е погласните најави за решавање
на проблемот на Косово и неговото јасно политичко дефинирање (независност)
ги обременува кујните во Република Македонија, Србија и Црна Гора, Албанија
и Бугарија, бидејќи се очекува да се случат многубројни неочекувани настани
кои ќе ја замрсат и онака напнатата состојба на Балканот. Во прилог на ова
одат и воените барабани, чии предвесници, гранатирањето на караулата Гошинце,
постојаните камени барикади на пругата кај Табановце, на македонска
територија, се само дел од патешествието (сценариото) што го одбрале
Албанците на овој простор.
Затоа последиците се страшни, иако никој не ги посакува. Но, мора да се
прифати реалноста, бидејќи Косово одамна е рак-рана за Република Македонија
и соседните земји. Нејзиниот проблем метастазира во последните десетина
години, но откако меѓународната заедница се обиде да ја цивилизира
албанската популација и во тој обид не успеа, криминалот и беззаконието
царуваат на оваа територија.
КЛУЧОТ
Косово е тежок политички и државнички проблем кој во моментов е стаклено
ѕвоно за меѓународната заедница. Благодарение на нивната попустливост,
неумеење и пред се незнаење да се соочат со фактите на теренот, покраината,
создава атмосфера на напнатост и исчекување од која треперат многумина.
Затоа нестабилноста продолжува да го потресува регионот, а политичкиот
вакуум што се негува ја задржува тензијата на високо ниво. Но, се повеќе
домашни и странски политичари трубат дека Косово набргу би требало да стане
независно. Како тоа ќе се одрази врз положбата на Република Македонија е
многу тешко прашање, бидејќи секој си има своја пресметка?
Професор д-р Билјана Ванковска од Филозофскиот факултет при Институтот за
одбранбени и мировни студии во Скопје, вели дека прашањето за крајниот
статус на Косово, или евентуалната независност, како Дамаклов меч виси над
Република Македонија со години.
Тоа би била некоја генерална оценка, доколку во самиот политички врв (па
и во рамките на опозиционите партии), не би постоеле и субјекти кои во
таквиот краен исход не гледаат и решение кое би било праведно и позитивно би
се одразило на состојбите во нашата држава, оценува професор Ванковска.
Да биде ситуацијата уште посложена, и самата меѓународна заедница не е
сигурна каков исход би бил позитивен, па затоа се уште ја практикува старата
"добра" практика на одложување. Затоа, единствен заклучок од оваа дилема е
дека станува збор за таков јазол што и доколку го пресечете и доколку го
оставите да се замрсува и да постои и понатаму - ризикот е подеднаков, т.е.
извонредно голем. Денес не е потребна меѓународна арбитража за да се заклучи
дека моменталната состојба во Косово (економска, социјална, безбедносна, па
и политичка) не ветува воспоставување на држава која би ги исполнувала
меѓународните стандарди за меѓународен субјект, кој би бил способен да ја
обезбеди својата економска одржливост, или да гарантира индивидуална
безбедност на своите граѓани, анализира Ванковска. Секако,
воспоставувањето на држава ќе претпоставува менување на државните граници на
Балканот, т.е. ќе биде директен предизвик за Србија, но и за важечката
резолуција на ООН.
Кога станува збор за македонското гледање на проблемот, како што веќе
реков, тоа е повеќеслојно, т.е. не постои единствен став дури ни во
државното раководство, а да не зборуваме за граѓаните и етничките групи.
Сепак, тоа е најмалку релевантно, бидејќи прашањето за конечниот статус на
Косово воопшто не е во доменот на македонската политика, оценува
професор Ванковска. Реално гледано, одговорот на прашањето ќе биде даден
во Вашингтон или во Брисел. Пред-текстот ќе биде правото на самоопределување
на Албанците на Косово, меѓутоа дури и евентуален референдум нема да значи
дека граѓаните на Косово самостојно ќе одлучат за себе и за својата
политичка заедница. За зал, досега меѓународната заедница не се покажа
особено принципиелна по некои вакви круцијални прашања на Балканот, па можно
е да се очекува се: од брзо пресекување на Гордиевиот јазол и признавање на
државноста на Косово, до пролонгирање и создавање на клима за решавање на
прашањето (со евентуален референдум, или преговори со Србија околу одредени
територијални концесии во покраината), или дури обид прашањето да се одложи
за недефиниран период, ја анализира ситуацијата на Косово професор
Ванковска.
Што може Македонија да стори по ова прашање? Многу малку на меѓународен
план, а можеби нешто повеќе на внатрешен. За македонската држава најважно е
конечно да ги затвори прашањата на името и границата на север и со тоа
конечно да се стекне со полн меѓународен субјективитет, потенцира
Ванковска. Другата работа е стабилизирањето на состојбите на меѓуетнички
план, борбата против регионалните мрежи на криминал и стабилизација на
безбедносната состојба. Со други зборови, клучот на стабилноста на
Македонија се уште лежи во самата држава, што никако не значи дека државното
раководство уште веднаш не треба да започне да ги разгледува сите опции.
Колку што давањето независност на Косово може да претставува ноќен кошмар
за Македонија, уште толку ова прашање ја мачи и меѓународната заедница.
Скоро никој и не верува во одржливоста на вештачката творевина наречена
Соланиа (според нејзиниот творец), т.е. Србија и Црна Гора, подеднакво како
што и Дејтонска Босна не може да прерасне во вистинска држава, истакнува
професор Ванковска.
Во ваква ситуација, Македонија се наоѓа во "небрано" што би рекол народот.
Јас би препорачала повеќе работа за да се воведе ред дома, т.е. градење на
општ национален консензус за единството на државата и нејзините национални
интереси. Консензусот многу е потребен помеѓу граѓаните и политичките/етничките
елити, отколку верба дека меѓународната заедница ќе води сметка за
меѓународното право и принципи. Ако изградиме пристојна држава, поддржана од
сопствените граѓани, и држава во која тие граѓани ќе се чувствуваат безбедни
и ќе имаат верба во нејзината иднина, единствено тогаш ќе бидеме подготвени
за соочување со предизвиците на некакви нови букурешки, берлински или други
балкански конференции и прекројувања на границите, смета Ванковска.
ТЕСТО
Одредени македонски политичари, сега опозиционери, инаку некогашни
властелини, Георгиевски и Циле, во ова за нив мизерно време, само политички
да не денгубат, јавно велат дека независно Косово е реалност, или прашање на
време. Но, зошто додека беа на власт немаа храброст да го чепнат прашањето
за статусот на Косово?! Затоа што беа зафатени со "олеснувањето на џебот" на
македонскиот народ, а притоа заборавија на националниот интерес и
безбедноста на државата. Но, сепак, за тоа време успеаја да ја дотолчат и да
ја разнебитат Република Македонија. Во меѓувреме се случија многу нешта, а
од таа лавина не се спасија ниту постабилните држави во регионот и пошироко.
Инаку, проблемот со Косово не е така лесно решлив, бидејќи околу неговиот
грб се прекршуваат интересите на балканските и светските велесили. Во тој
вител се наоѓа и Македонија која го чувствува влијанието.
На неколку пати, одредени истомисленици (љубители на филства) се обидоа
работата да ја средат со размена на територии кои скоро го уништија
унитарниот карактер на РМ. Меѓутоа, откако си ја спаси главата Академикот,
не стивнаа волшебните стапчиња за решавањето на проблемот со Косово и
границата со нашата држава. Многупати бројните платени емисари се обидоа да
го растревожат јавното мислење во земјава, но во тоа не успеаја затоа што
тестото за (Косово) се уште не е стасано. Затоа игрите околу северната
граница се само увертира. Набргу може да се очекува политичка кампања која
ќе го раздвижи "карциномот". За него најмногу се свесни во Белград, бидејќи
од него зависи целокупната состојба во Србија и во новата квази-заедница.
Пред некое време, трагично загинатиот српски премиер Зоран Ѓинѓиќ, отворено
упати покана за директни разговори меѓу Белград и Приштина. Во таа пригода
дури беше потенцирано создавањето федерација со широка автономија, или
територијално разграничување, во кое на едната страна ќе бидат Србите, а на
другата меѓа Албанците од Косово.
Како ова прашање ќе се одрази врз Република Македонија? Тоа е многу тешко
да се каже, бидејќи во моментов нема јасно изграден полтички став. Притоа,
сигурно Албанците од Македонија ќе го поддржуваат секој потег на нивните
браќа, бидејќи проблемите на Косово се пресликаа и во нашата држава. Затоа
можеме да очекуваме бурни настани кои можат да не изненадат поради брзината
на случувањата. Некои од нив веќе ги форсираат домашните фактори,
вклучувајќи го и Ахмети кој преку своите пулени, Ермира Мехмети и Теута
Арифи, укажува дека границата со Косово не е решена, но сега не е момент да
се дискутира за ова прашање. Затоа никој не може да се чувствува сигурен и
да тврди дека косовскиот проблем нема да предизвика неконтролирано политичко
стампедо. За ова постојат сите услови, иако тие се далеку од идеални. Но, за
идеалот сонуваат Албанците!? КЗК е регуларна институција која, впрочем,
лесно може да прерасне во Армија, а во покраината имаше какви-такви избори.
Ибрахим Ругова се уште е релевантен политички фактор, без разлика дали "се
мирисаат" со Тачи и другите албански лидери.
Значи, тиквата е зрела да пукне. Неа нема да ја спаси дури ни
меѓународниот администратор кој како мост не успеа да го заживее
мултиетничкиот концепт. Се уште на едната страна се наоѓаат Албанците, а на
другата страна од мостот во Косовска Митровица живеат во гето - Србите. Ако
замислената линија ги граничи нивните дувла, тогаш што може да ја очекува
Република Македонија? Многу болни настани што мора мудро да се пребродат. Но,
ако тие се дочекаат неподготвено, тогаш мошне негативно ќе се одразат врз
националните интереси на македонскиот народ.