Две дела од Никола Балканов и Ангел Балкански НОСТАЛГИЈА ЗА РОДНИОТ ЧИФЛИЏИК Пишува: Милева ЛАЗОВА
Н а неодамна одржаниото годишно Собрание на Форумотза човекови правана Македонците од Егејскиот дел на Македонија беа промовирани две книги од авторите Никола Балканов и Ангел Балкански. Станува збор за "Село Чифлиџик во Егејска Македонија", потпишана од двајцата споменати автори и "Непрежален роден крај" од Никола Балканов.И двете дела се во издание на Форумот за човекови права на Македонците од Егејскиот дел, а темата е, може да се види и од самите наслови, потсетување на авторите на родниот крај за тагата, маките, страдањата и копнежот по него. ДОЈДЕНЦИ Крајно сиромашен би бил животот на секој човек без неговите спомени - особено без спомените од детството и младоста поминати во родниот крај и се разбира во родното село. Денес кога се сеќавам и пишувам за родното село - Чифлиџик, Егејска Македонија, одново живеам, велат авторите во нивниот предговор во книгата "Село Чифлиџик во Егејска Македонија". Но, и покрај потсетувањето на убавите спомени на нивната младост, разните приказни врзани за луѓето и крајот, песните, ората, обичаите, извонредното богатство, неизбежни се и потсетувањата на тоа дека некој сето тоа смислено и злонамерно настојува да го присвои, обезвредни и отуѓи, а тоа и му успеа. Неправедно им ги отуѓија имотите и други движни и недвижни сопствености, а денес стопанисуваат и ги користат благодетите и тоа придојдените Грци и Маџири кои дошле од Мала Азија. Тие дојденци се плашат дека еден ден независно кога, ќе мораат неправедно добиеното да го вратат на вистинските сопственици. Ним, велат авторите, им е јасно дека Македонците кои живееле некогаш во овој крај никогаш нема да се согласат нивниот тешко здобиен имот да го заборават, подарат или продадат. Оттука не е ни чудно што тие новодојденци сега се најгласни противници за нивното враќање во родниот крај. ИДЕНТИТЕТ Само ние, насилно иселените, протераните и прогонетите, односно откорнатите од прадедовските огништа, знаеме како е да се биде бескуќник, без основни средства, често оставани на милост и на добра волја на други, исто така сиромашни. Само ние знаеме што значи да се биде сам на светот, без своите најблиски, препуштени на судбината. Тоа, всушност, е закономерна судбина на дискриминираните и непризнатите луѓе - луѓе без слобода со непризнат идентитет и судбина на обезличените народи без име, без национален идентитет, без слобода, со непризната држава и татковина, потенцираат авторите. Книгава содржи и податоци и од други автори како Васил К'нчов, Тодор Симовски, Стојан Киселиновски како и податоци од постари луѓе кои живееле во Чифлиџик. Исто така, и книгата "Непрежален роден крај" говори за Чифлиџик, односно подобро да се разберат некои состојби во тоа село.
Десетта книга на едицијата "Лицеум" - "На актерство" ТЕАТАРСКАТА МАГИЈА НА ЛАРИ Пишува: Милева ЛАЗОВА
К нигата "На актерството" е десеттата книга на едицијата "Лицеум" при културниот центар "Скрб и утеха". Воедно е и трет превод на театарски дела корисни за студентите, актерите, гледачите, критичарите и вљубениците на театарските волшебства.По претходно издадените книги "Не постојат тајни" на Питер Брук и "Сон за страста" на Ли Стразберг, се созададоа услови на македонски јазик да се преведе и книгата "На актерството" на славниот англиски актер Сер Лоренс Оливие. ЛИК Книгата "На актерството" зрачи со сета душевност на театарска магија со секој нејзин ред, секој збор, секој слог, секоја мисла, или како што запишал Лари (Лоренс Оливие) дека "глумата е инстинкт присутен во нас" или "дека театарот е голема соба со гледачи во аголот...". Таа е посветена на и околу театарот, а како главен лик е токму тој Лоренс Оливие. Потенцирани се неговите преобразби од лик во лик, од улога во улога кога гледачите не можеле да го препознаат по гласовните и физичките пресоздавања на себе си во својата креативност и генијалност како сценски волшебник. АМАНЕТ Иако книгата потекнува од театарот, од мајката сцена и е пишувана за него, таа може да се чита, толкува и разбира и за самиот живот. Во неа може да се најдат секојдневни обични или пак филозофски вистини поминати низ себе на големиот театарски волшебник Оливие на сцената, во филмовите во неговите преобразби и толкувања. Неговите искуства би било штета да не се напишани на хартија за да им бидат смерници на идните толкувачи на Шекспир. Нешто што е оставено како завет од Оливие е Писмото до младите актери на кои тој им го остава својот сценски аманет во кое тој го одредува актерот како "доктор, свештеник и филозоф". Покрај аманетот, тој и ги советува велејќи "разликата меѓу актуелната вистина и илузијата на вистината е тоа што треба да го научат на сцената", надевајќи се дека еден ден тие ќе бидат негова гордост и чест.
"Поети од Македонија" во издание на "Ми-ан" ПАНОРАМСКА СЛИКА НА ПОЕТСКИОТ РАЗВОЈ Пишува: Милева ЛАЗОВА
В о книгата "Поети од Македонија" се застапени најдобрите претставници на современата македонска, албанска и турска поезија што била создавана во текот на изминативе пет децении на тлото на Македонија. Иницијатор за едно вакво дело е истакнатиот поет, романсиер и публицист Јован Павловски во чија издавачка куќа е отпечатена оваа книга.Составувачите направиле напор да го прикажат најзначајното и најквалитетното од овие литератури, она што на поетски план се создавало на различни јазици, оплодено од различни национални традиции, но напишани на еден ист простор, врз една иста почва. Замислата на оваа книга е да се одбегнат досегашните делби и спогодби, притоа да се санкционираат разликите (во јазикот, во изразот, во духовната традиција), но и да се заборават за миг границите. Понатаму замислата на авторите не е да се понуди строга антологиска селекција, туку една панорамска слика на остварувањата и тековите на поетскиот развој, кои беа и плодни и разновидни во вредносна смисла. Секој внимателен читател и толкувач на поезијата може без особени тешкотии, да ги насети и да ги согледа бројните поетски и стилски совпаѓања во петдеценискиот развој на трите национални поезии. Во книгата се застапени шеесетина автори со свои творби, а секоја од нив е напишана на трите јазици - македонски, турски и албански. |
|