ФОРУМ

КАДЕ МОЖЕ ДА СЕ СТАСА САМО СО СРЦЕТО?

Тихомир Стојановски

Песната полета од белото грло и како нежен трепет не занесе кон духовното. Пред тоа скршивме барде со вино и хорот почна да реди, да мери, да хомери. Кои сме? Какви сме? Зошто сме? Дали сме се уште тука? Потоа со трофки леб, со златните зрнца на житото, со темјан и каденици, со бескрвни жртвеници почнаа деноносиите. Актерите се раширија по сцената, запејаа свет пеан да се отвори ширното небо и Свети Илија да грејне. Мислам дека тажеа за манастирот. Еден од многуте пеплосани во нашата Македонија. Потоа своите книги ги претставија Македонците од Преспа, Голо Брдо, Гора, Македонците од Албанија. Цветан Мазнику, Спасе Мезенковски, Миранда Шутина, Хасан Шахинај, Кимет Фетаху, Назиф Докле... дојдоа и беа дел од светите возобновени слави. По нив зататни музиката. Друштвото на Македонците муслимани, од Родопите "Сонце". Ечеше песната. Стојат стамено на сцената, чиниш слегол Богот лично да ги возгордее и живеат со музиката. Музиката. Пиеровите македонски музи, од антиката до сега и она што ни се случува нам. Песната, песната не понесе далеку каде може да се стаса само со срцето, таму каде се таи македонската светост. Прв пат Помаците, Македонци од Родопите беа дојдени да бидат дел од македонската култура. Ех, демократијо, ле сестро... сцената во салонот "19,19" тесна, таена, скришна, недоволна да ги собере сите кои беа дојдени на чествувањата. Беа десетти по ред Дионисови чествувања "Мину Угриновска". Беа древните македонски прослави.

По програмата дружби со песна и ора до раните мугри како што му доликува на Диониса. Пиевме преспанско вино, вино од Пиринско, од Родопите, од Егеј, на орото се собравме од сите страни на Македонија - преспанци, голобрдјани, гораните, пиринците, од Родопите, од белото, белото Посејдоново Море. Тапаните, гајдите, зурлите, стапките на орото кои ве поткреваат кон небото и ве просветлуваат. Никој не намрази некого, ниту рече лош збор. Поезија, театар, слики, музика, ора и стапки, тоа се Македонците, тоа е нивната култура. Се отвори изложба на Цанко Маѓирски, сликар од Здружението "Сонце" со носии и куќи идентични како охридските и крушевските.

"Ние сме дел од македонската култура"- ни рече.

Следниот ден славата продолжи со молитва. Актерот Алесандар Џуровски ја отвори својата болка и скрб. Тешко бреме положи на сцената. Чиниш како да ја доигруваше македонската болка на поделеноста. Потоа на ред дојде "Дом на македонска култура" од Лерин и списанието "Лоза" на Македонците во Егејско. Никос Сакелариу и Петрос Василијадис. И тие донесоа дел од својата македонска сушност. По нив се отвори празненството. Претставата "Лазарица" од Пробиштип која ни го покажа друмот на ритуалниот театар, преку адетите и верувањата, неговата сценска следбеност. По нив пиринците со книги, како онаа на Ѓорѓи Радуле, монографија за селото Кремен, "Кремен, минато и наследство" каде престојувал Гоце Делчев. Повторно музиката, Музите со музиката. Емил Ристосков со својот бисерен глас, со многу љубов во песните не носеше кон вишниот Пирин. На Папас Чаир, местото каде испушти душа пиринскиот цар, Јане Сандански, "луѓето се браќа и како браќа треба да живеат". Така пишува на неговиот гроб до Роженскиот манастир. Ете тоа е Македонизмот. Чувство на разбирање и толкување на светот. Песни, ора, поезија, книги, слики, филмови, театар. Никој никого не намрази, ниту рече лош збор. Такви се Македонците.

Последната песна ја прифати оркестарот од селото Кремен. Јордана Илиева - Парталова го пушти гласот да минува низ вас и да ви ја облагородува душата. Имаше некоја сила во таа песна која минуваше преку гори, планини, реки, мориња, преку оградите преку македонската душа. Бапчорство кое живее во минатото, кое ве погодува во сегашноста и ве носи во идноста. Гласот живееше во нас. Како света присутност. "Роса ми зароси ..." - ечи и така патуваме со росата помеѓу јасното сонце, на Свети Илија громовникот и македонската светост и светлина. Никој не мразеше, ниту рече грд збор. Се собравме да празнуваме како што му доликува на Диониса со песни и вино. Ете такви се Македонците, таков е МАКЕДОНИЗМОТ. Обединет свет за културен бој меѓу народите.

Македонскиот фолклор патува по светот, ората, носиите, музиката, гајдите, зурлите и тапаните. И цел свет му се восхитува. Тоа не е случајно. Тоа се свети пеани и молепствија од Дионисовите слави. Имаат сила да ве прочистат и облагородат. Така. Се работи за духовна сила и за таинства.

Се собравме од сите страни македонски на Дионисовите чествувања за да видиме дали сонот за европејството може да се огледа во македонскиот пример. Во силата на светоста македонска и МАКЕДОНИЗМОТ, како духовно величие и разбирање и толкување на различностите (светот). Се собравме Македонците од поделена Македонија. Со култура, не со мраза. Нека биде тоа почеток за владеењето на МАКЕДОНИЗМОТ.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"