СПОРТ

Градските стадиони во државава во катастрофална состојба

ДО КОГА ЌЕ СЕ ПОВЛЕКУВАМЕ?!

Пишува: Дејан СТОЈАНОСКИ

  • Македонската фудбалска репрезентација е во опасност своите натпревари да ги игра на стадион надвор од Република Македонија!!
  • Излезот од оваа ситуација може да се види само во активно ангажирање на сите релевантни спортски институции, како и на самата држава затоа што и нејзе & е во корист да има репрезентативни објекти.

Македонската фудбалска репрезентација е во опасност своите натпревари да ги игра на стадион надвор од Република Македонија!! Ова не е ниту нешто нереално, нити пак нешто далечно, затоа што досега на неколку пати добивме сериозни закани од страна на УЕФА дека нема повеќе да се толерира нашата несериозност и нашата индолентност во напорите да се подобрат условите на нашите стадиони.

Квалификациониот натпревар со Словачка беше добар показател за тоа до каде се нашите стадиони и дали во нашата земја имаме услови за одигрување на еден "нормален" официјален фудбалски натпревар. Имено, до последен миг не се знаеше дали овој натпревар ќе се игра во Скопје, односно воопшто во Македонија, затоа што македонската фудбалска репрезентација непосредно пред натпреварот доби сериозно предупредување во кое се зборуваше дека стадионот каде досега се одигруваа официјалните квалификациони натпревари, Градскиот стадион во Скопје, не ги исполнува ниту минималните услови за одигрување на официјален натпревар и дека доколку не се преземат итни мерки за реконструкција и реновирање на стадионот, тогаш во прашање ќе биде доведено понатамошното одигрување на натпреварите на нашата репрезентација во Скопје. Исто така, веќе подолго време се слушаат закани дека англиската фудбалска репрезентација по нерешениот резултат во Сауттемптон сериозно ќе настојува токму на оваа наша слаба точка, стадионот, и ќе направи се што е во нејзина моќ (а е моќна и тоа многу во органите и телата на УЕФА) за натпреварот со Македонија да го игра на неутрален терен, а не во Македонија.

САНАЦИЈА НА СТАДИОНИТЕ

Токму овие реални состојби доведоа до тоа Македонската фудбалска федерација под итно да формира кризно тело кое ќе направи итна проценка на трошоците за најнеопходните поправки на стадионот. Такво тело и беше формирано и водејќи се од препораките на инспекциските тимови на УЕФА беше одреден износ кој е потребен за санирање на најосновните и најочигледните недостатоци, како што се катастрофалните соблекувални, навистина лошиот подтрибински простор, и нормално недостигот од столчиња (кои во Македонија служат за фрлање по претседатели на клубови). Износот кој беше висок Македонската фудбалска федерација го прифати и за мечот со Словачка успеа барем малку да ја нашминка јужната трибина и да ги пополни дупките со столчиња.

Но, за жал, остана очигледен фактот дека од северната трибина нема ни најосновни услови за следење на играта, како и тоа дека рефлекторите не ја постигнале онаа јачина која е потребна за одигрување на еден официјален натпревар (силината на рефлекторите на Градскиот стадион во Скопје не е ниту половина од таа што е пропишана за официјални натпревари).

Рефлекторите, изградба на една репрезентативна северна трибина како и итна реконструкција и местење на столчиња на источната и западната трибина треба да се најдат на прво место на агендата за работа на Македонската фудбалска федерација, но мора да истакнеме дека ова прашање треба да биде приоритет и на државата, а тука својот интерес треба да го најдат и приватните инвеститори, затоа што економскиот ефект што тие би го имале преку рекламирање и не би бил толку мал.

ГРАДСКИ И ДРУГИТЕ

Мора да се истакне дека не само со Градскиот стадион во Скопје, туку и со преостанатите стадиони во Македонија состојбата е катастрофална. Така, на пример, можеби најдобриот стадион во Македонија, стадионот во Тетово, е комплетно бескорисен затоа што Тетово се уште се смета за кризно жариште, а и самиот стадион беше центар на воените дејствија. Стадионот во Прилеп има одличен проект, но никако да почне да се реализира и поради тоа останува се уште забраната на едната трибина да има публика; стадионот во Битола по поставувањето на столчиња остана заборавен, а единствен стадион во кој нешто се направи е стадионот во Струмица, затоа што таму се поставија рефлектори со што стана само втор стадион во Македонија со рефлектори. Другите стадиони во Македонија не се ни за спомнување, затоа што повеќе наликуваат на импровизирани стадиони отколку на вистински прволигашки стадиони.

ИЗЛЕЗ

Излезот од оваа ситуација може да се види само во активно ангажирање на сите релевантни спортски институции, како и на самата држава, затоа што и нејзе & е во корист да има репрезентативни објекти. Но, мора да се изработи и кампања за анимирање на приватниот капитал, приватното инвестирање во такви капитални објекти. Стимулацијата треба да се движи во насока на давање на дел од приходот од натпреварите како и можеби концесија за користење на самите објекти.

Редно е и Македонија конечно да добие стадион со кој би можеле да се гордееме.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"