свен подолгите би-ографии за
познати личности од антиката, Плутарх напишал и неколку сосема кратки
историски дела (од по само две-три страници). Но, и во некои од овие дела се
спомнати Македонија и Македонците.
Едно од овие дела е насловено како "Споредба помеѓу Демостен и Кикерон".
И ова дело било напишано во 75 година по Христа. Во него (како што зборува и
самиот наслов) Плутарх прави споредба помеѓу животот и дејноста на овие два
големи антички говорници - едниот Грк, а другиот Римјанин.
Пред да поминеме на спомнувањето на Македонија, да кажеме накратко
неколку збора за овие личности.
ДЕМОСТЕН ЗБОРУВА ПРОТИВ МАКЕДОНИЈА
Демостен се родил во 384 година пред Христа и денес се смета за
најголемиот говорник среде античките Грци. Помеѓу другото, тој е познат и по
својот анти-македонизам и овој сегмент е многу значаен во неговото
дејствување. Само како илустрација ќе споменме дека во неговата биографија
во светски познатата општа ЦД енциклопедија "Микрософт Енкарта" (САД, 1998),
уште во првата реченица е спомнато неговото спротивставување на Македонија,
како една од неговите најзначајни активности во животот. Овде читаме:
"Демостен (384 - 322 пред Христа) бил најголемиот говорник во античка
Грција, кој го предводел атинскиот отпор против Македонија."
Во продолжение читаме дека Демостен бил роден близу Атина и дека рано
останал без татко. Како возрасен Демостен почнал да се занимава со политика,
конкретно се ангажирал за заштита на Грците од опасноста што им се
заканувала од Македонците. Во продолжение на неговата биографија во "Енкарта"
читаме:
"Тој се посветил себеси кон оживување на духот на јавноста во Атина и
на заштита на грчката култура, која во тоа време била под удар на
агресивноста на кралот Филип Втори Македонски. Повеќето од неговите големи
говори биле насочени против опасноста од потчинување на грчките градови од
страна на Македонците."
Својот прв познат говор против Филип, Демостен го создал во 351 година
пред Христа. Овој говор станал познат под името "Прва Филипика".
Подоцна Филип го нападнал градот Олинт, кој бил сојузник на Атина. Тогаш
Демостен напишал три нови говори против Македонците, во кои барал Атина да
му помогне на Олинт. Но, Олинт бил завземен, а Демостен учествувал во
делегацијата која преговарала помеѓу Атина и Македонија. Во продолжение на
неговата биографија во "Енкарта" читаме:
"За време на следните осум години Демостен продолжил да предупредува
против моќта на Македонците".
Тогаш биле создадени Втората и Третата Филипика, кои исто така биле
говори со анти-македонска содржина.
По пресудната битка кај Херонеја помеѓу Македонците и Грците (338 година
пред Христа), Филип Втори ги завзел повеќето грчки територии. Но, Демостен
продолжил со своите анти-македонски говори, залагајќи се за слобода на
Грците. Во врска со последниот период од животот на Демостен, во неговата
биографија во "Енкарта" читаме:
"По смртта на Александар (Македонски, з.м.) во 323 година пред
Христа, Демостен повторно ги повикувал Грците да се борат за слобода, но
наследникот на Александар во Македонија, по име Антипатер го скршил секој
отпор и побарал од Атињаните да му ги доведат своите водачи патриоти,
вклучувајќи го и Демостен".
Атинското собрание, под притисок на Македонците, донело одлука водачите
на анти-македонскиот бунт (вклучувајќи го и Демостен) да бидат осудени на
смрт. Демостен успеал да побегне на еден остров, каде извршил самоубиство.
КИКЕРОН ВО МАКЕДОНИЈА
Што се однесува до втората личност од ова дело на Плутарх, говорникот
Кикерон, за него се знае дека тој се родил во 103 година пред Христа во
градот Арпинум (денешна Италија). Ги изучувал правото, филозофијата и
литературата. Работел како посредник (адвокат) во судските спорови, при што
се стекнал со голема вештина за ораторство. Потоа почнал да се занимава со
политика и во 74 година пред Христа влегол во Римскиот сенат. Таму се
спротивставил на заговорот што го подготвувал неговиот политички ривал
Каталина и наредил неколку членови на заговорот да бидат погубени. Поради
тоа Јулие Цезар (но и некои римски сенатори) го обвиниле Кикерон дека не им
дозволил на заговорниците судење, туку ги ликвидирал без да биде слушната
нивната страна. Кикерон се спротивставил на ваквите тврдења и дошло до
конфликт помеѓу него и Цезар. Поради тоа Кикерон бил испратен во прогонство
во Македонија, каде поминал цела година. Подоцна бил повикан од Помпеј да се
врати во Рим. Практично еден од најславните антички говорници своевремено
подолго време живеел во нашата земја.
А сега да видиме како Плутарх ги споредил овие два славни говорника, во
контекст на Македонија. Всушност Плутарх пишува дека Кикерон бил испратен во
"прогонство во Македонија", а за Демостен пишува:
"Демостен... одел низ градовите на Грција и секаде, како што рековме,
се вклучувал во судирите во корист на Грците, кои сакале да ги избркаат
македонските претставници... По своето враќање тој повторно се посветил на
истата дејност и продолжил да им се спротивставува на Антипатер и на
Македонците."
Иако, во ова дело Плутарх само накратко ги споменува Македонија и
Македонците, гледаме дека и оваа негова реченица е целосно во прилог на
вистината за етничките разлики помеѓу Македонците и Грците, за кои, сосема
бил свесен и самиот Плутарх. Гледаме дека и овде Македонците се спомнати
одделно од Грците.
ФИЛОПОМЕН И ФЛАМИНИНУС
Во 75 година по Христа Плутарх го напишал и своето кратко историско дело
насловено како "Споредба помеѓу Филопомен и Фламининус". И овде тој
ги спомнал Македонците, притоа јасно издвојувајќи ги од Грците. Но,
најнапред да кажеме неколку зборови за личностите од ова историско дело за
да биде појасен контекстот на спомнувањето на Македонците.
Во еден од претходните броеви на "Македонско сонце" ја спомнавме
Ахајската лига и настаните околу неа. За да не го повторуваме истото, овде
само накратко ќе потсетиме дека оваа лига всушност била сојуз (еден вид
конфедерација) помеѓу 10 или 12 градови држави на територијата на денешна
Грција, конкретно на Пелопонез. Веќе спомнавме дека териториите на Ахајската
лига биле освоени од Македонците, но дека околу педесет години по смртта на
Александар Македонски, Ахајците успеале да се ослободат од македонскиот
јарем по што повторно ја обновиле Ахајската лига. Тогаш на сцена стапил
спартанскиот крал Клеомен, кој имал претензии да го превземе водството на
Ахајската лига, поради што дошло до војна помеѓу Спарта и членките на
Ахајската лига. По првите успеси на Клеомен, Ахајците ги повикале на помош
Македонците, кои го поразиле Клеомен, но повторно ги ставиле под свое
влијание териториите на Ахајската лига. Сето тоа се случувало на крајот од 3
век пред Христа. Овде споменатиот Филопомен, бил една од водечките фигури на
Ахајската лига во времето по нејзиното обновување, а пред да биде нападната
од Спартанците. Тој всушност бил војсководител на војската на Ахајската лига.
Што се однесува до втората личност, спомната во делото на Плутарх, по име
Титус Квинтикус Фламининус, тој бил римски генерал и говорник, кој живеел во
3 и 2 век пред Христа. Бил познат по тоа што го поразил македонскиот крал
Филип Петти. Во неговата биографија ("Енкарта", цит. дело), читаме:
"Фламининус Титус Квинтикус бил римски генерал и говорник. Тој го
победил Филип Петти Македонски и ги ослободил грчките држави од власта на
Филип. Во 199 година пред Христа тој бил квестор, а во 198 пред Христа
станал конзул. Тогаш добил наредба да превземе акција против Филип Петти
Македонски. Користејќи го Епир како своја база, Титус навлегол во Македонија
со малубројна армија со која ја нападнал армијата на Филип, при што убил
2000 луѓе, а останатите ги потиснал кон Тесалија. Во меѓувреме неговиот брат
Лукиус, кој бил командант на флотата, ја придобил Ахајската лига на страната
на Рим. Тогаш на Титус му се укажала можност да предложи примирје, а во
замена за тоа, македонските гарнизони да бидат повлечени од Грција. Меѓутоа,
Филип одбил да се покори, по што Рим биле испратени делегати од обете страни
- од Филип и од Титус. Таму Римскиот сенат му дал на Титус одобрение да ја
заврши војната до крај. Во решавачката битка кај Киноскефале во 197 године
пред Христа, римските легии однеле победа. Тогаш Титус го лишил Филипа од
сите негови поседи во Грција и во Азија, но Македонија ја оставил негибната.
Во 196 година пред Христа, во Коринт Титус прогласил независност на сите
грчки држави кои до пред тоа се наоѓале под власта на Македонија".
Во продолжение читаме дека Титус водел војна и против Картагинците. И во
овој цитат од оваа светски, можеби најпозната општа ЦД енциклопедија, јасно
гледаме дека Македонците се третирани како одделен народ од Грците, кои
долго време се наоѓале под македонска власт, а на крајот биле ослободени од
Римјаните, кои потоа и самите ги потчиниле Грците.
(Продолжува)