|
МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ
Десетгодишнина од формирањето и петгодишнина од првото генерално Собрание
на Светскиот македонски младински конгрес
ДА СЕ ОБЕДИНАТ СИТЕ МАКЕДОНСКИ ОРГАНИЗАЦИИ ВО СВЕТОТ
Пишува: Милева ЛАЗОВА
- Светскиот македонски младински конгрес е прва невладина младинска
организација која во Република Македонија дефинира Национална програма за
деца и млади, истакна претседателот на СММК, Гоце Дуртаноски.
- СММК има за цел да ги обедини сите македонски младински, ученички и
студентски организации во целиот свет во напорите за одржување на
македонскиот национален идентитет.
П о повод десетгодиш-нината од
формирањето (на 7 август 1993 година) во Скопје, Македонија, и
петгодишнината од одржувањето на Првото Генерално Собрание на 28 март 1998
година во Хирт, СР Германија, Светскиот македонски младински конгрес
организираше два одделни приеми во Скопје и во Келн.
На 28 март, во хотел " Holiday
Inn" во Скопје,
СММК организираше коктел за членовите на организацијата, студентите
Македонци од соседните земји на Република Македонија и претставниците на
подмладоците на политичките партии и младинските невладини организации.
Гостите ги поздрави потпретседателот на Македонскиот младински конгрес за
Македонија, Боби Ѓорѓиевски, пренесувајќи ги поздравните телеграми од
претседателот на СММК, Гоце Дуртаноски од Ротердам, Холандија и генералниот
секретар на СММК, Дарко Ангелов од Загреб, Хрватска. Пред присутните свое
излагање имаше и претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров.
ПРИЕМ
Светскиот македонски младински конгрес (СММК) организираше прием во
хотелот " Holiday Inn"
на кој присуствуваа Тодор Петров, претседател на СМК, Ниче Димовски,
генерален секретар на СМК, Аце Димоски заменик-генерален секретар на СМК,
Исмаил Бојда, претседател на Сојузот на Македонците со исламска религија и
други. На приемот присуствуваа и претставници и на подмладоците на
политичките партии во Макеоднија, Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ,
ВМРО-вистинска, Либерално-демократска младина на Македонија, Сојузот на
студентите на Универзитетот "Свети Кирил и Методиј" во Скопје, Студентското
друштво на Македонците од соседните земји на Република Македонија и АИЕСЕК.
На одбележувањето на овој јубилеј присуствуваа и студенти Македонци од
Србија, Бугарија, Грција и Албанија кои студираат во Република Македонија.
На 29 март, пак, во најрепрезентативниот " Dom hotel"
во Келн, Светскиот македонски младински конгрес, исто така организираше
прием на кој присуствуваа Јасмин Кахил од Генералниот конзулат на Република
Македонија во Бон, Џон Тодоровски, шеф на Постојаната мисија на Светскиот
македонски конгрес за Европската унија и претседател на Македонската
заедница во Кралството Холандија, Зоран Ѓорѓиев од Македонската заедница за
Средна Германија, претседателот на партијата "Народна волја", Никола
Стојанов, претседателот на светската организација "Македонски лавови" Ристо
Поповски, претседателот на МПЦО "Свети Димитриј", Димко Пржевски, Костадинка
- Коца Ѓорѓевска, претставник од Германско-македонското друштво на
пријателство, македонски студенти и претставници на македонските медиуми од
СР Германија.
ГОВОР
Светскиот македонски младински конгрес е прва невладина младинска
организација која во Република Македонија дефинира Национална програма за
деца и млади уште на 16 февруари 1999 година, нудејќи ја како платформа за
донесување Национална програма за деца и млади пред Собранието, Владата и
претседателот на државата, истакна актуелниот, трет по ред претседател
на СММК, Гоце Дуртаноски, во излагањето пред гостите на приемот, додавајќи
дека СММК ќе остане запаметен и по организацијата на првиот Македонски
младински форум на кој со свои претставници присуствуваа сите подмладоци на
политичките партии во Република Македонија. На Форумот, одржан на 22 јули
2001 година во Охрид, се донесе Декларација за соработка помеѓу младинските
невладини организации и подмладоците на политичките партии во Република
Македонија. СММК е организатор на традиционалната манифестација "Чествување
за Александар Македонски" која се одржува во Охрид на денот на раѓањето на
македонскиот император Александар Македонски на 23 јули секоја година, го
помогна формирањето на Македонскиот младински клуб "Александар Македонски"
во Берлин, Студентското друштво на Македонците од Албанија во Скопје,
Студентското друштво на Македонците од Република Бугарија "Пирин" во Скопје
и други македонски младински организации. СММК има за цел да ги
обедини сите македонски младински, ученички и студентски организации во
целиот свет во напорите за одржување на македонскиот идентитет, и целта не
му е монопол, туку проширување на македонското младинско организирање и
развој на цивилното општество, го заврши своето излагање претседателот
Дуртаноски.
Во поздравното излагање, претседателот на Македонскиот младински конгрес
за Европа, Горан Пржевски, рече: Се надеваме дека договорот на младите
еден ден ќе се оствари под мотото "Сојуз за млади", кој треба да се заложи
за развој на економските, социјалните, научните, културните и други права на
децата и младите во Македонија. Ако сите заедно сториме се што е можно,
младината во општеството да живее на начин на кој таа посакува и заслужува,
тогаш повеќе од сигурно е дека ќе имаме една развиена европска држава во
која ние посакуваме еден нов дијалог на генерациите, секако не игнорирајќи
го фактот дека без искуството и знаењето на постарите генерации, младите не
можат да просперираат, но и обратно. СММК е отворен за сите млади Македонци
кои ја сакаат Македонија независно од политичката припадност, верското
уверување и државјанството кое го поседуваат, кои преку најразновидни
проекти ги анимираат основните македонски вредности и го афирмираат младиот
човек во општеството и државата со сите негови права и обврски, заврши
Пржевски.
ПРЕЗЕНТАЦИЈА
Приемот започна со настап на нашиот познат пијанист Дарко Костовски со
композицијата "Азурниот валцер" од Фредерик Шопен, а продолжи со фрагменти
од поетското творештво на Костадинка - Коца Ѓорѓевска посветено на
100-годишнината од славната Илинденска епопеја и Крушевската Република. Во
кратката програма Светскиот македонски младински конгрес ги презентираше
своите активности од последните 5 години со проекција на фотографии и
документи.
Претставена беше официјалната веб-страница на СММК која е добитник на
меѓународно Признание за најдобра веб-страница во светот за 2002-2003 година,
успех овенчан со Golden
Web
Award.
За првпат во јавноста беше прикажан дел од богатата архива на дописи од
Белата Куќа и администрацијата на поранешниот претседател на САД, Бил
Клинтон, актуелниот Џорџ Буш, поранешниот македонски претседател Киро
Глигоров, администрацијата на Лорд Џорџ Робертсон, поранешниот претседател
на Јужноафриканската Република, Нелсон Мандела.
Светскиот македонски младински конгрес ја претстави и "Асоцијацијата на
младите македонски ројалисти" која дејствува во рамките на СММК и која
постојано одржува контакт со кралските семејства во целиот свет.
Претседателот Дуртаноски ја потенцираше вредноста на овој вид на
презентација на нашата држава имајќи го предвид фактот дека Македонија е
прва и најстара држава во Европа со кралско уредување. Од колекцијата на
кореспонденција со кралските семејства во светот упатени на адреса на СММК и
"Асоцијацијата на младите ројалисти" прикажани беа благодарности од
кабинетот на Папата Јован Павле Втори од Ватикан, од јапонскиот император
Акихито, норвешкиот крал Харалд Петти, камбоџанскиот крал Нородом Сиханук,
тајландскиот крал Бумибол Адуладеј, лихтенштајнскиот монарх Ханс Адам Втори,
шпанскиот крал Хуан Карлос Први, последниот престолонаследник на
Австро-унгарското царство Ото фон Хабзбург, Н.К.В. Принц Вилијам од Велс и
други.
Приемот заврши со европската промоција на книгата "Кога дуњите зреат" на
младата поетеса Емилија Котеска од Прилеп, а потоа Претседателството на СММК
ги покани присутните гости на пијалак и јубилејната роденденска торта со
шеснаесетзрачното македонско сонце.
|