ројот на студентите во државната
квота што ќе се запишат во учебната 2003/04 година на Универзитетот "Св.
Кирил и Методиј" ќе биде ист како лани, а поради скусување на Буџетот
предвиден за Универзитетот, ќе поскапи студирањето со кофинансирање.
Деканите на факултетите ќе го определат бројот на студенти што ќе се
запишат приватно, кога Одборот за акредитација ќе го утврди просторниот и
кадровскиот капацитет на секоја високообразовна институција. Цената на
студирање за студентите во државна квота ќе биде иста како и минатата година,
од 100 до 200 евра годишно. Цената за студентите со кофинансирање не е
позната, а поради новите параметри што за првпат оваа година ќе бидат
вклучени во цената, се очекува приватните студии да бидат поскапи. Инаку,
досега државните студенти со кофинансирање за студирање плаќаа од 400 до 700
евра во зависност од факултетот.
Се уште не се знае колкава ќе биде сумата за студентите со кофинансирање.
Мојот став е дека мора да се задржи државната квота која целосно би требало
да биде ослободена од плаќање. Со сегашнов начин на студирање се нарушува
државната одредба за бесплатно школување, бидејќи и студентите од државната
квота, а и оние со кофинансирање, плаќаат за школувањето, коментира проф.
д-р Љубомир Цуцуловски, претседател на Универзитетскиот Сенат во Скопје.
ПОСКАПУВАЊЕ
Се претпоставува дека, највероватно, приватните студии на Медицинскиот
факултет ќе чинат околу 1.000 евра. Вака како што стојат работите и како што
се најавуваат, приватното студирање ќе биде достапно само за студентите чии
родители се со нешто подлабоки џебови. За обичните работници вакви цени за
приватни студии на нивните деца не се замисливи ни на сон. Во последно време
не случајно ни се случува одлив на студенти кои својата висока наобразба ја
добиваат во Софија, Тирана, Белград и други Универзитети во странство. Но, и
во нашава држава функционираат некои приватни високообразовни институции
како контрадикторниот ММ колеџ и Штуловиот универзитет во Тетово.
Сепак, конечниот збор за студентите со кофинансирање се очекува да го
каже Одборот за акредитација кон крајот на април.
ПРЕСМЕТКИ
На седницата на Ректорската управа беа дефинирани единствено бројките и
сумите за редовните студенти од државната квота, кои и во идната учебна
година ќе плаќаат од 100 до 200 евра на скопскиот Универзитет. Ректорот на
скопскиот Универзитет, Александар Анчески, ги задолжи факултетите да
направат процена за новата сума за кофинансирање во која би требало да
влезат процените за трошоците за нематична настава, потоа да се направат
калкулации за инвестициското одржување на факултетите и кредит-трансфер
системот, бидејќи овие ставки не се предвидени во Буџетот. Но, тој им
нагласи на деканите од факултетите да водат сметка сумите за кофинансирање
да не бидат превисоки, туку да се оди кон минимални покачувања.
Секој факултет ќе треба да си пресмета колку го чини еден студент со
кофинасирање. Во цената треба да се пресметаат и трошоците што факултетот ги
има за држење на нематична настава на професорите од други факултети,
инвестиционото одржување што го има факултетот, како и трошоците за
воведување на кредит-трансфер системот, потенцираше ректорот на
Универзитетот "Св. Кирил и Методиј", Александар Анчевски.
Некои од деканите побараа да се определи највисоката цена за студирање со
кофинансирање, за да не се дојде во ситуација некои факултети да забегаат во
проценката. Ректорот Анчевски најави дека, највероватно, студиите на
Медицинскиот факултет ќе чинат 1.000 евра.
Одборот за акредитација до крајот на април ќе ги изготви бројките кој
факултетот каков капацитет ќе има. За разлика од минатата година, кога
факултетите беа ограничени со бројот на приватни студенти кој не можеше да
биде поголем од државната квота, оваа година се ќе зависи од можностите на
факултетите. Ако има капацитет, факултетот ќе може да запише и три пати
повеќе приватни студенти од оние во државна квота, според констатацијата на
ректорот Анчевски.
УСЛОВИ И КРИТЕРИУМИ
Право на запишување имаат кандидатите со завршено четиригодишно средно
образование, во средни училишта верифицирани со акт на Министерството за
образование и наука. По исклучок, особено талентирано лице може да запише
студии на факултетите од областа на уметноста, иако нема завршено
четиригодишно средно образование, под услов тоа да го стекне до крајот на
втората година на студиите, под услови утврдени со статутот на факултетот.
Кандидатите се запишуваат како редовни студенти финансирани од државата и
редовни студенти со кофинансирање на студиите. Сите кандидати се запишуваат
со полагање приемен испит. Приемниот испит се состои од два предмета
утврдени од факултетите, кои се дадени во прилог на Конкурсот. Пред
започнување на приемниот испит, на Архитектонскиот факултет, на Факултетот
за ликовни уметности и на педагошките факултети, се врши тестирање на
пријавените кандидати за утврдување на способностите за студирање. Основни
услови и критериуми за запишување се успехот постигнат на приемниот испит и
успехот постигнат во средното образование. Вреднувањето на успехот се
изразува во поени. Во вкупниот број поени, успехот постигнат на приемниот
испит учествува со 60, а успехот од средното образование со 40 поени. За
следење на реализацијата на Конкурсот, Ректорската управа формира
Универзитетска конкурсна комисија.
На факултетите, како вонредни студенти може да се запишуваат кандидатите
кои ги исполнуваат условите за запишување и имаат засновано работен однос на
неопределено време, како и кандидати кои од оправдани причини не се во
можност да се запишат како редовни студенти. На факултетите, како редовни
студенти се запишуваат и кандидати кои ги исполнуваат условите за запишување,
а поради ограничените квоти не можат да се запишат во категоријата студенти
финансирани од државата, туку со кофинансирање.
РОКОВИ
Пријавувањето, полагањето и запишувањето на кандидатите во првиот уписен
рок на сите факултети се врши во определени термини. Пријавувањето се врши
на 24 и 25 јуни 2003 година. Приемниот испит се полага на 30 јуни и 4 јули
2002 година, освен на факултетите од уметностите, на кои приемниот испит ќе
се изведува во периодот од 30 јуни до 3 јули 2003 година. Решението за прием
на кандидатите ќе биде објавено на 9 јули 2003 година. Запишувањето на
примените кандидати ќе се врши на 10 и 11 јули 2003 година.
Пријавувањето во вториот уписен рок се врши на 1 и 2 септември 2003
година. Приемниот испит се полага на 5 и 9 септември 2003 година, освен на
факултетите од уметностите на кои приемниот испит ќе се изведува во периодот
од 5 до 11 септември 2003 година. Решението за прием на кандидатите ќе биде
објавено на 15 септември 2003 година. Запишувањето на примените кандидати ќе
се врши на 17 и 18 септември 2003 година.
На факултетите на кои се врши запишување во трет уписен рок ,
пријавувањето е на 22 септември, а приемниот испит се полага на 23 и 24
септември 2003 година. Решението за прием на кандидатите ќе биде објавено на
26 септември 2003 година. Запишувањето на примените кандидати ќе се врши на
29 септември 2003 година.