САРС во Албанија
Здравствените експерти во Албанија истакнале дека земјата е изложена на
опасност од САРС поради големиот број патници и стоки кои доаѓаат од Кина и
Канада, каде што живеат многу Албанци. Претставникот на Светската
здравствена организација во Тирана, Сантино Северони, побарал од албанските
власти да ја засилат медицинската контрола на меѓународниот аеродром во
Тирана каде што секојдневно пристигаат патници од Азија.
Меморандум за изградба на гасовод
Во Солун неодамна бил потпишан Меморандум за соработка за изградба на
гасовод кој ќе ја поврзува Грција со Австрија. Новиот гасовод ќе тргнува од
Солун и ќе минува низ Македонија, Србија и Црна Гора, Босна и Херцеговина,
Хрватска, Словенија, па се до Австрија. На средбата во Солун присуствувале и
претставници на компанијата "Макпетрол" од Македонија.
Македонско-словенечка соработка
Македонскиот и словенечкиот министер за финансии, Петар Гошев и Душан
Мрамор, потпишале Меморандум за разбирање како основа за натамошна соработка
и овозможување техничка помош од Република Словенија во делот на јавните
финансии. Во рамките на дводневната посета на Словенија, Гошев и Мрамор ги
разгледале можностите за интензивирање на досегашната соработка, размената
на искуства во делот на даночната политика и нејзината улога во функција на
развојот на јавните финансии кои поуспешно влијаат на економскиот пораст.
Укинување на вонредната состојба во Србија?
Српскиот премиер Зоран Живковиќ ветил дека доколку не се случи ништо
посебно или инцидентно до Велигден, 27 април, Владата ќе & предложи на
привремената претседателка на Србија, Наташа Мичиќ, да ја укине вонредната
состојба. Таа е прогласена веднаш по атентатот на премиерот Зоран Ѓинѓиќ.
Македонско-албанска грижа
Треба да се формира македонско-албанско претпријатие кое ќе има целосна
контрола над Охридското Езеро и ќе го спречи неконтролираниот улов на
охридската пастрмка. Ова е став на членовите на Движењето на екологисти на
Македонија.
Македонија центар на пиратеријата
Според новиот директор на "Градски кина" во Скопје, Драган Живковиќ, во
киносалите во градот се прикажуваат два светски хита, а публиката е
незамисливо мала. Тоа се должи на фактот дека Македонија е центар на
пиратеријата на Балканот.
|