акедонија, за жал, се уште се
соочува со последиците од војната во 2001 година. Во колективните центри се
уште престојуваат семејствата на протераните Македонци од кризните региони,
а судбината на 12-те киднапирани Македонци се уште не е расветлена. Се
менуваат политичари, влади, а со тоа и ветувањата, но животот на луѓето
жигосани од војната никогаш повеќе нема да се врати во нормала.
Никогаш нема да биде како пред воените дејствија во 2001 година. Нашите
куќи можеби ќе бидат поправени, но патешествијата и перипетиите доживеани со
протерувањето од родните огништа остануваат засекогаш, коментира еден
протеран тетовец.
Врз основа на заклучокот на Владата на РМ, поаѓајќи од сознанијата на
Министерството за внатрешни работи дека безбедносната состојба е поволна,
притоа имајќи ја предвид извршената дерегистрација на протераните лица од
страна на Меѓународниот комитет на Црвениот Крст, податоците на IMG за
оштетени куќи од 3 и 4 категорија кои се во постапка на обнова,
Министерството за труд и социјална политика ги извести протераните Македонци
најдоцна до 07.03. 2003 година да ги напуштат колективните центри. Како
резултат на ваквата акција на Владата минатиот месец студентскиот дом "Стив
Наумов" во Скопје го напуштија околу педесетина семејства кои се вратија во
Непроштено, Лешок, Теарце, Доброште и преостанатите села од тетовскиот
кризен регион. Дел од семејствата, сепак, решија да останат во колективните
центри повторувајќи дека стравуваат за себе и за своите семејства, со оглед
на постојаните инциденти во кризните региони. Против одлуката на
македонската Влада за враќање на протераните Македонци во кризните региони
реагираше и Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија. Тој
нагласува дека не се создадени минимални стандарди за враќање на протераните
лица и дека не се точни сознанијата на МВР дека безбедносната состојба во
Тетово и тетовските села Непроштено, Лешок, Теарце, Отушиште и Јегуновце е
поволна.
Според најновиот преглед на протераните лица од кризните региони
евидентирани во Црвениот крст на Република Македонија, регистрирани се
вкупно 6.060 лица. Од нив во Колективните центри се сместени 1.535 лица,
додека во домаќинства се сместени 4.525. Од колективните центри во Скопје
најмногу протерани Македонци се сместени во кампот "Пелагонија", вкупно 216,
додека во кампот "Стив Наумов" има 174 лица. Во камповите "Дом за стари", "Интернат",
"Кристал" и "Куба" во Куманово престојуваат 406 лица, односно 147 семејства
на протерани Македонци.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст нагласува дека ќе продолжи со
давање помош во храна во колективните центри за сите протерани лица
регистрирани од страна на Црвениот крст. МКЦК информира дека секој месец, до
крајот на јуни 2003 година, ќе ги снабдува кујните во центрите со по 12
килограми брашно и еден пакет со храна за секое раселено лице.
ПОСТАПКИ
Одборот на раселените Македонци и Срби од селата Матејче, Опае, Ропаљце и
Думановце ги обвинија своите соседи Албанци дека од нивните дворови и ниви
прават селски депонии. Деновиве кога еден од протераните лица од селото
Матејче заминал да го посети својот дом видел дека во нивната нива има
исфрлено од камиони и трактори над 40 приколки шут. Тој ги алармирал
протераните Македонци и Срби по што од извршената проверка било заклучено
дека семејните дворови и необработливото земјиште на Македонците и Србите се
затрупани со купишта ѓубре и претворени во диви депонии. Протераните
побарале помош од ОБСЕ за спречување на ваквата појава, но тие ги упатиле да
се обратат во УНХЦР и до локалната полиција, бидејќи не можеле да се мешаат
во вакви работи. Матејчани се огорчени од постапката на своите соседи
Албанци и наведуваат дека тоа не води кон нормализирање на меѓуетничкиот
соживот во липковскиот регион. Од постапките на своите соселани - Албанци
негодуваат и протераните Македонци од Арачиново чиишто домови се честа мета
на пожари подметнати од непознати сторители.
ОБНОВА
Парите обезбедени од холандско-германски и италијански донатори за
реконструкција на оштетените куќи во селото Матејче, поточно 6,3 милиони
евра, ќе бидат пренасочени за обновата на Авганистан и Ирак, доколку
протераните Срби и Македонци не го потпишат трипартитниот договор што го
нуди Владата. Овие средства се дел од целокупната помош од 32 милиони евра
што Македонија ги добила за реконструкција на објектите во сите кризни
подрачја. Ултимативната закана до протераните матејчани дека ќе останат без
парите за реконструкција на куќите, а државата без наменски средства, им ја
упатиле владините претставници, откако тие одбиле да ги потпишат
трипартитните договори. Над 130 семејства одбиваат да ги потпишат договорите,
бидејќи како што велат, државата не сака да изврши проценка на нивниот
движен и недвижен имот што го поседувале пред војната. Во мај ќе се навршат
две години од насилното протерување на Србите и Македонците од Матејче кои
незадоволни од нерешавањето на нивните проблеми најавуваат поригорозни мерки
во знак на протест. Моментната безбедносна состојба се уште не дозволува
протераните матејчани да се чувствуваат сигурно и да се вратат да живеат во
селото.
НЕНАДЛЕЖНИ
Досега бевме кај сите релевантни субјекти во државава. Кај Претседателот
на РМ, Претседателот на Собранието и кај Претседателот на Владата. За жал,
сите се оградуваат од нашиот проблем и се прогласуваат за ненадлежни за
случајот, ни изјави Војо Гоговски, претставник на роднините на 12-те
киднапирани Македонци кој уште не информираше дека во постапка е
регистрирање на здружение на роднините на киднапираните.
Веќе втора година роднините на киднапираните Македонци трагаат по
вистината за судбината на своите најблиски, престојувајќи по ходниците на
релевантните субјекти кои засега ништо не сторија за расветлување на
случајот. Освен шпекулации на тема "живи се или не" и директно посочување на
командантот Лека за директен виновник за киднапирањата, ништо ново нема за
случајот 12 киднапирани Македонци.