КУЛТУРА

Уште едно самостојно претставување на уметникот Владимир Младеноски

МАГИЧНА СИЛА НА БОИТЕ

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Платната на Младеноски не потсетуваат, ни откриваат нови визии и за она што го знаеме, но и за она што во моментот го осознаваме.
  • Речиси сите негови слики со маслени бои на платнени подлоги имаат впечатливо лапидарна колористика, непроѕирност од складни преливи, најчесто од црвени, жолти, зелени и сини партии.

Во галеријата "КО-РА", во Домот на градежните работници одтрети април е отворена самостојната изложба на Владимир Младеноски. На изложбата се претставени 26 дела, а љубителите на сликарската уметност, сликите на Младеноски ќе можат да ги видат до 14 април. На Владимир Младеноски оваа изложба не му е единствена, туку напротив досега има остварено голем број како самостојни, така и групни претставувања.

Тој е роден во Подгорци, Струшко. Педагошка академија има завршено во класата на професорот Вангел Коџоман, а како студент заедно со неговиот професор престојува во Венеција, Италија. Има добиено бројни награди на културните манифестации и детските ликовни колонии кои зборуваат за ликовен педагог кој на многу генерации им помогна и ги насочи како талент. Член е на ДЛУМ, ДЛУБ и ДЛПМ.

ИНСПИРАЦИЈА

Владимир Младеноски е ликовен уметник кој со својот творечки резултат од година во година предизвикува се поголем интерес во јавноста. Студиозно им приоѓа на просторите, објектите, предизвиците, а исто така осмислено ги актуелизира најскапоцените и најсуштествените пораки и факти. Сето тоа, уверливо и на најубав можен начин го пренесува и го оживува на платната. Играта на природата, вистинитоста на животот, старите улици, игрите на сонцето и темнината, моминските солзи, она што плаче и пее, она што се раѓа низ времето и просторот се опфатени со сликарската четка на Младеноски. Од неговите платна зрачи светлина и гордост, искреност, реален однос на состојбите во просторот, архаични вистини на животот. Сликарското видение на Младеноски е проширено на грижливо одбрани места од крајречните пејзажи, светлоезерските треперења во панорамски компонирани глетки, издвоени пејзажни моменти од езерската природа и густежи од бујна вегетација и рурални архитектонски зданија сраснати во една единствена целина. Секако тука не изостануваат необично лесно изведените женски фигури со идеализација на убавината на македонските девојки и жени од руралните средини. На платната на уметникот Младеноски присутни се и ентериерните сегменти (мртва природа, цвеќе, разни форми на садови, старински инструменти) кои индиректно одразуваат идилична семејна атмосфера, типична за приликите во кои живее Владимир Младеноски.

КОЛОРИСТИКА

Во делата на овој македонски сликар пулсира родниот крај каде се овековечува блесокот на боите со сета природна раскош и божја убавина. Младеноски започнува со реалистични појдовни основи, достигнува чисти импресионистички особености кои доминираат кај извесен број од негови творби, за на крајот да ги избегне сите замки на кои е подложна импресионистичката сликарска школа. Речиси сите негови слики со маслени бои на платнени подлоги имаат впечатливо лапидарна колористика, непроѕирност од складни преливи, најчесто од црвени, жолти, зелени и сини партии. Онаму каде што доминира жолтата боја забележлива е вангоговска жестина на употребата на палетата.

Љубителот на неговото сликарство, оној кој го следи неговото творење ќе го препознае авторот и во илјада други дела и по многу години. Уметникот на платно со четка и боја, Владимир Младеноски ни остава печат траен за векови во слики, пеејќи преку нив за убавината што го опкружува.


 

За него и неговите дела многу познати имиња како што се Паско Кузман, Виктор Цветаноски, Бранко Гапо, Симон Дракул Петко Домазетовски, Гале Галев ...кажале голем број позитивни критики.

***

Сликањето на Владимир Младеноски го следам и истиот во сликањето станува се поинвентивен, привлечен, сликајќи ја природата и доближувајќи ја истата до човековата душа која ја облагородува. Поседувам слики од цел негов развоен период што ми ја прави семејната средина поблиска до природата.

25.11. 1990 година,

д-р Димитар Трпеноски - Струга

***

Му благодарам на Владимир Младеноски кој ми овозможи неколку минути да поминам во еден прекрасен амбиент на убава природа и архитектура, оригинална македонска, со селскиот амбиент, а сето тоа насликано со многу дух, топлина и оригиналност во неговите слики. Му пожелувам уште многу години вака да твори и да остави зад себе оригинални дела на нашите поколенија.

11.05. 1991 година,

Блага Петреска

***

Впечатливост со која се прошетав по неолитските времиња на Балканот. Мошне задоволен со збогатени чувства за убавото.

01.05. 1992 година,

Паско Кузман

***

Благодарам за убавите могови поминати со мојот драг пријател Владо кој со своите слики ме врати во детството. Сликајќи ги прекрасните предели на Дримкол, станува свидетел на едно време кое изумира, но кое трајно ќе остане на неговите платна. Владо, благодарам уште еднаш на прекрасните полиња, за изморените жетварки и за се друго.

27.03. 1996 година,

Виктор Цветаноски


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"