изградени се голем број воени кампови и логори за диверзантско-терористичка
и воена обука на десетици илјади муџахедини од сите страни на светот. Со
логорите раководат претставници на одделни политички организации и
специјалисти од некои разузнавачки служби на исламските држави во Пакистан,
кои преку дополнителна верска обука создаваат неформална ,,интернационала на
интегристички сунити“ фундирана целосно врз теророт и насилието.
За успешното работење на овие воени кампови во кои се подготвуваат
терористите за ,,светата војна“, своевиден придонес имаат САД и западните
сојузници, преку нивните разузнавачки и шпионски активности.
На овој простор секој си го гледа само интересот. Често разузнавачите,
агентите, шпионите и сиот друг џган, доларите ги ставаат пред политичките,
економските, воено-стратегиските интереси на оние земји и служби кои ги
упатуваат и плаќаат, за нивната валкана работа, во овој дел од светот кој и
без нив, поради социјалните проблеми, пренаселеноста и националната и
конфесионалната разноликост наликува на Балканот. Бурето барут постојано
чади, а од време на време, ЦИА ќе поттикне некоја диверзија, терористичка
акција или вистински вооружен судир помеѓу Пакистан и Индија. По
одмаздничката вооружена акција против Ал Каеда и талибанскиот режим на
Авганистан, под контрола на светскиот терорист број еден и инструкторот на
ЦИА меѓу исламските радикали и довчерашниот сојузник во уривањето на
Советскиот комунизам, како награда за поданичкото однесување и логистиката
што им ја пружаше на американските војници (но и на талибанските борци и
првенци), Пакистан беше охрабруван во судирите со Индија во врска со Кашмир
до степен на разгорување на атомска војна на овие простори каде Пентагон и
ЦИА одлучиле да престојуваат наредните децении... Колку да не се чувствуваат
Русија, Кина и Индија толку осамени во овој огромен простор на континентот
наречен Азија.
Војната околу Кашмир, започната 1949 година не е формално згасната до
денес. Вашингтон ја одржува во живот со својата експанзионистичка политика и
,,булдожер дипломатија“ постојано вршејќи притисок врз Индија, а
овозможувајќи разгорување на интернационален муслимански тероризам од овие
простори.
Во неколкуте војни 1949-1965-1999 година помеѓу Пакистан и Индија активно
учествувале и муџахедините предизвикувајќи повеќе десетици илјади загинати и
ранети на двете страни, а материјалните загуби и разорувања се огромни.
МАКЕДОНИЈА ВО ИСЛАМСКИОТ ЛАВИРИНТ
Поради своите внатрешни и надворешно-политички потреби Пакистан презема
врз себе примарна улога во мобилизирањето на припадниците за "Џихадот" од
сите арапски и исламски средини. Неговите официјални институции им
овозможуваат религиозно усовршување преку постојаните патувања на
претставници од голем број хуманитарни и друг вид исламски
фундаменталистички и терористички организации. Огромен број на муџахедини и
доброволци, за сите воени жаришта каде војуваат муслиманите, се регрутирани
не само во Исламските центри во Лахоре, Кареш, Равалпинди, туку и на
Меѓународниот исламски универзитет во Исламабад, каде повеќе од седумдесет
отсто студентите се од странство. За финансирањето на Универзитетот средства
обезбедуваат Саудиска Арабија, Египет и Кувајт.
Такви средства и за соодветна слична намена се упатувани и во Република
Македонија. Саудиска Арабија го финансира Теолошкиот исламски факултет во
Кондово - Скопско, а огромни суми на петрол-долари се упатувани преку
приватни сметки за потребите на т.н. Албански универзитет во село Мала
Речица - Тетовско. Овие и уште позагрижувачки податоци ги знае и
почитуваниот Ван дер Штул, но неговиот личен интерес го става пред
интересите на ЕУ и РМ во чие име и за чија сметка практично би требало да
работи. Затоа предлагам, ниту една државна, политичка, хуманитарна или друга
структура во РМ да не му обрнува внимание и да не го сфаќа сериозно тоа
остарено човече, кое си наоѓа забава играјќи се со ролји за кои некогаш
сонувал. Македонија треба да му ја укине хонорарната сцена бидејќи неговите
ролји и сценски содржини ги пишуваат и режираат непријателите на нашата
суверена држава. За чудо, некои официјални државни претставници од
македонскиот политички естаблишмент, често играат главна епизодна улога во
сценариото на Ван дер Штул - универзитетот Мала Речица. Стоп. Приватен колеџ
напред! Парите ќе ги обезбеди ограбениот македонски граѓанин?!
"БОРЦИ НА АЛАХОТ"
Сите акции и активности на исламските хуманитарни, радикални и
терористички организации на меѓународен план, кои делуваат преку своите
претставништва или филијали во Пакистан, целосно се планираат и координираат
од Интернационалниот координативен совет со кој раководат авторитетни
духовни исламски лидери и екстремисти од муслиманскиот свет. Меѓу нив
најистакнати се египетскиот имам шеикот Омар Абд Ал-Рахман, инжинерот
Нидал Ајат, Хасан Ал Тураби од НИФ - Национален
исламски фронт, Рашид Ганучи од Тунижанската група Аннахда,
шеикот Ахмед Јасин од ,,Хамас“ кој ја водел интифадата преку
вооруженото крило и бригадите ,,Из Ал - Дин Ал-Касам“ и спроведувал
успешна кампања на терористички операции против Израел. И денес, крвавиот
пир, против недолжното цивилно население на Израел го планираат,
организираат, финансираат и реализираат овие структури отворено кокетирајќи
со претставниците на тајните служби на Вашингтон и Брисел.
Под диктатот на САД, кога нејзините ,,свети воини“ се свртеле против
нејзината неморална политика на двоени стандарди, повеќе од 16.000
муџахедини, меѓу кои најбројни биле Суданците, Алжирците и Египјаните, го
напуштиле Пакистан. Тоа биле арапските доброволци кои се бореле во
Авганистан за американските интереси, па кога талибаните го свртеле оружјето
против американските неоколонијалисти, Вашингтон ја вклучил во акција
својата џокер карта ООН, на чело со Кофи Анан. Меѓународната заедница, на
чело со Вашингтон, му се заканила на Пакистан дека ќе го стави на листата на
државите кои го поддржуваат тероризмот и спрема него ќе применат санкции.
Исламабад им откажал гостопримство на најрадикалните ,,Борци на Алахот“,
меѓу кои најбројни биле ветераните на ,,Гамаат Ал Исламија“ од Египет,
кои пристапиле во редовите на авганистанската воена фракција или се нашле на
боиштата во Индонезија, Заир, Еритреја, Чеченија, Босна, Косово, Јужна
Србија.
Француските разузнувачки служби тврдат дека веќе ги има и на територија
од Западна Македонија, во некоја бригада на ОВК која оперира на овие
простори, а обучувана и вооружена била во Тропоја - Албанија. Според
сознанијата добиени преку изворите на ДБК и РАМ, една чета на исламските
терористи дејствувала на слупчанско-лојанскиот терен од крајот на 1998-та
година. Тоа биле борбено-терористичките нуклеуси на ОНА, испилена од
експортираните албански злосторници на УЧК, како вооружени структури на
албанските политички партии ДПА и ПДП...
Еден дел муџахедини од Пакистан се пенетрирани во исламските организации
во земјите од каде што потекнувале, како Алжир, Јемен, Египет, Кувајт.
Најчесто се организирани во мали оперативни и мобили групи под контрола и
команда на централизирани политичко-воени структури.
И покрај фактот што војната, особено крајот на војната во Авганистан
против Советите, го означи враќањето во земјата од каде што пристигнале на
ова интернационално боиште, овие ветерани, како прва генерација на борците
на Алахот, ги имаат Пакистан и Авганистан како полигони за специфична обука
на исламистите од целиот свет. Најголем мотив на овие борци, да војуваат под
знамето на Мухамед, е целосната религиозна исламска преданост, додатно
стимулирана со омразата кон Запад, САД и Израел.
Новите исламски екстремисти, така наречената втора генерација, доаѓаат од
различна националност во пограничните авганистанско-пакистански зони. Тука
се сместуваат во собирни транзитни логори. Им се обезбедуваат документи за
новиот идентитет со цел, заштита на сопствената лична безбедност при
враќањето во матичната држава, по престојот во Авганистан или Пакистан.
Во местата за обука се стекнуваат воени знаења и вештини, а преку
фанатичната религиозна идноктринација, што се спроведува повеќе месеци, од
исламските револуционерни имами или мули, се создаваат револуционерни
муџахедини и припадници на Џихадот кои се подготвени за вршење на најгнасни
злосторства над неисламско население или над оние муслимани кои не го
практикуваат исламскиот ритуал и шеријатското право.
Француските безбедносни аналитичари предвидуват дека наредната, трета
генерација на муџахедините, можеби ќе биде најжестока на просторите на
западните земји. Платформа врз која се регрутираат нови исламски фанатици се
темели врз омразата кон Запад, борбата против големите западни сили и
сатаната - САД.
Објективните состојби во кои муслиманските заедници се обесправени и од
нив се реисламизираат најмладите елементи, кои сваќаат дека
експлоататорската политика на Америка и нејзините сојузници се виновни за
бедата на арапскиот и исламскиот свет. Повеќе не се мират со таквата
состојба, туку организирано се подготвуваат за уште порадикални, пожестоки и
многу почести терористички акции на почетокот од новиот ,,просперитетен
век“, како што милуваат да речат богатите и заборавени во арогантното
однесување, кон се што не е Америка, американско и запад и западно.
Имаат право француските специјални и тајни служби да бидат вознемирени и
загрижени. Америка пред дочекот на новата 2000-та година беше во паника од
страв наречен муслимански фундаментализам. ЦИА немаше поим каде се наоѓаат
најбараните исламски терористи. Осама Бин Ладен се подготвува за
спектакуларен удар што дефинитивно ќе го донесе на светската сцена
боженствениот воин, муџахединот.
(Продолжува)