бичниот граѓанин нема ништо
против државата да се обезбеди со систем за одбрана, ама системот да биде
контролиран оти многу лесно може да се претвори во - "надсистем"... Во не
многу далечно време, познавав еден шеф на државната безбедност, чесен човек,
како оној Нуридин, прекопиран од "Дервишот и смртта", кому доушниците почнаа
да му доставуваат информации кој колку шајки украл, кој колку деланки
изгорел, кој колку листови хартија потрошил... И тој шеф на безбедност се
претвори во доктор Мабузе, човек кој во градот знаеше се и сешто, и за
секого. Почна да станува опасен дури и за налогодавачот, па по некое време
просто исчезна.
Аферата "големото уво" што на 17 јануари 2001 година ја обелодени лидерот
на опозицијата, Бранко Црвенковски, долго време (две години) ја
компромитираше македонската држава во светот на демократските и правни
држави кои не дека немаат систем за прислушување, но имаат ред и правила во
прислушувањето. И кога се откри кој прислушува и за чија сметка, многумина
се зачудија, а многумина рекоа: што е тоа чудно, Доста Димовска никогаш не
била демократ, туку архетип на агентките од ЧЕКА!
За Калигула, велат, кога неговите ќе фатат некој шпион испратен од
Тоскана во Рим, ќе му го претстават, а тој ќе им речел: Најадете го, напијте
го и потоа знаете што треба да му направите.
И Македонија е држава на која & е потребна безбедност. Ама изгледа
поранешната власт државата ја стави во функција на безбедноста, од која
сакаше да направи - монструм. Што се случи, како се случи, некои нејаки "конструкции"
попуштија и апаратот падна. Не оти Бранко го откри, не оти Ставре Џиков
затаи, не оти некој Цветков на погрешни дежурни се потпрел... Туку
едноставно затоа што така не оди: ниту една приватна безбедност не ја
надживеала - државната... Додека беа во спрега Љубчо и Доста, одеше некако.
Кога ги вкрстија внатрешно-партиските мечеви, јазолот што ги држеше го
пресекоа и друго чаре немаше, освен аферата да се расветли. Две и повеќе
години бевме сведоци на "големото уво, а држава глува".
Ич не ме интересира исходот од процесот ако евентуално го има, оти се
уште "главите ни се закопани во песокот". Тоа им го препуштам на љубопитните
кои сакаат "туѓа крв". Мене ме интересира мојата безбедност денес и - утре:
Дали ме прислушува, зошто ме прислушува, колку сум опасен по Македонија,
зошто сум опасен?!
Не се занесувам дека, иако сум обичен, не можам утре да ја изневерам и
издадам Македонија, но страв ми е да не ми подметнат "бумбар" оти не сум во
ниту една партија. А, ако сакаат да им пристапам, нека направат држава, а не
територијален импровизориум што ќе го чуваат партиските гвардијани.
Аферите ја следат Македонија откако се осамостои тотал. Се некои сенки од
економски криминали, фалсификувани избори, сомнителни спреги на шверцери со
политичари... Е, не ни достигаат единствено љубовни афери, но и нив ќе ги
имаме кога ќе им дојде време.
Петтата Управа во системот за разузнување на Македонија не е МИ-6, иако и
таму во Лондон не е се "мед и млеко" за да не се открие по некоја глава со
путер на темето. Меѓутоа, нашата Петта Управа е чудна творевина за чија
архитектура не смее да се расправа... Тоа не прави "среќни" оти не сакаме да
знаеме свесно за што ни работат тие кои не - обработуваат.
Прислушувањето е опасна работа. Ако избега од контрола, се претвора во
електрична пила што му ја сече главата на наредбодавачот. Ме охрабри
барањето на Бранко Црвенковски да се формира Анкетна комисија за случајот
Петрит Аме. Што ако е Премиер! Нека се расветлат сите сомнежи, за да може
уште подобро и поавторитетно да премиерува, или ако е виновен, нека си оди.
Меѓутоа, и Љубчо Георгиевски не треба да побегне од одговорноста, ако ја има,
за аферата "прислушување"... Две години ја оддолжуваше, којзнае зошто?!