ПОЛИТИКА

Проблемите во Македонската православна црква не се решаваат

МОЛКОТ Е АТОМСКА БОМБА ЗА МПЦ

Пишува: Кокан СТОЈЧЕВ

  • Зоран Вранишковски повеќе не е енигма за православните христијани во Македонија. Тој е бојадисан со сите бои. За разлика од него, некои други архиереи на МПЦ го скриваат својот кукавичлук и дволичноста.
  • Вториот акутен проблем, со кој со години се соочува Синодот на МПЦ е положбата на Австралиско-новозеландската епархија која очигледно само на хартија постои. Раздорот меѓу верниците и надлежниот архиереј, владиката Петар, е голем. Имотот ги скара верниците и духовниот водач.
  • Методот што го одбрал за комуникација и решавање на горливите проблеми Неговото Блаженство, г.г. Стефан, не е соодветен на времето што го одбележува постоењето на Македонската православна црква.

Состојбите во Македонската православна црква се статус-кво. Никој за нив ништо не зборува, освен што на времето му се дава време да ги замолчи разногласијата, сопките и заткулисните борби во Синодот. Во меѓувреме расколникот, разрешениот велешки владика Јован, Зоран Вранишковски, во Битола царува, дига џева и попува. Бидејќи неговите ментори во "Синодот" дозволуваат да се разгоропадува и да прави 'ршум меѓу Македонците и преостанатите православни христијани.

Австралиско-новозеландската епархија и натаму е "отцепена", бидејќи тамошните верници не му веруваат на надлежниот архиереј, владиката Петар, кој се обидува по судски пат да ја истера религиската правда. Но, како што се одвиваат работите на петтиот континент, правдата е далеку, а духовното обединување на македонските иселеници со матицата (МПЦ) е уште подалеку. Затоа, состојбите во МПЦ, се лоши, иако навидум Архиепископот Охридски и Македонски, Неговото Блаженство, г.г. Стефан, по последно време ги затегна уздите и не дозволува некоја информација да протече надвор од црковните двери. Сепак, овој премногу задоцнет потег не овозможува забрзано средување на анархијата што ја зафати нашата духовна мајка која не обединува и ни овозможи многувековно национално опстојување на овие простори.

СИНОДОТ

Зоран Вранишковски повеќе не е енигма за православните христијани во Македонија. Тој е бојадисан со сите бои. Но, за разлика од некои други архиереи на МПЦ кои го скриваат својот кукавичлук и дволичноста, тој барем има храброст да го покаже својот карактер. Затоа, "ex" владиката Јован, е најмал проблем во јатото (Синодот) на Македонската православна црква. Впрочем во ова дувло се кријат многу поголеми виновници за состојбата во Црквата. Дел од нив премолчено го поддржуваат патешествието на одметнатиот Вранишковски, кој се уште од за нас неразјаснети причини не е расчинет или народски кажано избркан од МПЦ. Процедурата се одолговлекува затоа што смерниците за неговите активности ги даваат моќните духовни оци чија позиција во Светиот архиерејски синод не е кристално чиста и јасна. Но, доушниците велат дека и нивната позиција не е силна и затоа се немоќни во извршувањето на задачата. Инаку, како потврда на нашава теза е изјавата на портпаролот на МПЦ, владиката Тимотеј, кој за "Утрински весник" потенцираше дека расчинувањето на поранешниот велешко-повардарски владика ќе се стави на дневен ред по завршувањето на судската постапка која против него се води во велешкиот суд. Вранишковски се товари за злоупотреба на близу 500.000 евра, а правниот застапник на МПЦ во овој судски процес, адвокатот Јован Трпеновски, нагласува дека обвинението ќе биде проширено и за незаконските дела што тој ги направил додека бил на член на Брегалничката и Преспанско-пелагониската епархија.

Патот за хиротонисувањето на Зоран Вранишковски е познат. Тој е роден на 28 февруари 1966 година во Битола. Завршил Градежен факултет во Скопје. По завршувањето на Богословскиот факултет во Белград, неговиот духовен татко владиката Петар, го поставува за раководител на митрополската библиотека. Вранишковски е српски ученик како и многумина владици во МПЦ. Меѓутоа, дипломата ја добива на Богословскиот факултет во Солун каде го подготвува својот докторат. Замонашен е на 7 февруари 1998 година, а во истата година на 13 јули е хиротонисан за викарен епископ на Преспанско-пелагониската епархија, од каде на 12 март 2000 година е префрлен за епископ Брегалнички од каде по бунтот на свештениците од оваа епархија со благослов на Синодот беше префлен да раководи со Повардарската епархија. Од тоа време се памети и настанот што се случил за време на литургијата во црквата "Свети Никола" кога свештеникот Киро Давчев бил удрен со шлаканица од поранешниот владика Јован. Тоа, според добрите познавачи на канонските правила на МПЦ, било доволен мотив за расчинување, бидејќи е забрането да се крене рака на свештеник и на верник. Но, тоа не беше доволен мотив да се поведе постапка за расчинување, а Вранишковски продолжи со своите духовни и религиски баханалии. Црквата ја осиромаши за многу пари што верниците & ги подариле за нејзино функционирање и реставрирање на духовните храмови, а подоцна Вранишковски стапи во канонско обединување со Српската православна црква. Ако Светиот архиерејски синод околу проблемот со расчинувањето на поранешниот владика Јован и натаму молчи и доцни со донесувањето на конкретната одлука, тогаш молкот е најголем аргумент за Вранишковски. Меѓутоа, токму молкот е атомска бомба за Македонската православна црква. Затоа, времето што врви е скапоцено за Црквата, но тоа дава доволен простор за манипулација и за преживување на улогата на "ex" владиката Јован.

ГОЛЕМА БОЛКА

Вториот акутен проблем со кој со години се соочува Синодот на МПЦ е положбата на Австралиско-новозеландската епархија која очигледно само на хартија постои. Раздорот меѓу верниците и надлежниот архиереј, владиката Петар, е голем. Имотот ги скара верниците и духовниот водач. Тие дури на суд каде се трошат големи доларски износи не се мирисаат, иако станува збор за религиски и православни прашања кои можат да се разрешат ако се има добра волја на двете инволвирани страни.

Според Статутот на Македонската православна епархија за Австралија и Нов Зеланд, објавен во службениот весник на МПЦ, број 1 од 2002 година, Епархијата е составен дел на Мајката - МПЦ, со седиште во Скопје, и е под нејзина канонска јурисдиксција, пишува во членот 1 од Статутот. Од истиот документ, во членот број 2, се вели дека своето верско учење и управување го ускладува со Светите канони, Уставот на МПЦ, а особено со членовите 6, 10 и 11, како и со другите правилници и црковни закони, прописи и правила што се одобрени од САС на МПЦ. Телата што управуваат со Епархијата се црковно-епархиски и црковно-управни. Но, најголема болка, според Македонците во Австралија, претставува членот 95 кој се однесува на имотите и на фондовите. Во него пишува дека имотите и фондовите на црквите, парохиите и црковните општини, се составен дел на Епархијата, односно се имот на МПЦ (клирот и верниците). Тие служат за потребите на црковните општини, парохиите, училиштата, црковно-просветните и хуманитарните орагнизации и цели на Епархијата.

Во последниот став од овој член се потенцира дека "за да се избегнат поделби, расколи и незаконско/неканонско отуѓување, на епархиските, црковно-општинските, црковните, парохиските и манастирските имоти, фондови и легати, се донесува закон за старателство на имотите на МПЦ во Парламентот на државите на Австралија. За таа цел се создава Епархиски одбор на Доверители (член 96) чија функција се објаснува со членовите 97, 98, 99, 100 итн. Но, дел од овие статутарни одредби не ја разјаснуваат положбата на црквите во Австралија кои се изградени со донации на нашите иселеници, а функционираат на овој континент како приватни компании. Расколот е евидентен и тој нема брзо да се смири. Зошто? Интересите се во прашање, не опстанокот на МПЦ и македонското национално ткиво. Оваа работа многу е замрсена и тешко кој може да ја отплетка, бидејќи и претходно не успеа да го реши проблемот мошне ценетиот, сега Блаженоупокоен архиепископ Михаил.

Неговото Блаженство, г.г. Стефан, не ги држи конците во свои раце. Тој е виновен што одредени архиереи не ја уживаат поддршката меѓу македонските верници. Благиот карактер не му дозволува да се размавта и да ги среди односите во Синодот и внатре во Македонската православна црква, а често пати задоцнетите одлуки се враќаат како бумеранг врз положбата и состојбата во МПЦ. Затоа методот што го одбрал за комуникација и решавање на горливите и акутни проблеми не е соодветен на времето што го одбележува постоењето на Македонската православна црква. Згора на тоа, упразнетите места за надлежни архиереи во одредени епархии е капак на се она што во последно време се случува во Црквата. Во неа има многубројни напластени проблеми кои чекаат да се разрешат. Но, дали има волја и единство во Синодот на Македонската православна црква? По се изгледа дека нема. Ако единството досега се манифестираше, немаше да се појави проблемот со разрешениот владика, а немаше да се одголговлекува и расколот со верниците во Австралија. Тој ќе се решеше во полза и на верниците Македонци, но и на Македонската православна црква. На тој начин, нашите иселеници ќе добиеја надлежен архиереј чие седиште одамна требаше да се дислоцира во ова исклучително важно подрачје за македонскиот народ и држава.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"