ПОЛИТИКА

ГОЛО БРДО: Миранда Шутина, Македонка од Република Албанија

ПРАВАТА НА МАКЕДОНЦИТЕ И АЛБАНЦИТЕ СЕ КАКО НОЌ И ДЕН

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Кога одевме на училиште не ни дозволуваа да зборуваме на македонски, а бидејќи јас тогаш бев мала за мене тоа беше несфатливо. На она што ние внатре во себе го чувствувавме, а сакавме да го искажеме не можевме затоа што ни вршеа притисок.
  • За нас ќе биде голем успех ако во Голо Брдо и во Гора се воведе настава на македонски јазик барем до четврто одделение затоа што ние го зборуваме во дијалект, но многу ни е тешко да научиме да пишуваме.

Миранда Шутина по потекло е Македонка која е родена во Голо Брдо, Албанија, а сега живее во Тирана. Основно училиште завршува во родното место - Голо Брдо, средното образование го стекнува во Тирана, додека Педагошкиот факултет го има завршено во Битола.

Таа е успешна млада девојка која покрај тоа што одржува курс по македонски јазик во Тирана, пишува и поезија. Неодамна е отпечатена нејзината поезија "На Радуч" која заедно со книгата "Поговорки" на Цветан Мазнику се првите книги издадени на македонски јазик во Албанија што претставува голем успех за Македонците во Албанија на кои им се ускратени човековите права.

НАОБРАЗБА

Многу сум среќна што факултетот го завршив во градот Битола, во моето место Македонија, вели Шутина. Уште кога бев мала во моето село се зборуваше македонскиот јазик, можеби не литературно, но сепак со некаков дијалект. Мојата мајка, исто така, зборуваше и ме научи. Но, во прво одделение имавме тешкотии затоа што учиме на албански јазик. Сепак, се знае мајчин јазик ни е македонскиот, а за нас албанскиот е како втор службен странски јазик иако живееме во Албанија. Кога одевме на училиште не ни дозволуваа да зборуваме на македонски, а бидејќи јас тогаш бев мала за мене тоа беше несфатливо. На она што ние внатре во себе го чувствувавме, а сакавме да го искажеме не можевме затоа што ни вршеа притисок. Потоа и во средното училиште во Тирана имавме малку тешкотии, секогаш се чувствуваме некако како странци. Меѓутоа, тоа не ни е пречка за да се дружиме со нашите пријатели Албанци.

Откако се отворија границите во 1990 година, кај Шутина се појавила желбата да студира на мајчин јазик во Македонија. Успеала да се запише на Педагошкиот факултет во Битола и секако навреме да го заврши. Токму таа диплома сега и помага своето знаење и правилно зборување на македонски јазик успешно да им го пренесува на Македонците во Албанија кои имаат желба да го посетуваат курсот кој го води Шутина.

Македонија ни излезе во пресрет, ни понуди одлично сместување и сите услови за нормално студирање, стипендија итн., така што бевме многу добро прифатени. Од година во година интересот на Македонците од Албанија (од Преспа, од Голо Брдо, од Гора) да учат во Македонија се повеќе расне така што веќе се запишуваат и во средните училишта, додава Шутина. Секако дека кога по добивањето на дипломата имаме проблеми при вработувањето, а тоа е така затоа што ни се ускратени човековите права. Ако ги споредувам правата на Македонците во Албанија со правата на Албанците во Македонија се разликуваат како денот и ноќта. Во Македонија Албанците имаат дури и универзитет на албански јазик. Да не се разбереме погрешно, јас не сум против тоа. Но, за жал, наспроти нив ние немаме право ни во прво одделение да го изучуваме македонскиот јазик. Единствено само во Преспа го изучуваат до четврто одделение, сега и во некои средни училишта се воведени предмети на македонски јазик. Меѓутоа, во регионите Голо Брдо и Гора немаат можност воопшто да учат на мајчин јазик. Кога Заедницата на Македонците во Албанија бараат права до државата и до Владата на Албанија, тие ни кажуваат дека имаме право, меѓутоа ништо не ни дозволуваат. За нас ќе биде голем успех ако во Голо Брдо и во Гора се воведе изучување на македонски барем до четврто одделение затоа што ние го зборуваме во дијалект, а многу е тешко да научиме да пишуваме.

ЖЕЛБА

Младата Миранда моментално е вработена во македонското политичкото друштво "Мир" со седиште во Тирана. Откако се формира Заедницата на Македонците во Албанија назначена е за секретар така што & се дава поголема можност да контактира со Македонците во Албанија.

Им помагам при пополнување на визите, а исто така одржувам и курс по македонски јазик, вели Шутина. Македонците кои што живеат во Албанија имаат голема желба да го изучуваат својот мајчин јазик - македонскиот. Тие знаат и кажуваат дека се Македонци, но на албански јазик, затоа што незнаат да зборуваат македонски. Се родиле во Тирана и немале можност да го изучуваат мајчиниот јазик во училиштата и универзитетите. Наспроти ова Албанците и другите етноси во Македонија им е овозможено да учат на нивниот јазик. До пред некоја година нашите дипломи стекнати во Македонија не се признаваа во Албанија. Но, сега сме чекор напред по тоа прашање, така што сега ги признаваат сите дипломи добиени надвор од Албанија. Сега Македонците се многу заинтересирани, доаѓаат и кажуваат на албански јазик дека се Македонци.

Возраста на учениците кои го посетуваат курсот се од прво одделение до средно. При учењето секогаш имаат тешкотии затоа што сепак се родиле во Тирана, контактираат со соседи Албанци, во училиште учат на албански, но сепак големата желба ги прави да бидат упорни и успеваат добро да го научат, но и да пишуваат со македонски букви поточно на кирилица. Интересно е тоа што кај децата желбата за посетување на овој курс потекнува од нив самите, без иницијатива на нивните родители.

МАКЕДОНСКА ПОЕЗИЈА

Миранда Шутина покрај тоа што е ангажирана како професор таа успеа да напише и да објави книга исполнета со триесетина прози.

Уште како дете имав желба и таа желба ми се исполни. Дојде време да мразот помалку да се топи за нас Македонците од Голо Брдо и Гора, вели Шутина. Пишувам поезија уште кога бев средно, но понекогаш и на албански јазик затоа што литературно неможев добро да се изразам и да ги напишам. Кога завршив факултет веќе имав исполнето со поезија доста страници инспирирани од моментните чувства. Неодамна беше отпечатена и мојата книга "На Радуч" на македонски јазик. Мојата и книгата на господинот Мазнику се првите книги отпечатени на македонски јазик во Албанија, а тоа за нас Македонците е голем успех. Насловот на книгата е посветен на највисокиот крај од каде што се гледа цело Голо Брдо. Темата претежно е за моето родно место, за мачениот народ што живее таму, страдањата на луѓето за јазикот кој и покрај нивното негирање како Македонци тие не го изгубиле, не го заборавиле пренесувајќи го од генерација на генерација.

Македонците од Голо Брдо не ги забораваат и нашите македонски празници. Секогаш ги одбележуваат организирајќи разни активности. Последнве три години фолклорна група од Голо Брдо учествува на фестивалот во Преспа каде ги покажува нашите традиции и обичаи.

Учествуваме со наши носии кои се сочувани од нашите баби, мајки, додава Шутина. Никогаш во Албанија немаат учествувано овие носии на фолклорните фестивали кои се одржувале ширум Албанија или пак учествувале со песни, но преведени на албански јазик.

Би сакала на крајот да ги поздравам сите Македонци каде и да се наоѓаат во светот и би сакала што побрзо во Голо Брдо и Гора на Македонците да им се овозможи да учат, пишуваат и слободно да зборуваат на македонски јазик.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"