До крајот на април Љубчо ќе се повлече?
Според "Дневник", Љубчо Георгиевски до крајот на овој месец ќе објави
дека нема да се кандидира за претседател на ВМРО-ДПМНЕ на претстојниот
конгрес на партијата во мај. Својата одлука Георгиевски ќе ја соопшти на
прес-конференција на која ќе ги објасни мотивите за намерата да го отстапи
лидерското место.
ДПМНЕ ќе стане Либерална?
Ненад Новковски, екс-министер за образование, демантира дека на Никола
Груевски му било понудено претседателското место во партијата ВМРО-ДПМНЕ.
Новковски објаснува дека Георгиевски само размислувал да го напушти
лидерското место, но не донел никаква конкретна одлука. Според
екс-министерот, доколку Георгиевски се тргне од партиското кормило,
партијата ВМРО-ДПМНЕ ќе се претвори во ЛП под раководство на Груевски.
"Европска Република Македонија"
Борис Трајковски во Европскиот парламент истакна дека да се зборува за
поранешна југословенска република е апсурд. Според Трајковски, старата
референца може да се замени со "Европска Република Македонија".
Бугаризацијата на Македонците продолжува!
Притиснати од тешката економска ситуација во земјава, илјадници Македонци
имаат поднесено барање за издавање уверенија за државјанство и потврди за
неосудуваност, потребни за добивање бугарска патна исправа.
Ситуацијата, според академик Блаже Ристески, е мошне алармантна, бидејќи
не е во прашање бројката на Македонците коишто земаат бугарско државјанство,
туку губењето на вербата на нашиот народ во сопствената држава.
Македонски војници во Ирак
Владата одлучи во некоја од полските болници во Катар и во Кувајт да
испрати санитетско одделение со четворица доктори и пет медицински техничари,
како и еден воено-полициски вод со најмалку од 20 до 24 војници, како свој
конкретен придонес во англоамериканската коалиција во Ирак. По завршувањето
на воените дејствија во Ирак, од македонските војници ќе се очекува да се
грижат за контрола на јавниот ред и мир во "ослободените" територии.
Командант Шпати бара преведувач!
Терористот командант Шпати, сега на функцијата заменик-директор на
Архивот на Македонија, бара да му се обезбеди албанско-македонски преведувач,
бидејќи како што вели тешко го разбира македонскиот јазик и не може да има
релевантен увид во документите на Архивот. Според него, во оваа институција
има малку Албанци и тоа мора да се коригира во согласност со Рамковниот
договор.
Детонација во Струмица
На 5 април годинава, силна детонација која дошла од правец на селото
Куклиш ја потресе Струмица. Таа е забележана и во касарната на АРМ во
Струмица, но оттаму велат дека освен детонација друго ништо не е забележано.
Десет години "БЈРМ"!
На 8 април точно пред 10 години, Македонија стана 181 членка на ОН под
срамната референца "Бивша Југословенска Република Македонија", настан што за
едни беше од историско значење, а за други чин на национално предавство.
Тогашниот претседател Киро Глигоров, изјави дека таа референца нема да трае
повеќе од два до три месеци.
Обвинувања кон Прчевски и Пејовски
Според Драган Трпковски, виш јавен обвинител во Битола, Александар
Прчевски, Републичкиот јавен обвинител, и битолскиот основен обвинител,
Панде Пејовски, кој неодамна беше предложен за виш обвинител во Битола, зад
себе имаат дузина нечесни работи и ним треба да им се забрани секаква работа
во правосудството, а не да се унапредуваат. Понатаму тој вели дека не е
случајно тоа што Прчевски го унапредува Пејовски затоа што тие често
меѓусебно се покривале во сомнителните предмети, а тоа професионално
пријателство е старо повеќе од 15 години.
Злоупотреба на службена должност
Александар Цветков, поранешен началник на Петтата управа во МВР, и
Николетка Митановска, поранешен функционер во МВР, неодамна се уапсени.
Двајцата не се уапсени во врска со аферата прислушување, туку се сомничат за
злоупотреба на службената положба кога биле на функции во МВР во времето на
министерувањето на Доста Димовска
Враќање на денационализираните станови
Околу стотина граѓани во земјава, кои живеат во општествени станови, со
Законот за денационализација треба да им ги вратат на поранешните
сопственици. Имено, државата е обврзана на оние што живеат во
национализирани станови да им обезбеди соодветно место за живеење.
Министерот во Владата без ресор, Владо Поповски, вели дека во мал број
случаи се јавува одредено пролонгирање на роковите, но нагласува дека веќе
се преземаат активности за да се обезбедат потребните станови.
|