вајца малолетни насилници со 12
убода со нож искасапиле врсник што сакал да спречи расправија за 20 денари
меѓу две групи средношколци на 30 март оваа година околу полноќ во скопската
населба "Јане Сандански". Храбриот седумнаесетгодишен средношколец А.М.
облеан со крв со крајни напори успеал да стаса дома, а татко му го однел во
скопската Градска болница каде што му била укажана лекарска помош.
Вакви и слични настани стануваат честа појава во Скопје, а не се
поштедени ни другите градови во државава. За жал, младите се повеќе и повеќе
стануваат жртви на меѓуетнички фрустрации. Насилството, тепачките, дури и
убиствата оставаат белег пред се на средношколците, иако ни повозрасните не
се цвеќе за мирисање. Дали и колку обичните граѓани се безбедни на улица,
станува симптоматично прашање. Уште понејасно е прашањето каде и за што одат
давачките за државава наменети токму за безбедноста!
ТЕПАЧКИ
Тројца средношколци биле тешко повредени кога група средношколци -
Албанци почнале да ги тепаат патниците во автобус на ЈСП "Скопје" на први
април оваа година кај Бит-пазар, а тројца полицајци им дозволиле на
насилниците да избегаат, тврдат возачот и патниците. ЈСП со службена белешка
побарало одговорност од тројцата сообраќајци од Полициската станица за
безбедност на патниот сообраќај. Патниците тврдат дека двајца од полицајците
биле Албанци. Инцидентот се случил среде бел ден во автобус на линијата 54.
Најголем дел од патниците биле средношколци кои оделе на училиште.
МВР ја утврдува одговорноста на тројцата полицајци кои на група
средношколци - Албанци им дозволиле да избегаат од автобусот во кој ги
тепале патниците.
Се преземаат мерки и активности за утврдување на одговорноста на
полициските работници што не постапиле во согласност со своите овластувања и
дозволиле насилниците да избегаат, гласеше официјалното соопштение од
страна на МВР.
Кај АСУЦ "Боро Петрушевски" триесетина средношколци - Албанци насилно ги
отворија вратите и влегоа во автобусот. Тоа секојдневно се случува. Сите што
седеа во задниот дел на двојниот автобус отидоа напред, но набргу Албанците
се распоредија во целиот автобус. До Бит-пазар немаше проблеми, но тогаш
одеднаш чув извици од патниците. Групата ги тепаше сите по ред,
коментира возачот Томе Соколовски.
Напаѓачите прво ги повредувале патниците, од кои најголем дел биле
средношколци, а потоа почнале да ги тепаат со тупаници, шипки и со синџири.
На некое момче дури му ги искршиле забите. Возачот го сопрел автобусот пред
тројца полицајци на кои им кажал дека во автобусот има тепачка на што тие
воопшто не реагирале и дури ги пуштиле агресивните Албанци да избегаат.
Поднесовме службено барање за одговорност на полицајците. Не е битно дали
биле Албанци, дали биле сообраќајци или приправници, тие носат униформа и
мора да реагираат за да ги заштитат патниците. Возачот постапил според
правилата, ги довел патниците до полицајци, но тие не реагирале, вели
Доне Мокриевски, раководител на службата за внатрешна контрола во ЈСП, каде
што велат дека нивните контролори не можат да работат низ места населени со
албанско население, оти таму биле напаѓани и малтретирани.
По овој инцидент може само да се претпостави колкава е довербата на
граѓаните во лицата надлежни и платени да се грижат за безбедноста!
ЛИНЧ
Толпа од околу триесетина скопјани на возраст од 16 до 30 години на трети
овој месец на Бит-пазар кај ќебапчилницата "Пчела", без посебна причина и
повод, за малку ќе линчувале 19-годишно момче, кое со сериозни повреди било
пренесено во Градската општа болница. Според лекарите, по укажаната лекарска
помош, претепаното момче било пуштено на домашно лекување. Сличен инцидент
дента бил регистриран и во автобус број 2, што сообраќа на релацијата
Автокоманда - Сарај. Тогаш од поголема група непознати лица од албанска
националност, без посебна причина бил нападнат 18-годишниот А.К. И двата
споменати случаи се само продолжение на инцидентите од претходните денови во
кои без посебна причина се напаѓаат меѓу себе, пред се, средношколците од
повеќе скопски училишта.
КУРШУМ
Истрелан куршум завршил во соба од семејна куќа на битолчанец каде што во
тој момент имало голем број гости на први април оваа година. За среќа, во
инцидентот нема повредени лица. Засега се уште не е познато дали непознатото
лице што пукало имало намера да ја погоди собата или куршумот залутал
случајно. Испуканиот куршум со калибар од 9 мм завршил во дневната соба на
битолчанецот Н.Н. во куќа на улицата "Мукос", во населбата "Баир". Зрното го
скршило прозорецот, удрило во спротивниот ѕид, се одбило и паднало на земја,
без да повреди некого од присутните.
Ден потоа четири лица беа потешко ранети во вооружена пресметка меѓу две
групи во Тетово. Настанот се случил околу пладне на просторот кај тетовскиот
парауниверзитет.
Наредниот ден, исто така, во Тетово истрелан куршум му ја прострелал
ногата на осумнаесетгодишно момче од тетовското село Мала Речица, на улицата
"Илинденска". По несреќниот случај минувачи го однеле ранетото момче во
тетовскиот Медицински центар каде што бил задржан на лекување.
ОРУЖЈЕ
Присуството на малото оружје е дестабилизирачко, уништувачко и доведува
до општествена, политичка и економска нестабилност. Се проценува дека речиси
90 отсто од криминалните дела се извршуваат со нелегално оружје, кое
претставува голем трошок за државава. Претпоставките се дека има од 50
илјади до 700 илјади парчиња оружје и дека 100 милиони евра се трошат за
мало оружје во РМ, истакна Фроде Мауринг, претставник на УНДП, кој со
првиот полицаец Хари Костов потпишаа договор со кој се обезбедува донација
од 230 илјади долари за подготвителните активности за реализација на
Проектот "Контрола на малото оружје во Македонија".
Министерот Костов информираше дека МВР изготвило закон за предавање на
малото оружје, заснован врз моделот на УНДП "Оружје за развој" и тој во
моментов е на разгледување во другите министерства. Овој предлог-законски
текст наскоро ќе биде презентиран пред Владата, по што ќе биде даден во
собраниска процедура.
Додека процедурата е во тек, оружјето и уличното насилство ќе цветаат во
државава.