инатата недела на покана од
македонскиот писател Васил Тоциновски за прв пат во Македонија допатува
бугарскиот писател на детска литература Димитар Никленов. Причината за
неговата посета беше трибината која се реализира во чест на Методи Манев во
Свети Николе, а исто така тој при оваа посета имаше средба и со повеќе
македонски автори со кои ќе ја продолжи соработката.
Во последната деценија од развојот на бугарската литература, писателот
Никленов се јавува како еден од најдобрите современи автори на приказни.
Своето богато и разновидно творештво безрезервно им го посветува на младите.
Литературата за деца и млади се негов голем творечки предизвик и смисла на
човечка и човечна опстојба. За нив ги објавил книгите: "Трите врапчиња", "Празник
за сите", "Кучето Бокс", "Детективот Џо", "Приказна за семафорот", "Приказни",
"Пријателите на Санчко", "Тројцата во стапица" и сега најновата "Приказни со
101 чудо" која книга на македонски ја преведе Васил Тоциновски. Покрај
напишаните книги, писателот Никленов има напишано и куклени пиеси кои со
голем успех се играат во Бугарија и надвор од неа.
СРЕДБА
Писателот Никленов живее во Стара Загора и за прв пат е гостин на
Македонија. Соработката со Васил Тоциновски ја започнал уште пред две години,
а се надева дека со неговата посета на Македонија таа соработка ќе ја
прошири и со други автори.
Како професионален писател во издавачкиот дел на печатно-издавачки
комлекс успеав да се запознаам со некои македонски творци кои ми оставија
силен впечаток и можеби заради тоа ќе се роди едно вистинско пријателство,
вели Никленов. Сакам да кажам неколку мисли и тоа благодарност до
господинот Васил Тоциновски, човекот кој прв ми помогна да се запознам со
некои македонски автори. Во Македонија има навистина творци кои нема да
станат само блиски на македонската читателска публика, туку и на бугарските
читатели. Двата народа и македонскиот и бугарскиот се многу блиски и можеби
творештвото кое ние го создаваме заемно тоа ќе им се допадне како на
македонските така и на бугарските читатели.
Инаку, основната причина зошто писателот Никленов е во Македонија е да ја
посети Македонија, а следната причина е печатењето на неговата книга на
македонски јазик "Приказни со 101 чудо", во превод на Васил Тоциновски.
Исто така тука сум поради поканата да учествувам на Трибината во чест на
Методи Манев во Свети Николе, додава Никленов. Прочитав една од
неговите книги "Детството на дланка" која ми остави силен впечаток.
Таа ме потсети и на моето родно место каде што сум израснал и моето детство
кое било многу слично со детството на Методи Манев.
ИНТЕРЕС
Писателот Никленов е вработен како редактор во издавачкиот дел на
печатно-издавачки комлекс "Литера принт ад". Тој е еден голем комплекс кој
освен со печатарски услуги кои се извршуваат до првични учебници има и
издавачки дел во кој се изработуваат издавачки планови не само за тековната
година туку и за следната. Исто така, и неговата сопруга има приватна
издавачка куќа "Палмира" која има постигнато голем успех.
Досега успеавме да издадеме книги од 90 автори кои во Бугарија се големи
имиња, обајснува Никленов. Тоа е скромно издаваштво во Стара Загора,
но успеваме да печатиме дела од автори и од други градови од Софија, Пловдив...
За жал, можам да кажам дека во последните неколку години интересот кон
бугарската литература има мал пад. Отворено можам истакнам дека
делата на некои автори не се читаат затоа што можеби современите деца
започнаа да мислат на сосема друг начин. Не сакам да ги навредам моите
колеги кои се повозрасни, но затворени во своите кабинети пишуваат и
создаваат дела какви создавале во минатото. Сметам дека тоа е една од
причините на децата да не им е блиска темата која тие ја создаваат. Од
година во година младите се повеќе умствено се надградуваат така што
авторите треба творат дела кои ќе бидат поблиски до таа читателска
популација. Меѓутоа, тука се и финасиските проблеми, затоа што еден
автор за да може да излезе некаде во друга држава треба да има финансиска
поткрепа од државата. Затоа честопати се запрашуваме кога еден
литературен творец ќе може своето творештво да го претстави некаде во
странство? Тоа се случува многу ретко.
ТВОРЕШТВО
Димитар Никленов во моментов ја преведува книгата "Раскази" од Васил
Тоциновски, а таа ќе биде и првата книга која ќе биде издадена во Стара
Загора во издавачката куќа "Палмира".
Имам голема желба нашите професионални и пријателски врски да се
продлабочат и да преведам уште неколку книги од македонски автори, вели
Никленов.
Освен книги за деца пишува драматургија исто така за деца специјално за
куклените театри. Неговите куклени пиеси со голем успех се играат на сцените
на куклените театри ширум Бугарија, успех кој ги одбележува и неговите
дваесетина сценарија за филмови во најгледаната анимирана серија "Добра ноќ,
деца" на Бугарската национална телевизија. Создал многу пиеси кои за негова
радост се поставени не само во Бугарија, туку и надвор од неа.
Во Русија беше поставена мојата пиеса "Магаренцето Риквио" која доживеа
голем успех, објаснува Никленов. Неодамна ме информираа дека пиесата
е преведена и на шпански во Мексико, која ќе биде поставена на театарска
сцена на есен. Освен тоа мои пиеси се поставени во Белгија. Досега
имам напишано 17 детски книги, а куклени пиеси можеби се над 15-16. Многу
сценарија имам направено за националната телевизија. Содржината на
моите приказни, куклени пиеси, телевизиски филмови ја црпам со постојано
дружење и контактирање со децата. Можеби околу 100 средби годишно остварувам
со децата и тие средби многу духовно ме обогатуваат. Повеќе од 25
години работам само за нив. Мои книги засега има преведено на руски
јазик, има една книшка преведена на француски и се разбира најновата на
македонски.
Сите тие приказни на Никленов се кратки и со анегдотски карактер.
Раскажуваат животните, растенијата и предметите за себе, всушност
раскажуваат за човекот.
Инаку, децата во Бугарија често одат во детските театри, а нив ги има во
повеќе градови. Особено во градот Пазарџик се наоѓа еден од најубавите
државни куклени театри, со многу добри актери.