Македонски градежници во Ирак

Министерството за надворешни работи ја достави до Владата информацијата за вклучување на Македонија во обезбедувањето помош за Ирак во делот на хуманитарната помош, или во процесот на обновата на Ирак, каде би се вклучиле македонските градежни фирми. Македонските градежници се подготвуваат за евентуалните тендери, иако се скептици дека воопшто имаат реални шанси за ангажман.

Нападната полициска патрола

Рафален оган бил отворен врз полициска патрола во тетовското село Бродец, од правец на мостот на реката Пена. Еден од истреланите куршуми завршил во левата врата на службеното возило "лада нива".Во инцидентот нема повредени, ниту ранети полицајци.

Блокади кај Желино

Советот за организирање на протестите за ослободување на Кренар Османи и на други поранешни припадници на ОНА, осудени на затворски казни, по блокадата на автопатот Тетово - Скопје, на прес-конференцијата во Тетово не соопшти до кога ќе продолжат со блокадите.

Можни се порадикални протести, како што е блокирање и на државни институции и протестирање пред нив, а не само на патишта, изјави Абдулхалим Максути, претседател на советот.

Терористите на слобода

Политичките затвореници Албанци ќе бидат ослободени, а истовремено ќе бидат повлечени и обвиненијата за сите поранешни припадници на ОНА, изјавија анонимни извори на "Факти". Главниот обвинител на Македонија, Александар Прчевски, по консултации донел одлука Обвинителството да ги повлече сите обвиненија.

Разнесен "голф" на активист на ДУИ

Непозната експлозивна направа со голема разорна моќ експлодирала под автомобил "голф" со италијански регистерски ознаки, сопственост на Екрем Дардишта - Жути, што било паркирано на улица "Гоце Стојчески" во скопската населба Скопје - Север. Од силната детонација жртви и повредени нема, а била причинета голема материјална штета.

Бојку префрлен во струшкиот затвор

Макрото од Велешта, Дилавер Бојку - Леку бил префрлен од охридскиот во струшкиот затвор што е од отворен тип и во кој Бојку издржувал казна и порано. Одбраната на Бојку, веројатно, инсистирала пред правосилноста на пресудата со која тој доби шест месеци затвор за посредување во вршење проституција, наместо во Охрид казната да почне да ја издржува во затворот во Струга.

Велес ја тужи Топилницата

Општина Велес поднесе кривична пријава против Топилницата за олово и цинк, односно против нејзиниот сопственик - загадувач "Инвестас" ДОО Скопје. Ваквата одлука, според градоначалникот Аце Коцевски, се должи на неажурноста на Владата која претходно се обврза најдоцна до февруари да расправа за загадувањето во Велес, а тоа досега не го стори ниту на една своја седница.

Колеџ "Јахја Кемал" во Бутел 1

Во Општина Чаир деновиве ќе биде поставен камен-темелник на турскиот колеџ "Јахја Кемал" кој ќе се гради на игралиштето на фудбалскиот клуб Ударник, зад бензинската пумпа во Бутел 1.

Нова партија на земјоделците

Новата партија на земјоделците во Македонија ќе се вика Селанска работничка партија, а иницијатор за нејзино формирање е Вељо Тантаров, актуелен претседател на Сојузот на земјоделците на Македонија. Тантаров објаснува дека со влегувањето на оваа партија во Парламентот земјоделците ќе можат сами да ги "туркаат" своите проблеми пред законодавниот дом.

Притисоци врз железничките штрајкувачи

Селективното казнување на вработените во "Македонски железници" поради досегашното штрајкување беше повод за новиот штрајк на три од петте железнички синдикати што се одржа на деветти овој месец.

Тони Ѓуревски, претседател на Независниот синдикат на сообраќајниот персонал на железничарите на Македонија, истакна дека учесниците во февруарскиот штрајк биле казнувани селективно, односно од 260 машиновозачи и помошници се казнети 135 со намалување на износот на надоместоците за храна, превоз и на плата.

Поврзување на МТС и Телеком

Вториот мобилен оператор МТС може и практично да се поврзе на мрежата за фиксни телефони на "Македонски телекомуникации". Од Телекомот велат дека ги завршиле техничките подготовки за да се поврзат двете мрежи.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"