Легализација на тетовскиот парауниверзитет?
Процесот на легализација на тетовскиот универзитет е почнат, но може
да се очекува признавање само на оние факултети кои ги исполнуваат условите
за акредитација и евалуација предвидени со Законот за високо образование,
вели заменик-министерот за образование, Тале Герамитчиоски, и додава дека не
треба да се залажуваме оти со легализацијата на одредени факултети државата
целосно врз себе ќе го преземе нивното финансирање.
Универзитет во Штип
Иницијативата на група интелектуалци предводени од браќата Жан и Саша
Митреви за основање трет универзитет со седиште во Штип наидува на се
поголема поддршка од штипјани. Тие се убедени дека во Македонија се
создадени услови за реализирање на ваквиот предлог што треба да има
приоритет пред оној за легализирање на малоречанскиот парауниверзитет.
Турците ќе ја бојкотираат наставата
Учениците Турци од земјава деновиве ќе ја бојкотираат наставата, ако во
гостиварското село Врапчиште не биде поставен Турчин за директор на
основното училиште. Родителите и наставниците Турци се револтирани од
одлуката на министерот за образование, Азис Положани, со која за директор на
училиштето поставил Албанец, и покрај тоа што таму учат најмногу Турци, а
турското население е најбројно во селото.
Усвоен Бранковиот закон
Пратениците го изгласаа Законот за поттикнување на вработувањето, познат
уште како и Бранков закон. Со Законот државата презема обврска да учествува
во трошоците на работодавачите за придонесите за плата и за други придонеси.
Законот важи до 31 декември 2003 година, а стекнатото право за надомест
на средствата ќе продолжи до истекот на две години од денот на вработувањето
по овој Закон.
96,7 милиони клириншки долари за Македонија
Нето-побарувачката на земјите - наследнички од СФРЈ од некогашниот СССР
изнесува 1,29 милијарди клириншки долари, утврдиле на последниот состанок во
Белград претставниците на петте поранешни југословенски републики и
претставниците на Руската федерација. Од ова побарување, според утврдениот
меморандум, на Македонија & припаѓаат 7,5 проценти или 96,7 милиони
клириншки долари.
Албанците против споменик на Делчев во Дебар
Двајца советници на ВМРО-ДПМНЕ не успеале да ги убедат своите колеги од
другите политички партии да се стави на дневен ред повторната иницијатива за
изградба на споменик на македонскиот револуционер Гоце Делчев во Општината
Дебар. На седницата на Советот на оваа Општина, на која од вкупно 17
присуствуваа 15 советници, против ставањето на дневен ред на ваквата
иницијатива гласале 12 советници од албанските политички партии, а воздржан
бил советникот на СДСМ.
Преиспитување на случајот "Раштански Лозја"
Убиството на седумтемина странски државјани кај Раштански Лозја од страна
на полициска патрола и понатаму е предмет на разни шпекулации. Според некои
станува збор за терористи, а според други за сиромашни граѓани, чиј
единствен грев бил тоа што илегално влегле во државава, а потоа сакале да се
префрлат во Грција каде што наводно ги чекала работа.
Портпаролот на МВР, Мирјана Контевска, вели дека МВР не го заборавило
трагичниот настан и сериозно работи за да се дојде до вистината.
"Етногенезата на Македонците" на интернет
Интернет-страницата на Организацијата Обединети Македонци во Канада (www.unitedmacedonians.org)
е збогатена со делото на историчарот Александар Донски "Историјата на
Македонија - Етногенеза на Македонците".
На почетокот, посетителите ќе можат да го прочитаат првиот дел под наслов
"Куса историја на древна Македонија", а постепено ќе бидат поставувани и
преостанатите делови кои ја покриваат историјата на Македонија се до
нејзината независност.
Трансформација на МРТВ
Генералниот директор на Македонската радио телевизија, Гордана Стошиќ,
изнесувајќи го концептот на претстојната трансформација на МРТВ истакна дека
таа подразбира реорганизација од парадржавен во медум кој ќе биде јавен
сервис за сите граѓани во земјата и тоа според стандардите на европската
јавна радиодифузија. Крајната цел на реформата, како што изјави Стошиќ, е да
се постигне поголема ефикасност, повисок квалитет и поевтини услуги.
Генералниот директор на МРТВ потенцира и дека финансиската состојба на
куќата е далеку од розова, бидејќи загубата изнесува 15 милиони евра.
ISO 9001:2000 за Мобимак
Мобимак а.д. Скопје се стекна со сертификат за задоволување на светскиот
стандард за квалитет ISO 9001:2000. Процесот на сертификација на т.н "Систем
за управување со квалитетот" во Мобимак е извршен од една од најпознатите и
најпризнати сертификациони тела во светски рамки "Lloyd's Register Quality
Assurance".
Недостигаат реагенси за лабораториски анализи
На Детската клиника - Скопје недостигаат реагенси и маркери и не се вршат
сите лабораториски анализи. Се прифаќаат главно само итните случаи, а за
одделни анализи се користи лабораторијата во Хируршкиот блок. Во Клиничкиот
центар во Скопје недостигот се ублажува со зајмување од другите лаборатории,
но и таму резервите се на црвено.
|