КОМЕНТАР

Македонски плурализам

ВТОРИОТ ПОРАЗ НА БРАНКО

Пишува: Мишко ТАЛЕСКИ

  • Не е среќна ниту една земја која на својата територија има војници на туѓи земји кои треба да го гарантираат мирот и спокојството на граѓаните. Не е среќна, бидејќи со тоа се потценува нејзината способност самата да се справи и да ги решава предизвиците и проблемите на новото време.
  • Повторно по којзнае кој пат нашите големци ја применуваат т.н. банана дипломатија по принципот "еве ти, за да ми дадеш". Официјален Вашингтон и американската дипломатија неколкупати ни повторија дека пазарење и трампање со американските интереси нема, а нема ни да има.

По зелените лисици и распеаните хармоникаши деновиве ни дојдоа и конкордите. Ќе не штитат од злото на разгранетиот глобален тероризам, но и од овој нашиот, локалниот. Познато е колку нивните претходници ги постигнаа целите во својата мисија, па овие третите по ред од завршувањето на воената драма тргнуваат со нов елан и ентузијазам. Тоа пред се затоа што тие ја сочинуваат првата мисија на ЕУ под униформа, факт што не треба да се запостави и што ќе го стави официјален Брисел на сериозен потег.

Но, ако овој проект биде извонреден успех за телата на ЕУ како противтежа на структурите на Северноатлантската алијанса, тоа не може да се каже и за Република Македонија како суверена и независна држава. "Конкордите ќе бидат и веќе се вторпат последователен пораз на владиниот кабинет на Црвенковски и нему лично. По оној шемшовскиот, јавно признат пораз на старо-новите социјалдемократски владетели, овој со конкордите очигледно ќе има малку позавиена форма. Се сомневам дека Црвенковски и овојпат ќе има доблест да го признае индиректниот пораз на теренот. Велам индиректен, бидејќи конкордите не доаѓаат по вина на нашиот Премиер, туку поради околностите во поширокиот балкански регион.

КИСЕЛА ФАЦА

Но, кога би се навратиле неколку месеци наназад за време на изборната кампања или на стартот на преземањето на власта, мошне јасно ќе се забележи тогашната заложба на Црвенковски дека ќе стори се што е во негова можност повеќе Македонија да не биде домаќин на мировни трупи. А, деновиве тие во нов облик и под знамето на друга континентална асамблеа остануваат и во наредните шест месеци. Црвенковски не го скри своето незадоволство и пред Солана и грчкиот претставник, но и пред целокупната македонска јавност од доаѓањето на конкордите. Неговата "кисела фаца" кажа се. Но, сепак изрази надеж и оптимизам дека овие би биле последните војници кои ќе газат врз македонската земја во името на мирот, стабилноста и безбедноста. Заложбата на Премиерот држи место, веродостојна е и има свои приврзаници во народните маси без оглед на верската, националната и партиската припадност. Не е среќна ниту една земја која на својата територија има војници на туѓи земји кои треба да го гарантираат мирот и спокојството на граѓаните. Не е среќна, бидејќи со тоа се потценува нејзината способност самата да се справи и да ги решава предизвиците и проблемите на новото време, се потценуваат и обезвреднуваат институционалните безбедносни капацитети и механизими кои се столбот на опстојот на секоја држава без исклучок. Но, ние така како Македонија, како македонски народ и сите преостанати национални групи живееме речиси декада и половина.

Почетокот на нашата сувереност, самостојност и независност беше проследен со трупите на УНПРЕДЕП при ООН или популарните сини шлемови кои беа содржински распоредени на граничната линија кон нашиот северен сосед од каде доаѓаше најсериозна опасност за дестабилизирањето на целиот балкански простор. Силите на ООН во тоа време одиграа можеби клучна улога во процесот на издвојување на македонската држава од воениот вител кој гореше низ раскрвавените југословенски простори. Тие неколку години живеевме мирно. Немавме опасност однадвор, а и внатрешните состојби беа приличо стабилни. Бевме "оазата на мирот". Поранешниот претседател, Киро Глигоров, во неколку наврати знаеше да потенцира дека главната заслуга на нашиот спокој во тоа време ја имаа силите на светската организација кои во недостиг од вистинска професионална армија на Македонија не дозволуваа радикализирање на состојбите и упади во граничните појаси. Но, неколку години подоцна во моментот кога требаше да се продолжи мандатот на УНПРЕДЕП во земјава како превентива од се уште незавршената југословенска трагедија некој успеа да не изненади и по малку исплаши. Популарниот Циле Тупурковски го призна Тајван свесен за негативните консеквенци кои произлегоа од официјален Пекинг, а е премногу чувствителен по тоа прашање. Македонија се најде на раскрсница и глобално политички и економски, но и безбедносно. НР Кина како постојана членка на Советот за безбедност на ОН очекувано стави вето за продолжувањето на мандатот на УНПРЕДЕП за уште шест месеци во Македонија. Сините шлемови мораа во рок од неколку недели да ја напуштат Македонија и самата да се бори со се уште неизградената армија во зачувувањето на оазата која почнуваше да пресушува. Тоа беше извонредна можност за САД и нејзината прва дама на дипломатијата, Медлин Олбрајт да ги впрегне механизмите на американските воени капацитети и да ги прати во Македонија. Се уште остана неодговорено прашањето: Дали американските трупи дојдоа тогаш за да ги заменат сините шлемови и да не дозволат вакуум простор во безбедносната стабилност на земјава или дојдоа како увертира за скорешните НАТО напади врз СР Југославија без чие присуство во Македонија логистиката и поддршката за западните сили би била сведена на нула. Се уште остана неодговорено и прашањето: зошто Тупурковски го направи чекорот со признавањето на Тајван токму во тоа чувствително и кревко време, дали неговата вистинска цел од таа авантура навистина беше фамозна милијарда долари или да им помогне на западните сојузници со нивното масивно присуство во Македонија полесно да го соборат Милошевиќ и неговиот режим? Оваа дилема им ја оставаме на вистинските и непогрешливи аналитичари. Едно е јасно - како и да е, ние уште неколку години овозможивме странска чизма да ја штити и брани нашата сувереност и нашата кауза во географска смисла на зборот. Накратко, тоа е ретроспективата и рекапитулацијата од нашата "успешна" и плодна соработка со меѓународните мировни сили кои и ден-денес, а и во блиската иднина, на ваков или онаков начин и облик ќе бидат присутни на нашиве простори.

МИЗЕРНА СОСТОЈБА

Почнавме со сините Швеѓани и Норвежани, потоа ги пречекавме Американците со Британците, па се редат Германците, Холанѓаните, а еве сега стабилноста ќе ја чуваме со доминантните Французи во редовите на конкордите. Се додека ги менуваме партнерите од меѓународната заедница не со наша одлука и желба, се дотогаш нашите граници, па и погранични реони и урбани средини ќе бидат далеку од вистинската и меѓународна пропишана сувереност. Овој факт & е добро познат на владејачката гарнитура на Црвенковски, па оттука се и заложбите и активностите за што поскоро заблагодарување за присуството на меѓународните сили и земањето на работите во свои раце. Прашањето и неговата разрешница е доста комплексно и бара сериозен и искрен пристап. Долгорочната стратегија која треба неодложно да се изгради и спроведе бара студиозен ангажман на редица проверени и искусни стручни луѓе од таа област во соработка со меѓународните институции и врз темелите на меѓународно пропишаните акти и начела. Наредниве шест месеци колку што ќе останат тристотините конкорди во рамките на првата мисија на ЕУ, треба да ги искористиме во создавање плодно тло во сите сегменти на општествената стабилност со кое на есен нема да ја натераме европската дипломатија повторно да ни го понуди својот безбедносен сервис на располагање. Успехот за тоа не лежи во никој друг, освен во нашите институции од безбедносната сфера, во реформите кои неодложно мора да се спроведат во редовите на одбранбените сили. Рализирањето на тие цели поблиску ќе не одведе до целта. Сепак, мораме да признаеме дека постојат и одредени надворешни и внатрешни фактори кои можат сериозно да го сменат правецот на нештата и наместо стабилност, да не внесат во нови турбулентни движења од кои знаеме дека тешко се излегува. Консолидираноста на државниот врв, на извршната и законодавната власт во моментов е повеќе од неопходна. Но, да го свртиме целиот проблем и целата ситуација од опачината, да ја видиме другата поинаква страна.

Додека Црвенковски и неговите реформатори упорно работат на создавањето предуслови за скорешно заминување на меѓународните мировни сили од нашава земја, некој друг се обидува на мала врата да довлече други помногубројни, пософистицирани и помодерно опремени сили на неограничен период. Претседателот Трајковски забрзано размислува како Американците со нивните најголеми технолошки достигнувања би го имале полигонот Криволак како свој дом, како своја база, со што би го зајаканале своето стратешко присуство во НАТО-алијансата. Повторно по којзнае кој пат нашите големци ја применуваат т.н. банана дипломатија по принципот "еве ти, за да ми дадеш". Официјален Вашингтон и американската дипломатија неколкупати ни повторија дека пазарење и трампање со американските интереси нема, а нема ни да има. Во превод тоа би значело дека она што тие го наумиле на ваков или онаков начин ќе го остварат без притоа да платат одредена цена за таквото гостољубие и љубезност од наша страна. Ноншалантното однесување на дел од македонската дипломатија на чие чело стои првиот човек на државата не ни ветува светла иднина. Претпоставеното реализирање на таа цел - Американците да го добијат Криволак како своја постојана воена база на наограничен временски период - не се вклопува во зацртаната стратегија на Црвенковски и неговиот кабинет за самостојно чување на внатрешната стабилност на границите. Во тој поглед може да се насети драстично разидување во позициите на првите луѓе на државата - Трајковски и Црвенковски. Премиерот се уште конкретно не се произнел за ваквите идеи и проекти на кабинетот на Претседателот што јасно укажува на фактот дека работите во таа сфера не одат како што треба и се на различна бранова должина. Сепак, ваквите двојни и неконсолидирани позиции на органите на извршната власт во државата можат негативно да се одразат врз меѓународната позиција на Република Македонија. На тој начин уште еднаш ќе покажеме дека сме исклучително несериозен партнер кој не знае навистина што сака со себе, која е визијата и слично. Поигрувањето со принципиелните ставови на европските дипломатски тела може многу да не чини.

Јасно е дека овде на овие простори се кршат интересите на Европа и Америка, јасно е дека нивното ривалство се засилува, но ние не треба да дозволиме преку марионетската поставеност на нашите политички личности да бидеме растегнати меѓу едната и другата страна. А тоа досега многупати го чинеа. Така, стануваме лесен плен за туѓите интереси. Денес кај едните, утре кај другите. Задутре може со никого. Сето зависи од нас. Суетите и традиционалната самобендисаност на нашите лидери не втурнаа во глобалниот хаос. Трендот продолжува. Кој ќе излезе само победник од тајната битка? Претседателот или Премиерот?!


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"