о повод триесетгодишната творечка
дејност на Методи Манев во Домот на културата "Крсте Мисирков" во Свети
Николе се одржа трибина која ја отвори градоначалникот на Свети Николе,
господинот Јордан Ѓорчев, кој одржа и поздравен говор. Трибината беше
составена од две сесии, на кои за делото на Манев проговорија повеќе
истакнати литературни критичари.
Во првата сесија, проф. д-р Науме Радически говореше за творештвото и
направи скица за портрет на Методи Манев. "За Берачите на звезди" на Методи
Манев проговори и д-р Васил Тоциновски, а поетесата Светлана Христова -
Јоциќ настапи со излагањето под наслов "На сводот на зборот - звезда". "Тажна
ода за детството" беше насловот на говорот на Радован П. Цветковски. Тој
проговори за поетската книга "Детството на дланка" за којашто потенцира дека
станува збор за една длабока метафора на значноста на дланката што се
чувствува како поврзувачка нотка и низ песните од циклус до циклус во
севкупната содржина на поетската книга, и на дланката со детството или
детството со дланката како носечко и автобиографско". И Димитар Никленов од
Бугарија проговори за "Детството на дланка" на Методи Манев.
НЕОБИЧНОСТ
М-р Виолета Мартиноска зборуваше за романот "Да се убие подбивната птица"
од Методи Манев. Таа потенцира дека нема намера да раскажува за романот,
туку да ги потенцира авторските аспекти аплицирани во него. Необичноста
на нештата е повод за размислување. Дали конвенционалните рамки на
однесувањето во одредено општество, заедница или семејство е нарушено со
поинаков начин на живот? И дали тогаш жигосувањето на луѓето како "необични,
налудничави" е неизбежно, праша Мартиноска.
Нове Цветановски проговори за социјално - етичкиот кодекс и естетската
димензија во прозата на Методи Манев. Цветаноски говорејќи за
романот "Сираче", истакна дека овој роман се појави во еден специфичен
период за литературата за деца и е со карактеристична мотивско-тематска
структура што делото го прави актуелно и денес. Овде, како што потенцира
Цветановски, е применет моделот на приказна која со својата таговност и
тегобност не го остава рамнодушен младиот читател. Всушност, станува збор за
една мотивско-тематска компонента која првенствено е базирана на еден
комплексен систем на егзистенцијални прашања и која е полна со
контрапунктови, апсурди и противречности.
ПОБЕДНИК
Во втората сесија д-р Душко Цацков говореше за романот за млади "Сината
патека на љубовта" од Манев. Станува збор за, како што истакна д-р Цацков,
роман за младите со мошне пластични и сугестивни ликови - Зоран, мајката
Миланка, особено Дедо Славко, па слепиот Циганин.... Тоа е роман што се чита
во еден здив и прифатлив и за ворасните читатели.
Христо Петрески говорејќи за расказите на Методи Манев истакна: Она
што е најбитно и треба посебно да се потенцира и при оваа мала анализа на
неговите раскази е фактот дека тој постојано е насочен кон откривањето нови
простори, просто копнеејќи по нив и кон нив и тоа не само во мотивска, туку
уште повеќе - во изразна смисла! "Сеќавањето се меша со настаните што
следуваат"- подвлекува на едно место Манев, а за нас е мошне битна и
впечатлива определбата да се истражува и инсистирањето да се раскажува во
секој следен расказ со примена на нова постапка во однос на претходниот.
Ранко Младеноски говореше за литературно-критичката дејност на Методи
Манев, односно за неговата книга "Книжевни студии и критики" со особен
акцент врз доблеста на Манев да ги разграничува литературните вредности.
За мене, пријатно изненадување е неговото нурнување во длабочините на
драмскиот жанр каде што создаде исто толку голема продукција како во
литературната така и во научната област. Со тоа ја освои сцената и преку
сценско - актерската презентација на своите драмски текстови се доближи до
публиката. За сето тоа говори и податокот дека при тоа не беше одминуван и
од повеќе награди", потенцираше Горјан Петрески зборувајќи
за драмските текстови на Манев.
Новинарот и публицист Мишо Китановски истакна дека Методи Манев
како новинар и публицист е фајтер. Влегува во борбата, добива, но и
задава удар. Секогаш директен, остар, тој доживува и многу непријатности, но
секогаш излегува како победник од секоја битка. Сите полемики во весниците
завршуваат во негова полза, вели Китановски.
Во рамките на оваа трибина беше промовиран и најновиот роман на Манев со
наслов "Корени на животот, корени на смртта". Промотор беше проф. д-р Науме
Радически.
Методи Манев е роден е на 25 јануари 1953 година во Амзабегово,
Светиниколско. Завршил Филолошки факултет во Скопје, група Југословенска
книжевност. На истиот факултет магистрирал на темата "Митолошките елементи
во прозата на Славко Јаневски". Живее и работи во Свети Николе.
Има многу објавени трудови меѓу кои се: Ерџелија, монографија, МЗ
Ерџелија,1981; Антидневник, роман, Студентски збор, Скопје,1982; Сираче/
Сироче, роман, двојазично издание, Сараево, 1985; Да се убие подбивната
птица, роман, Наша книга, Скопје,1989; Судбината на поетот, поезија, Свети
Николе, 1995; Последното цвеќе на есента, збирка раскази, Дом на културата "Крсте
Мисирков", Свети Николе,1997 и други. Манев има објавено статии во повеќе
весници во државава и пошироко.