ПОЛИТИКА

ПОПИС: Информацијата на "Тагес Шпигел" дека Албанците во РМ се 19 отсто ја разбранува јавноста

ЌЕ ВАЖИ ЛИ РАМКОВНИОТ ДОГОВОР?!

Пишува: Жаклина МИТЕВСКА

  • По објавувањето на веста во берлинскиот весник "Тагес Шпигел" дека процентот на албанското малцинство во РМ веројатно изнесува само 19 отсто од вкупното население, наместо 30 колку што тврдеше албанската страна, во јавноста се појавија многу реакции. Според некои станува збор за шпекулации, а според други со ваквата застапеност на Албанците во РМ се доведува во прашање охридската спогодба.
  • Тоа значи дека рамката која ни ја сервираа од Западот ќе се скрши, а можно е Албанците да посегнат повторно по оружјето. Ќе имаме ли тогаш ново сценарио, како она во 2001 година, ќе имаме ли нови жртви?

Резултатите од Пописот што се одржа во РМ во 2002 го-дина не се табу-тема во вр-ска со бројот на Албанците во државава. Со нивниот број во последниве десетина и повеќе години се шпекулираше. Се повеќе се потврдуваат информациите дека Албанците се во помал број отколку што очекуваше албанското малцинство и меѓународните фактори. Меѓутоа, деновиве се дигна голема прашина околу нивната вистинската бројка, која сепак треба да ја потврди Државниот завод за статистика.

Станува збор за веста што ја објави угледниот берлински весник "Тагес Шпигел" според кој процентот на албанското малцинство во Македонија веројатно изнесува само околу 19 отсто од вкупното население, наместо 30 отсто како што тврдеше албанската страна.

Албанците во држава не се согласуваат со ваквите тврдења. Координаторот на ДУИ, Хисни Шаќири, ќе прокоментира дека во јавноста постојано се зборува за голем албански наталитет и ќе запраша како може во 1994 година процентот на застапеност на Албанците да биде 23, а сега 19 проценти.

Ова е само една смешна и чиста провокација која нема никаква логика. Не подлегнувам на такви провокации и ова е само скандал што не може да кореспондира со реалноста, иако можеби некој го посакува тоа. Ние работиме на меѓуетничката доверба, а таквите информации само водат кон нарушување на меѓуетничките односи, смета Шаќири.

Од друга страна, пак, ако се точни ваквите шпекулации, ќе се доведе во прашање охридскиот Договор, а тоа може да биде причина за нова дестабилизација на државава. Токму затоа и овој весник вели дека македонската Влада го одложува објавувањето на резултатите од Пописот, бидејќи би можело да се утврди дека учеството на албанското население е многу помалу од очекуваното и дека тоа може да го загрози целокупниот мировен процес од Охрид. Тоа значи дека рамката која ни ја сервираа од Западот ќе се скрши, а можно е Албанците да посегнат повторно по оружјето. И што е најтрагично, тие можат да се пожалат кај меѓународната заедница дека Македонците ја злоупотребуваат нивната бројка. Ќе имаме ли тогаш ново сценарио, како она во 2001 година, ќе имаме ли нови жртви?

АНАЛИЗА

Резултатите од Пописот беа тема на анализа и на други германските медиуми. "Франкфурт алгемајне цајтунг" вели дека сега западните дипломати во Скопје прават стратегија како да се постапи, ако при конечните резултати од Пописот се покаже дека процентот на Албанците е под 20 отсто. Весникот шпекулира дека е можно пописните резултати да се наштелуваат во интерес на охридскиот Договор.

Западни дипломати за македонски медиуми изјавиле дека дипломатите многу добро знаат колкава е застапеноста на етничките Албанци во Македонија. Според западен дипломат, пописот ќе биде објективен и ќе покаже дека застапеноста на Албанците во вкупниот број на населението е 17,8 проценти.

Стравувањата дека оваа бројка ќе се одрази негативно врз безбедносната состојба за СДСМ и за ДУИ се обични шпекулации. За двете партии резултатите од Пописот не треба да се доведуваат во врска со безбедносната состојба во РМ. Од друга страна, пак, упатените велат дека ваквата бројка ќе го испроблематизира спроведувањето на Рамковниот договор. СДСМ ќе ги чека официјалните резултати од Пописот и смета дека тие не треба да бидат коментирани од ниту една партија. Портпаролката на ДУИ, Ермира Мехмети, оценува дека нема основа да се стравува од каква било дестабилизација на земјата. Мехмети изјави дека не е прашање дали Албанците ќе бидат под 20 отсто, туку колку ќе бидат над 20 отсто.

За Илјаз Халими, потпретседател од ДПА, нема логика резултати да бидат помали од оние од претходниот попис.

Според наталитетот, тој број треба да биде многу поголем. Форсирајќи помали бројки, некој веројатно го подготвува теренот за да се излезе со конечна бројка од околу 24 - 25 отсто и со тоа да се смират Албанците. Реално, таа бројка треба да биде околу 30 отсто, вели Халими.

Агрон Буџаку од ДУИ вели дека не би требало да се коментира информацијата на берлинскиот весник "Тагес Шпигел", според кој процентот на албанското малцинство во Македонија веројатно може да изнесува само околу 19 отсто од вкупното население, бидејќи според него станува збор за непознат весник. Тоа, како што вели Буџаку, е исто како кога би коментирале текст објавен во некој весник од Таџикистан или Филипини, во кој било напишано дека Албанците се 50 проценти од населението во Македонија.

Меѓутоа, во јавноста проструија информации дека според последниот Попис, бројот на Албанците во Македонија би можел да биде помал од оној од 1994 година. Таквите констатации се потврдуваат со тезите дека голем број од Македонците муслимани и Турци кои од најразлични политички или социјални причини во претходниот Попис се декларирале како Албанци, сега слободно се изјасниле на која нација & припаѓаат. Од друга страна, пак, во новиот Закон за попис постои одредба според која лицата кои се подолго од една година во странство не се опфаќаат со Пописот, а познато е дека голем бројот на лицата од албанското малцинство во Македонија работат во странство.

Претседателот на Државната пописна комисија, Зоран Крстески, вели дека Заводот за статистика ги спроведува вкупните активности околу обработката на податоците од Пописот, во согласност со Законот за попис и во зависност од тоа како се тие готови. Крстевски исто така смета дека објавеното во "Тагес Шпигел" е чиста шпекулација и нечија политичка игра.

За Дончо Герасимовски, советник за статистички истражувања во Регионалното одделение за статистика, нема теорија процентот на Албанците да изнесува околу 19 отсто од вкупното население.

Тоа што го пишува во весникот е обична шпекулација и лоша политичка порака. Државниот завод за статистика се уште ги обработува податоците за етничката структура и оттаму е неблагодарно да се калкулира со некои проценки. Според законот, официјалните податоци за Пописот треба да се комплетни до 30 ноември, вели Герасимовски.

Портпаролот на Државниот завод за статистика, Татјана Митевска, појаснува дека став на Заводот е да не се коментираат шпекулации во врска со националната структура, туку само резултати добиени од стручните, професионални обработки, во согласност со утврдената законска процедура.

И Борјан Јовановски, портпарол на Трајковски, вели дека не сакаат да коментираат неофицијални податоци и дека ќе ги почекаат официјалните резултати од Пописот.

И додека "се крчкаат" податоците, Владата ја стави во мирување Државната пописна комисија, а Заводот за статистика ја исклучи од соработка. Претседателот на ДПК, Зоран Крстевски, вели дека побарале за статусот и мандатот на комисијата да се изјасни Владата и предупредува дека ако Владата не се изјасни за статусот на Комисијата, таа ќе згасне и нема да сноси одговорност за објавувањето на конечните резултати. Владата, како што изјави Крстевски за некои медиуми, ги известила членовите на Комисијата дека им престануваат сите права на материјални трошоци, што според него е своевидно укинување на Комисијата. Сега Комисијата нема ниту простории, секратар и документација на располагање.

Татјана Митевска, портпарол на Државниот завод за статистика, вели дека во моментов Комисијата според одлука на Владата е ставена во мирување и не може да стане збор за тоа дека Заводот ја исклучува од оваа фаза на работата со Пописот.

И додека ДПК се бори за својот статус, останува дилемата дали е во прашање некаква игра на релација Влада - Завод за статистика?!


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"