Мешани патроли на северната граница

Граничната патрола на АРМ со војници од составот на КФОР се задолжени за обезбедување на северната граница на делот кон Косово, долж граничната линија. Мешаните тимови ќе патролираат секојдневно во областа меѓу Гошинце и тетовското село Јажинце.

Соседски зафат

Македонската и Албанската армија ја реализираа заедничката вежба "Соседски зафат 2003" на армискиот полигон Криволак. Според набљудувачите, еден вод на АРМ и вод на Албанската армија успешно ја изведоа вежбата и покажаа дека двете војски се подготвени за мировни операции по стандардите на НАТО.

Еден отсто царина за косовските стоки

Царинската управа на Македонија доставила инструкција до сите филијали да се прифаќаат уверенијата за движење ЕУР1, со што царината на стоките кои од Косово влегуваат во Македонија изнесува еден отсто. Според македонската Царина, ова се должи на фактот дека во трговската размена меѓу Македонија и Косово нема никакви проблеми.

Глигоров бил излажан од Милошевиќ?

Поранешниот македонски претседател Киро Глигоров веднаш по киднапирањето на Иван Стамболиќ на молба од неговата сопруга посредувал во откривањето за тоа кој стои зад киднапирањето. Тој контактирал со Милошевиќ и му било кажано дека поранешниот претседател на Југославија нема никаква поврзаност со исчезнувањето на Стамболиќ. Но, по обвинувањето на Милошевиќ за атентатот врз Стамболиќ од страна на српската Влада, по се изгледа дека Глигоров бил излажан.

Обновена македонско-хрватска соработка

На средбата на македонските и хрватските стопанственици во Стопанската комора на Македонија констатирано е дека Хрватска е заинтересирана за обнова на трговските односи со Македонија кои до скоро беа на многу високо ниво пред политичките случувања. Хрватскиот пазар е заинтересиран за увоз на земјоделски производи од Македонија, кои се и наш најголем извозен адут.

Студентите Македонци се обединија

Во Големата сала на Советот на Град Скопје се одржа обединувачко собрание на студентите Македонци од соседните земји на Република Македонија, кои студираат и учат на школите и универзитетите во Република Македонија. Собранието ги обединува Студентското друштво на Македонците од Албанија и Студентското друштво на Македонците од Република Бугарија "Пирин" во единствено Студентско друштво на Македонците од соседните земји во кое се вклучени Македонци од Албанија, од Бугарија, од Грција и Србија.

Словенија ќе и помогне на Македонија

Словенечкиот претседател Јанез Дрновшек, кој во Македонија оствари тридневна официјална средба, истакнал дека Словенија е подготвена да & помогне на Македонија со своето искуство во процесот на зачленување во НАТО и во Европската унија. Покрај овој став на словенечкиот Претседател, централна билатерална тема на средбите со неговите македонски соговорници беа начините за надминување на моменталниот дисбаланс во трговската размена меѓу Македонија и Словенија, преку заеднички проекти.

Враќање на охридските скапоцености?

Бугарската Влада на В. Радославов им ветила на охриѓани дека ќе им ги врати сите скапоцености што ги однела војската од Охрид за време на Првата светска војна штом ќе дозволат околностите. Постои документ за тоа. Оттогаш се поминати 90 години, меѓутоа иако се создадени услови за негово безбедно чување до денес на охриѓани тоа не им е вратено.

Меѓународен симпозиум за стоматологијата

На петти овој месец во Скопје во хотелот "Холидеј ин" ќе се одржи меѓународен симпозиум на тема "Стоматологијата денес, достигнувањата и можностите од аспект на секојдневната практика". Организаторот на симпозиумот, Здружението на приватните доктори на стоматологија на Македонија успеа да собере неколку врвни светски и балкански стручњаци од областа на парадентологијатата и стоматолошките болести.

Концерт со европски гости

Во Музеј на град Скопје денес (4 април) концерт ќе одржат виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ од Србија и Црна Гора и пијанистката Катерине Кипфел од Франција. Концертот е во организација на Дирекцијата за култура и уметност - Скопје, Музичката младина на Македонија со помош на Амбасадата на Србија и Црна Гора во Р. Македонија.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"