о Кономлади Македонската
револуционерна организација пушти корени пред 1900 година. Идеите на
Организацијата први ги прифатија лицата кои одеа на печалба во поголемите
македонски градови и доаѓаа во контакт со нејзините активисти.
Во 1901 година во Кономлади беше формирана и првата вооружена комитска
чета на Организацијата, во која еден од борците беше и Митре Панџаров, кој
се вбројува во плејадата борци-револуционери од историското минато на
Македонија.
ДЛАБОКИ ТРАГИ...
... во спомените на народот од Костурско, кои усно се пренесуваат од
колено на колено и до денешно време, остави и името на Митре Панџаров. Во
некои историски извори тој е познат под името Митре Влаот, а народот од
костурско најчесто го именувал со Митре Влашето. Овој прекар, според
тврдењето на неговите роднини и постарите костурчани, потекнува оттаму што
во младите години работел како овчар во влашки семејства поради што го
завикале Влашето. Самиот тој во документите се потпишувал со неговото
вистинско име и презиме.
Кономлади, селото на Митре Влаот, во кое израснал и се оформил како
револуционер, е едно од селата во Корешта, кои масовно се вклучи во
македонското револуционерно движење. Неговата местоположба овозможувала да
биде сврзувачка алка меѓу Леринско, Костурско и Преспанско.
Во историографијата недостасуваат извори и литература за некои моменти од
животот и дејноста на Митре Панџаров, особено за неговото детство и за
семејството.
Точно не се знае кога семејството на Никола Панџаров се доселило од Пљаса
во Кономлади, но се претпоставува дека тоа било во 1894 година. Митре во
младите години работи како момок на чифлигот на бегот во селото Света Недела
- Костурско, така што одблизу можеше да ја види и почувствува големата
неправда што им се нанесуваше на селаните. Еден ден, не можејќи да го трпи
неморалниот однос на бегот, со младешка смелост застанува пред него велејќи
му: "За ова што ни го правиш бегу знај дека еден ден раката на нашиот бог ќе
те казни". Бегот изненаден од таквиот однос на "ѓауринот" му удира силна
шлаканица.
По случката со бегот, не сака да остане на чифлигот, па решава да се
одметне в планина, со желба да го заштитува народот, иако многу млад, прво
како ајдук, а со појавата на комитските чети стапува во нејзините редови,
најпрво како обичен борец, потоа како војвода на чета, од реонски до окружен.
КОСТУРСКО ЗА МРО...
... претставуваше важен сектор не само со будното население и бројната
интелигенција, туку и поради географската положба. Костурско го сврзуваше
Битолскиот со Солунскиот револуционерен округ и претставуваше најпогоден
канал за снабдување на Организацијата со оружје од Грција. Гоце Делчев го
оцени значењето на Костурско. Затоа лично пристигна таму на 20 ноември 1901
година и остана шест недели. Првото село кое го посети Делчев беше Кономлади.
Во неговата придружба, покрај другите раководители, беше и Митре Влаот. Тој
го спаси и од заседата и предавството кое му беше приредено во селото од
страна на две жени.
Зачестените потерници на турскиот аскер и грижата на населението во
селата каде што дејствуваше, го натераа Митре заедно со уште петмина свои
соборци, да се засолни во една пештера во која зимуваа мечки. Во пештерата,
војводата Митре остана од есента 1902 до јануари 1903 година. Тој
учествуваше и на Смилевскиот конгрес, каде што се залага за дигање востание,
бидејќи со вмешувањето на бугарскиот и на грчкиот врховизам, со сторените
провали и слично, овој реон многу настрадал и незадржливоста стигнала до
врвна точка.
По изнесеното соопштение за дигање востание, во Костурско веднаш
започнуваат акции според договорениот план. Целата Костурска околија беше
поделена на пет реони со по еден реонски војвода, кој беше потчинет на
Горското началство. На првиот и најорганизираниот реон - Корештата, војвода
беше Митре Влаот. Во разгорот на Илинденското востание, на 24 август на
Д'мбенската Планина, околу петстотина востаници водеа жестока битка со
илјадниот турски аскер. И тука раководител беше Митре.
По Илинденското востание, Митре Панџаров беше единствен војвода во
Костурско кој остана на теренот, очекувајќи ги директивите за дејствување од
страна на Окружниот комитет на Организацијата. Во почетокот на април 1904
година, формираше нова чета од 5-6 луѓе, која многу брзо се зголемуваше.
Битолскиот окружен комитет на ВМРО го постави за околиски војвода на реонот
Костенаријата. Освен против Турците, Митре се истакна и во борбата против
грчките вооружени чети и теророт што тие го спроведуваа во македонските села.
Грчките чети подеднакво ги сметаше за непријатели, бидејќи нивното доаѓање
во Македонија не беше да ја ослободат од османлиската империја, тука за
разбивање на македонското револуционерно движење и за создавање услови за
нејзино приграбување и приклучување кон грчката држава. Митре ги сметаше за
непријатели оние Македонци кои се продаваа за пари ставајќи се во служба на
грчката кауза. Таквата состојба многу болно ја прифаќаше: "Од душмански
куршум не се плашам, но се плашам од предавнички збор, особено кога тој
доаѓа од човек на родот мој". И токму од таков збор загина војводата Митре,
предаден од човек на родот свој.
Грчката црква, како во другите окрузи, така и во Костурско, правеше
огромни усилби за да го потисне револуционерното движење. Грчките попови
доследно ги почитуваа наредбите на костурскиот митрополит Каравангелис и во
повеќе ситуации ја поддржуваше турската војска во казнените експедиции
против македонското население.
Каравангелис шест години кроеше планови како да го ликвидира војводата
Митре, но неуспешно. Затоа, на крајот тој ја смени тактиката. Ангажираше
човек од месното население, човек од доверба кој добро го познаваше теренот
и луѓето. Тоа беше Христо од Шестево, негов верен доставувач на разни
информации. Кога дознал дека Митре се наоѓа во Жупаништа, Каравангелис го
поставил Христо на чело на една турска чета да командува со неа, со
првенствена задача жив или мртов да го фатат војводата. Многуброен турски
аскер го опколил селото. Војводата Митре ја водел последната битка. Загина
достоинствено, заедно со целата своја чета.
Гробот на Митре Влаот е во селото Апоскеп, во заедничка гробница со други
востаници, на една височинка од каде се гледаат костурските планини, по кои
тој се борел за човечки права и достоинство, за слободата на Македонија.
Неговото претчувство дека ќе загине од предавнички збор на човек од родот
свој се исполни за што често зборувал, а со тоа како да сакал да им остави
аманет на младите македонски поколенија да се чуваат и да бегаат од такво
зло кое потајно руши.
Соборците на Митре не можеле да ја преболат загубата на нивниот војвода и
затоа на 13 март 1907 година, костурската чета влегла во селото Жупаништа и
ги казнила на смрт шпионите кои го предале војводата. А народот не простува
такво предавство. Тој, својот гнев и револт го изразил преку многубројните
песни, коишто ги испеал за храбриот костурски војвода.