ЕКОНОМИЈА

Животниот стандард на маргините на сиромаштијата

БЕЗРАБОТИЦАТА И БЕСПЕРСПЕКТИВНОСТА – КОЧНИЦИ ЗА ГРАЃАНИТЕ

Пишува: Рената МАТЕСКА

  • Околу половина милион граѓани во Република Македонија се невработени, стечајци, технолошки вишоци, загубари кои мака мачат за да преживеат.
  • Излезот се бара во изготвување ефикасна стратегија за намалување на невработеноста и сиромаштијата, изготвување ефективни закони и користење поволни кредити за мотивирање на индивидуалното производство.

Статистиката говори дека граѓаните на Република Македонија пливаат во зоната на сиромаштијата. Армијата од стечајци, загубари, технолошки вишоци и невработени очекуваат еден ден и нив да ги огрее сонце, надлежните субјекти за нивната лоша состојба да изнајдат излез и да ги извлечат од социјалната бездна.

Малите и средните претпријатија во моментов апсорбираат околу половина од бројот на вработените во земјава, а доколку нивниот развој се насочи кон следење на економските текови и принципи, иднината на Македонија лежи во овој сектор. Малите бизниси претставуваат начин првенствено за самовработување на потесниот круг на семејството, со што се исклучуваат можностите за даночни и други затајувања што, пак, оди во прилог на државата. Ова неодамна го заклучија учесниците на семинарот организиран од Фондацијата "Фридрих Еберт", Институтот за социолошки и правни истражувања, Прима-центарот и Сојузот на работодавци на мали и на средни претпријатија.

СТРАТЕГИЈА

Во земјава не постои генерална стратегија која би била насочена кон редуцирање на невработеноста, за што делумно е потребно откривање на компаративните предности во земјава, откривање на квалификуваните работни ресурси. Меѓутоа, неопходно е и соодветно поврзување со финансиските извори, кредитни линии за чие користење кај нас нема доволно информираност, па се прават грешки во насочувањето на човечките и финансиските средства. Постојат редица примери каде се давале средства, во вид на поволни кредити или донации, но тие наместо да се искористат за малите и за средните бизниси, како двигатели на економскиот развој, се насочиле во друга насока. Ненаменското користење на средствата ги оставиле финансиски покуси оние на кои навистина им биле потребни средства, поради што тие пропаднале, истакна Сашо Трајкоски од Прима-центар.

Најголем проблем кај семејните бизниси е недоволната информираност за насочување на сите ресурси во одреден правец, а потоа и административните бариери кои го отежнуваат работењето во сите аспекти, почнувајќи од регистрирање на бизнисот до искористување средства за работење, преку кредитни линии, објасни Ивана Ефтимова од Здружението на работодавци, лоцирајќи ги горливите проблеми при отворање фирми од областа на малите и на средните бизниси.

КРЕДИТИ

Колку и дали во државава може да се живее од земјоделство?! Многумина кои се занимаваат токму со оваа дејност во последно време често се прашуваат за мотивираноста и перспективата на земјоделството во РМ. Познато е што се случува со тутунопроизводителите, со одгледувачите на овци, со млекопроизводитлите и слично.

Кредитот ИФАД2 што е од последната кредитна линија кој треба наскоро да стартува, покрај другото, предвидува голем број средства токму за овие претпријатија што се занимаваат со откуп, преработка и пласман на земјоделски производи. Доколку постојат интересенти, а државата обезбеди услови за користење на кредитот, мислам дека тоа ќе биде зајакнување на секторот за извоз, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Славко Петров, во врска со прашањето за перспективата на земјоделците и нивната мотивираност.

Заемот од ИФАД 2 изнесува 6,2 милиони, специјални права за повлекување (СДР), односно околу 8 милиони долари. Условите на заемот се 40 години рок на отплата, вклучително грејс-период од 10 години, со провизија за услуга од 0,75 отсто на годишно ниво. Проектот е пет години, со тоа што тој требаше да почне да се применува од 28 мај 2002 година до 28 мај 2007 година.

ЗАКОНИ

Со донесувањето на Законот за поттикнување на вработеноста Владата предвидува да се вработат значителен број лица кои досега работеа на црно, а наменет е првенствено за најзагрозените категории невработени, технолошки вишоци, социјалата и загубарите. За алармантната ситуација со невработеноста, за потребата од донесувањето на еден ваков закон говореше и министерот за труд и социјална политика, Јован Манасиевски. Во своето експозе тој кажа дека невработените ја достигнаа бројката 378.000 лица, а дека од примената на Законот се очекува да се вработат во период од две години меѓу 17.000 и 20.000 лица. Секое од тие вработувања ќе ја чини државата по 1.300 евра.


Индексот на цените на мало во март 2003 година во однос на истиот месец од 2002 година е повисок за 1,7 отсто, а во однос на декември 2002 година е повисок за 0,6 отсто. Кумулативниот индекс на цените на мало за периодот јануари - март 2003 година во однос на истиот период од претходната година е повисок за 2,0 отсто. Цените на стоките и услугите наменети за лична потрошувачка, мерени со индексот на трошоците на животот, во март 2003 година во однос на февруари 2003 година е на исто ниво, а во однос на март 2002 година се пониски за 0,3 отсто. Во рамките на индексот на трошоците на животот, цените на услугите во март 2003 година се повисоки за 0,1 отсто во однос на претходниот месец, а индексот на стоките е на исто ниво. Гледано по главни групи по намена на потрошувачката, во март 2003 година во однос на претходниот месец, намалувањето е забележано во групите: исхрана за 0,1 отсто и покуќнина за 0,2 отсто. Пораст на индексот на трошоците за живот е забележан во групите: тутун и пијалаци, огрев и осветление и сообраќајни средства и услуги за 0,1 отсто, култура и разонода за 0,2 отсто. На ниво од претходниот месец останаа индексите на групите: облека и обувки, хигиена, здравје и стан (станарина, вода и услуги). Кумулативниот индекс на трошоците на животот за периодот јануари - март 2003 година во однос на истиот период од претходната година е на исто ниво.


Економската комисија на Обединетите нации за Европа (УНЕЦЕ) во својата редовна прогноза на економскиот пораст во Европа оценува дека стапката на економскиот пораст во Македонија во 2002 година изнесуваше 0,3 отсто, додека за оваа година се прогнозира пораст од 2 до 3 проценти.

УНЕЦЕ во својот извештај ги намали прогнозите за економскиот пораст во земјите од Европската унија и во САД, пред се поради војната со Ирак. Според прогнозата, земјите од Источна Европа и поранешниот Советски Сојуз ќе забележат поволни стапки на пораст.

УНЕЦЕ ја намали прогнозата на пораст на САД годинава од три на 2,5 проценти, на Европската унија од 2,5 на 1,6 проценти, додека за еврозоната се прогнозира пораст од 1,4 отсто.
Земјите од Источна Европа и од поранешниот Советски Сојуз и натаму остануваат отпорни на опаѓањето на светскиот економски пораст. Стапката на економски пораст на целиот регион лани изнесувала 4,1 отсто, а за годинава се прогнозираат 4,2 проценти. Највисока стапка на економски пораст во рамките на Источна Европа годинава треба да достигнат трите балтички држави - 5,1 отсто и земјите од Југоисточна Европа, чиишто економии се очекува да растат со стапка од 4,9 проценти.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"