КОМЕНТАР

Сито и Решето

ДОСТА Е НЕВИНА?

Од Редакцијата

Претседателот на Република Македонија, Борис Трајковски, нашиот ступиден Борче, повторно забега со своите шлагворт-бонбони! Повторно (којзнае по кој пат) во свој стил се изглупира и ја шокира јавноста (по)милувајќи ја актуелната директорка на Агенцијата за разузнување, Доста Димовска, која неодамна беше обвинета дека додека била министерка за внатрешни работи наредила да се прислушуваат 190 јавни личности. Без редовна постапка и без удрен параф, "нашиот" имбецил, инаку прислушкувана странка во мегаскандалот "Големото уво", реши својата менторка да ја погали, пардон помилува, и да ја стави во алејата на недопирливите и "невините". Со овој најнов нон сенс Борче се стави над судството. Замислувајќи се дека е Буш, впрочем својата менторка пред јавноста засекогаш ја жигоса како виновна. Спорни се и неговите познавања од правото (до ден денес некои професори од Правен се пцујат себеси што му дале диплома), но ако веќе се споредува со Буш, тогаш ќе го потсетиме дека екс-претседателот на САД, Никсон, за инволвираност во аферата Вотергејт си поднесе оставка.

Но, ние за жал ја немаме таа среќа нашиот Борче да се поистовети со еден Никсон, па него нашиов за појадок го грицка!

ПРАВО

Нема што да му се кажува на Борче наш за правото, тој растура со познавање на закони!

Во секој случај, правниците не спорат дека Претседателот има законско право да помилува лица во сите фази на кривичната постапка и без посебна процедура, но сметаат дека овој преседан би можел да создаде хаос во функционирањето на правната држава. Поинаку кажано, пораката од овој скандал е дека можете да правите што сакате и можете да бидете реализатори на разно-разни кривични дела и немајте гајле ако бате Борче ви е и пријател. Тој прави протестантски чуда - и неосуден човек може да извади од "ќорка". Па, што е тоа за него! Мачкина кашлица! Ќе потпише само и вие сте слободни како птица.

Соопштението е потпишано само од шефот на Кабинетот на Претседателот, Зоран Јолевски, според кое Димовска и поранешниот началник на Управата за оперативна техника, Александар Цветков, со акт на шефот на државата, се ослободени од гонење 17 дена по покренување на обвинителниот предлог што ги товари за "неовластено прислушување и тонско снимање". Акт - без преседан. Ваква пожртвуваност на еден човек за една жена има само на филмовите. Нивната врска е повеќе од идилична. Тоа е жртва, макар и жртвеното јагне да е целата македонска држава сосе граѓаните!

ПРАВДАЊЕ

Борче наш за ваквата своја глупост замислуваше дека е "а ла Буш" и во своето правдање за постапката вели дека се одлучил за ваква одлука, бидејќи случајот прислушување наводно бил искористен "за партиско-политички цели". Освен тоа, Борче дошол до заклучок (од малиот мозок) дека понатамошното водење на случајот можело да нанесе "штета на функционирањето на безбедносниот систем", бидејќи станувало збор за "пресметан атак врз директорката на Агенцијата за разузнување". Но, Борче наш, имено, заборава што блаботеше пред две години кога на 17 јануари 2001 година од страна на, тогаш опозиционерот, Бранко Црвенковски беше обелодената аферата "Големо уво". Еве да го потсетиме:

Прислушувањето како практика на која било институција или поединец претставува крајно сериозен удар врз правата и слободите на граѓаните и врз македонската демократија, кажа тогаш Борче, а денес својот збор си го испогани.

Тој бескрупулозно се извиши над судството во државава, уназадувајќи не до степен воопшто да немаме правна држава. Се замисли галиба е некој Монарх и ги погази политичко-моралните норми што би требало да ги поседува носителот на една примарна државна институција - Претседател. Тој направи еден ризичен чекор, поточно салто-мортале погазувајќи ги правата на 190 прислушувани граѓани. Расветлувањето на досега најголемиот скандал кај нас - прислушувањето - по две години чекање залута во ќорсокак. Аболицијата на Трајковски премногу ја чини македонската држава која веќе треба да се освести и да се ослободи од Гинисовата книга на глупости презентирани од Борче наш. Доста ни е и од Доста и од Борис!

ИМПИЧМЕНТ

Трајковски со својот фалсификат-избор за претседател преку ноќ им го сврти грбот на политичарите како Георгиевски, Бошковски и Џафери. Неговото срце остана верно само на Доста, неговата менторка која, како што самиот еднаш кажа, за прв пат му дозволила да отвори уста во ВМРО-ДПМНЕ. Освен тоа, Доста покрај него ја прислушувала и неговата интимна пријателка во која, според се, нашиот Борче се сомневал, или пак бил во љубоморна треска. Како и да е, тој со овој свој чин посветен на менторката ги разниша и така нестабилните односи на релација Влада - Претседател.

Сметам дека станува збор за една крајно неодговорна употреба на уставните овластувања, со тешки политички импликации и повреда на основните принципи на правната држава, изјави премиерот Бранко Црвенковски, крајно изненаден од најновата "мудрост" на Претседателот.

Ваквото неводење сметка за јавниот интерес, за јавното мислење, зборува дека на Борис Трајковски му е дојдено времето да стане цар на Македонија. Со овој акт Претседателот на државата ја генерира неправната држава, вели професорот по Кривично право, Ѓорѓи Марјановиќ, кој додава дека ова е зрело за импичмент и дека мора да се најдат правни основи за да се покрене таква постапка.

Според член 87 од Уставот, "ако Уставниот суд утврди одговорност на Претседателот, функцијата му престанува по сила на Уставот". Но, кога би се нашол добар играорец за свадбарското оро во правна смисла добро да го одигра со што на Борче ќе му се изрази недоверба, односно импичмент, тогаш секоја чест на играорецот. Оти, се си има свој крај, па и глупостите на Борче "наш". Редно е Борче да престане да ја прогласува Доста за невина, да скока како "прле пред магаре", кога имаме судство за да утврдува кој е виновен, а која е невина.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"