|
ЕКОНОМИЈА
Мрежниот маркетинг се попопуларен
ПРОИЗВОДИ ПО ПОВОЛНА СПЕЦИЈАЛНА ЦЕНА
Пишува: Рената МАТЕСКА
- Самите сте си свој газда со примената на Мулти-Левел Маркетинг или
Нетњорк Маркетинг која кај нас е во вистински подем.
- Ваквиот маркетинг го има од поодамна во светот, а во време на
невработеност и недостиг на пари нуди можност за заработка.
П ласманот на стоката и услугата со
примената на системот Network Marketing, односно Multi Level Marketing во
земјите со развиена трговија егзистира веќе неколку децении, а кај нас
експанзијата започна во последните неколку години.
Граѓаните често се среќаваат со фирми, односно со производи од типот на
Oriflame, Zepter, Hemel, Herbalife и други чии производи не се продаваат во
продавница, туку само со дистрибутери. Продавачите своите производи ги нудат
по пат на презентации. Членовите на ваквите фирми имаат можност со попуст да
ги купуваат производите кои претендираат со својот квалитет, но и да ги
нудат на потрошувачите, да зачленуваат нови членови и да ја шират мрежата,
освојувајќи поени.
ФУНКЦИОНИРАЊЕ
Систем на мрежниот маркетинг, Multi-Level Marketing (MLM) е
најпрогресивен начин на пласман на стоки и услуги. Често го нарекуваат
маркетинг дистрибутивен систем на 21 век. Успешно функционира веќе неколку
децении, а вистинската експанзија ја доживеа во 90-те години.
Овој маркетинг се појавува како конкуренција на класичниот начин на
продажба со цел максимално да се заобиколат посредниците помеѓу
производителите и потрошувачите.
Патот на производот од производителот до потрошувачот според економистот
Питер Клотјер во класичниот маркетинг подразбира вградување на разни
посреднички услуги во цената на производот, што не одговара ниту на
купувачот, ниту на производителот.
Мрежниот маркетинг е маркетинг во повеќе нивоа, е нов пристап во законите
на слободниот пазар, подруг начин на пласман на производите. Производителот
на овој начин му се приближува на купувачот, со што цената на производите
станува поволна. Потрошувачот добива можност да ги купи производите по
специјална цена која во практика често се нарекува: клупска, основна,
магацинска, дистрибутерска и цена за соработници.
ДИСТРИБУТЕРИ
Луѓето кои ги пласираат производите се нарекуваат дистрибутери, но со
оглед на фактот дека и тие се корисници на производите, се користи
посоодветен термин - регистрирани потрошувачи - дистрибутери. Тие се еден
вид врска помеѓу производителот со преостанатите потрошувачи кои не се
дистрибутери. Во практика не е редок случајот повеќе производители да
наоѓаат интерес и да се поврзуваат во една MLM компанија поради заеднички
настап на пазарот. Реалноста говори дека и тие врски не се од долг век. Тука
се и разни помошни организации како клубови и здружувања на дистрибутери,
издавачки организации итн. За разлика од класичниот начин на продажба каде
неколку продавачи по цел ден работат во еден продажен објект и несразмерно
учествуваат во добивката на својата фирма, во MLM голем број луѓе работат по
малку, смалувајќи го со тоа времето и работата на продажба, а овозможено им
е учество во добивката на фирмата, еднакво на ангажманот и реализацијата на
прометот, според системот на напредување и распределба на заработката во
фирмата. Секоја фирма има сопствен план на кариера и компензационен план,
односно нивоа на напредувања и систем на распределба на заработувачката.
Развојот на компјутерската технологија им овозможи на MLM фирмите лесно и
прецизно следење на прометот, активностите на дистрибутерите и контролата на
распределбата на добивката.
ЗАШТЕДИ
Фирмите со мрежен маркетинг немаат високи трошкови кои во многу сегменти
го оптоваруваат класичното водење бизнис, а се вградени во крајната цена на
прозводот која ја плаќа купувачот. Со ваквите фирми исчезнува потребата за
поседување голем број деловни и малопродажни објекти, транспорт до
потрошувачите, голем број вработени, скапи менаџери кои обезбедуваат
завршување на работите, рекламни кампањи, скапи и атрактивни амбалажи. Со
други зборови, повеќекратно се заштедува. Во компаниите на мрежниот
маркетинг целата работа ја извршуваат регистрираните потрошувачи -
дистрибутери од продажба, транспорт и рекламирање на производите по пат на
меѓусебна комуникација и лични контакти. Фирмите кои работат по MLM системот
многу вложуваат во квалитетот и развојот на своите производи, а поради
непосредниот контакт со потрошувачите можат побрзо да реагираат на барањата
и потребите на пазарот.
Најдобар начин на продажба во
MLM е да не продавате! Ако постои замисла која самата себе се продава, тогаш
тоа е замислата на MLM, вели Дон Фаилја, истакнат економист.
ПИРАМИДИ
Сепак, постојат многу заблуди во врска со мрежниот маркетинг, бидејќи има
многу илегални, пирамидални дистрибутивни системи кои себе си се
претставуваат како Multi-Level Marketing програми. Пирамидалните бизниси се
нелегални, со законски прописи забранети во повеќе држави.
Што се однесува до Република Македонија, не е потребно да се зборува за
функционирањето на правната држава и за постоењето на пирамиди, октоподи и
други слични илегални дејности кои оштетија, но и оштетуваат голем број луѓе.
Токму од тие причини луѓето се плашат да влезат во една ваква програма,
бидејќи токму изградбата на потрошувачката мрежа ги потсетува на пирамида и
тие не можат да ја согледаат разликата. Постојат изреки "добриот глас далеку
се слуша", но и "кого змијата ќе го касне, тој и од гуштер се плаши".
Причината поради која мрежата потсетува на пирамида е математичкото
упростување при претставувањето на системот на заработка и напредување.
Сепак, за внимателност на граѓаните препознатливите знаци за пирамидите се:
високата цена за членство, непостоење договор за дистрибутерите и фирмата,
скапи семинари, заработуваат само оние на врвот и слично.
MLM според експертите и сите печатени книги за ваквиот маркетинг е
легален и испробан систем кој успешно функционира неколку децении и нема
таканаречени "детски болести" и недостатоци. Во овој маркетинг, ако правилно
се работи, никој не би требало да губи, сите учесници се добитници, каде и
да им е местото на скалилата на системот. Економистите велат дека системот е
праведен, бидејќи секој има реална можност да се пробива до врвот, до
најголемата заработувачка. Искуството говори дека овој маркетинг е патот до
обезбедување на материјална добивка. Во целиот свет многу луѓе на овој начин
материјално се ситуирале, а некои од нив станале и милионери. Покрај
благосостојба, MLM системот овозможува да работите независно и тоа што го
сакате, но и да им помогнете на другите да остварат благосостојба и
задоволство.
За разлика од нашите соседни земји каде овој маркетинг е многу актуелен,
ние во Македонија сме засега првачиња, пред се поради нашата скептичност, но
и лошите искуства со пирамидалното работење.
|