(Отворено писмо до господинот Никола Поповски, претседател на Собранието
на Република Македонија)
Господине претседателе Поповски,
Ви благодарам за Вашиот одговор во врска со мојот проблем даден
индиректно во интервјуто во неделникот "Македонско сонце" бр. 454 од 14.03.
2003 година.
Од 1946 година до 1997 година стрпливо чекав да се најде некој од мајка
роден, а не од пеколот, и да ги обелодени крвавите настани во 1946 година,
без суд и пресуда кон достојните македонски чеда во периодот на унишувањето
на д-р Ченто. Во 1997 година, на 24 јануари, јас официјално ги побарав моите
права на службеник и борец од НОБ во времето од 1943 до 1946 година. Не
можев повеќе да чекам и да се потпирам само на мојата финансиска состојба во
Бугарија, а по криминално-политичката собраќајка врз мене на 19.08. 1996
година едвај останав жива.
Почитуван претседателе Поповски, за Ваша инфомираност, во мојот работен
стаж за кој станува збор во интервјуто, во согласност со меѓународните
спогодби, влегува: Времето во кое јас добронамерно и доброволно, без
добивање плата, ги создадов првите македонски учители во Штип и Скопје;
Времето од две години кога бев секретар на претседателот Ченто; Времето во
затворот во Штип за кое имате писмен доказ од судијата Димо Кантарџиски;
Времето на депортирање на островот Тасос; Времето во кое побегнав од Тасос и
се вклучив во НОБ за кое исто така Ви доставив документ издаден од
Централниот воен архив во Велико Трново, Бугарија, заведено под ОВ - Ч. 4428
издаден врз основа на уверение 11002 од 1968 година од Управата за
меѓународни спогодби. Оригиналот на ваквиот документ како доказ дека јас сум
македонски борец (доброволец) со командир Пецо Трајков кој по ослободувањето
на Скопје беше воен командант, се наоѓа во ЦВА во Велико Трново, Бугарија.
Времето во затворот, во депортирањето, во НОБ, во согласност со
меѓународните законски стандарди се сметаат за двоен работен стаж.
Хумани човечки закони секогаш постоеле и ќе постојат. На времето во
бугарското Народно собрание е гласано да му биде дадена пензија на дедо
Никола Делчев, таткото на Гоце Делчев. Но, за несреќа дедо Никола почина и
не ја доби ваквата хуманост, а татко ми го закопал кај моите умрени браќа.
Денес јас сама се борам за достоинството на сликата од гробот и за неа
плаќам од мојата скромна пензија од 40 евра, за што ви доставив и фактури.
Од Македонија бев избркана во 1946 година како Бугарка, а во истото време
коските на чичко ми Гоце беа донесени во Скопје како на Македонец. Ги
прашувам Македонците во целиот свет - има ли поголемо поигрување со нашиот
род од ова, дали ние сме стока за разменување или целта на власта ги
оправдува средствата, па нека се тие и најгрди?!
Господине претседателе Поповски, во однос на Вашата изјава за немање
никакви судски одлуки (решенија) за да барам рехабилитација, Ви сугерирам и
Ве замолувам да ги побарате судските архиви во времето по претседателот д-р
Ченто. Ќе се уверите дека не постои судско решение за ниту една неправда во
тоа време, а такви неправди има доволно. Ќе наведам: Врз основа на што некои
дојдени од Бугарија прават кариера на грбот на борците? Врз основа на што
стигнав до питач? Си ги испродадов алиштата, останав гола и боса во празниот
одземен стан за кој не можев да & платам кирија од два лева на Општината.
Сегашните Ваши секретарки, кои ни на сон не ја знаат борбата за Македонија,
уживаат. Тоа го тврдам судејќи од статиите во весниците и од примерот на
секретарката на Глигоров со големиот стан, со луксузниот автомобил, со
платата во девизи.
Ваквото нечовечко однесување не само кон мене, но и кон Ченто, Брашнар,
чичко Павел Шатев и други нема да го простат ниту поколенијата на
злосторниците на кои им се прават дури и споменици. Недоволното размислување
за моето право на рехабилитација како Бугарка (која не знае што барала во
тие години во Македонија) лесно ќе го демантирав ако во мојата младост не
гледав напред, туку ја зачував наредбата за моето отпуштање како директор на
првата детска градинка, со вулгарните мотиви дека јас ги учам децата од 3 до
5 години возраст на бугарски јазик и дека тоа е навреда за безбедноста на
Македонија, во согласност со некои членови и параграфи од времето на
законите на Јужна Србија (од 1956 година живеам во Бугарија, и македонскиот
јазик го знам барем колку еден струмичанец).
За времето од 1997 година до сега документи за вистината можеа да се
најдат во архивата на Просветниот одбор во Скопје за да не се правдаат
властите кои не сакаат да има никакви сведоци од времето на д-р Ченто. Јас
немам детектор за лаги па да го докажам нечовечкото поигрување со моите
човечки права од тие на кои им недостасува национална свест.
Господине Поповски, дали е тешко да ги побарате архивите во кои ќе се
најде вистината и правата кои произлегуваат од неа? Зошто толку жестоко се
затајува документот од управата за "Меѓународни спогодби" во која апсолутно
според законите, како што Вие се залагате, стои вистината за моето
учествување во македонската бригада "Гоце Делчев"? Жално е што не сум
загинала во битките, па сега немаше да имам ни материјални ни морални
навреди!
Господине Поповски, ако одвоевте неколку часа за да ја прочитате
голготата на Гоцевата внука Катерина, срцето ќе ви затрепереше. Јас ја носам
Гоцевата крв и Гоцевите идеи и народот од двете страни на границата ме
почитува по делата, не по пресудите на властите.
Бидете добар и целата документација која ви ја доставив Ве молам да ја
разгледате и да ја доставите до Министерството за труд и социјала, а по
можност да му ја доставите и на Александар Гештаковски во кого имам
бескрајна доверба, следејќи ги телевизиските преноси на седниците на
Собранието и неговите односи кон проблемите. Тие нека одлучат за правдата
додека сум жива и да почувствувам дека мојата младост, семејната љубов кон
Македонија не била залудна.
Со почит,
Катерина Трајкова - Нурџиева
Има една егејска поговорка од едно село од околијата Драма: кога селаните
го виделе и го препознале својот соселанец како се враќа од фронтот во 1944
година извикале: "На нашиот Ташо шинелата - дупка до дупка".
Вакви случувања ни се евидентирани и по воведувањето на плурализмот и
повеќепартиското владение, посебно кај властодршците кои за да ја
оправдаат својата деликвентност, злоупотреба и немоќ за средување на
севкупните состојби во државата, честопати вниманието настојуваат да го
свртат во друг правец создавајќи алиби за избегнување на вината. А дека
македонските политичари штом ќе дојдат на функција и власт го забораваат она
што го ветиле пред народот е факт и поради тоа полека, но сигурно, го губат
авторитетот и довербата на широките маси.
На вакви игри народот е веќе навикнат, без разлика дали се појавуваат во
1991, 1994, па 98 или 2002 година, но јасновидиот македонски народ ќе
констатира дека Македонија е дупка до дупка, не само во државниот Буџет, но
и празнина во државните органи, заедници, установи, правосудства итн.
Дека македонските политичари и лидери си водат тивка војна, препукувајќи
се меѓу себе, без разлика дали се во Парламентот, Владата или на други
престоли, е вистина, па така место да си ги засукаат ракавите и да работат
на создавање правна држава, прифатлива за повеќето граѓани, тие времето го
губат во разноразни натегања, реплики и јалови расправии.
Пред извесно време еден политичар јавно кажа дека нема политичар во
власта кој не е извалкан со криминал, лаком за лично богатење, оставајќи го
обичниот граѓанин во беда, сиромаштија и подлабоки бездни. Секој способен,
чесен, авторитетен граѓанин во нашата држава не би прифатил лесно да биде
политичар, бидејќи утре ќе биде жигосан како деликвент, криминалец и шверцер.
Македонскиот народ, и денес по 12 години самостојна "држава", не може да
ја реши енигмата и лавиринтот како до подобро, помирно и посигурно живеење.
Денешната македонска голгота и судбина ја доживеале и многу нашинци во
Егејска и Пиринска Македонија, а да не зборуваме за судбината која ја живеат
нашинците во далечните и прекуокеански земји. Нашата власт и јавно се откажа
од нив. Зошто и ние од ваквата власт да не се откажеме?
Ангел Радев, Радовиш
Почитувани пријатели од Редакцијата на "Македонско сонце" и Здружението "Непкор"!
Со преголема радост го читав горенаведениот напис во нашето омилено списание
што мене и на многуте Македонци кои го читаме, покрај радостите и одредени
разочарувања, на некој начин ни дава смисла на животот. Особено ме израдува
информацијата за иницијативата на здружението "Непокор" преку разговорот со
неговиот потпретседател Зоран Јованчев најавена како амбициозен проект на
ова Здружение.
Се разбира, ова е голема работа што ја поздравувам, но и тест за
способностите на раководството да го спроведе целосно Проектот. Лично јас
сметам дека постои сомневање за неговата комплетна реализација, бидејќи
споменатиот образец со којшто ќе се прави прибирањето на сведоштва се врши
преку интернет, а ние за жал не поседуваме компјутери со приклучок на
интернет. Проблемот е во тоа дека се бара "враќањето на формуларот со
одговорите да биде лично, директно во канцеларијата на 'Непокор' во Скопје".
Сакам да се вклучам во иницијативата за Проектот, бидејќи мојот живот
исполнет со борба и страдање, одговараат на оваа работа. Но, како да го
сторам кога сум инвалид и за мене е проблем да отидам во Варна? Затоа, мора
да се преземат соодветни мерки и да не информирате детално за да нема
пропусти!
Димитар Захов