езбедноста на граѓаните во нашата
држава е одамна нарушена. Иако надлежните велат дека се е под контрола,
инцидентите кои секојдневно ни се случуваат не само во кризните региони,
туку и пошироко, ги демантираат ваквите констатации. Бомбите - кашикари
потсетуваат на ситуацијата од 2001 година. Таканаречената АНА веќе одамна
почна со мобилизиција на албанското население и ги повика да се приклучат во
нејзините редови. Во јавноста проструија шпекулации дека и безбедносните
органи на РМ вршат мобилизација. Наши извори велат дека резервниот полициски
и армиски состав се повикува во подрачните единици или во командите на
своите воени единици, а потоа заедно со опремата се упатува на вежбовни
активности.
Деновиве, како што неофицијално се дознава, голема група резервисти со
опрема биле забележани и пред Министерството за внатрешни работи. Иако
надлежните демантираат дека во државава има мобилизација, искуството вели
дека "каде има чад има и огин".
Портпаролот на МВР, Мирјана Контевска, објаснува дека не станува збор за
никаква мобилизација, туку за редовни вежбовни активности. На тие редовни
активности, не се повикуваат само резервисти. Контевска коментира дека за да
стане збор за мобилизација, треба да има некакви воени конфликти или
вонредна состојба, која треба да ја прогласи Советот за безбедност.
Нам, за жал, ни се случи војна, а немавме вонредна ситуација!
И портпаролот на АРМ, Зоран Секуловски, објаснува дека нема никаква
мобилизација. Станува збор за, како што коментира армискиот портпарол,
редовни еднодневни смотри на резервниот состав. Еднаш во годината сите
резервни единици треба да ја поминат обуката. Таа трае еден ден. Тогаш се
проверува опремата, нешто што недостасува се надополнува итн.
ЕКСТРЕМИСТИ
И додека надлежните институции демантираат дека во државава се случува
мобилизација на македонските безбедносни сили, терористичките групи прават 'ршум
во кризните региони. Македонскиот државен врв треба малку да подразмисли, за
подготвеноста на безбедносните сили и за нивното мобилизирање, за да не ни
се случи да влеземе неподготвени во евентуалната пролетна офанзива.
Криминално-терористички банди од Кумановско-липковскиот регион се дрзнаа да
крадат бензин, а ваквите нивни активности некој ги поврзува со складирање на
бензин за нивните потреби за евентуалната пролетна офанзива. Активностите на
екстремните радикални групи од албанска националност, се насочени кон
нарушување на стабилноста во одредени региони. Сега жариштето е во Куманово.
Експлозијата на ракетните зрна во близина на караулата Гошинце, блокадите на
железничката пруга во Кумановско, бомбите - кашикари и во Кумановско и во
Тетовско се доволен доказ дека постојат активности кои ја нарушуваат
безбедносната состојба. Мината во Сопот, бомбата пред училиштето во Куманово
е типичен тероризам, а не налудничава идеја, како што некој ја искоментира.
Терористички групи, како што дознаваме од наши извори, имаат доволно
пешадиско оружје за извршување на ограничени напади по системот "удри и
бегај". Зарем тоа не е доволен податок дека треба нешто да се преземе на
безбедносен план?
Нашите извори од полициско-армиската сфера коментираат дека "се ежат кога
ги слушаат изјавите од типот дека ситуацијата во државата е стабилна" и
додаваат дека Македонија е стабилна во својата нестабилност, па му
порачуваат на државниот врв пред да дава такви констатации внимателно да ја
анализира состојбата и постојано да ја проценува. Потресени од ваквата
состојба, граѓаните постојано бараат одговор на прашањето ќе има ли пролетна
офанзива? Македонија, велат нашите извори, со својата геостратегиска
позиција има амбиент за појава на тероризмот. Терористичките дејствија
зависат од неколку критериуми. Меѓу нив се територијалните аспирации кон
македонскиот национален простор, односно иредентизмот. Постојат историски
индикации, барања за туѓи територии, потоа каузи, нерешени национални
прашања, историски грешки кои треба да се исправат, доктрини како што е, на
пример, доктрината за "Голема Албанија", "Големо Косово". Нестабилност на
државата, како што потенцираат нашите извори, може да предизвика и наводното
неисполнување на обврските од Рамковниот договор, сложената економска
положба - бесперспективноста, невработеноста итн. Како фактор за
нестабилноста може да биде и демаркацијата на границата. Нашето опкружување,
односно Косово е извор на нестабилност. Проблем се и бегалците и протераните
лица кои настанаа како производ на војната. На таквата ситуација мора да се
реагира.
НАПОР
Македонските власти прават напори во борбата против криминалот и
корупцијата и се трудат да ја држат под контрола македонската територија. Но,
состојбата на теренот покажува дека не е под контрола целокупната територија.
Целиот македонски простор не е покриен со македонските безбедносни сили.
Во Македонија постои амбиент за терористички активности и во држава
секогаш ќе демне опасност за офанзива. Цениме дека во нашата земја уште
долго време ќе има убиства, бомби, криминални активности, но според нашите
извори, и да се случат некои терористички дејства тие нема да бидат како
оние од 2001 година. Во секој случај, потенцираат нашите извори, ситуацијата
не е иста како што беше во споменатата година. Тогаш нашите сили не беа
доволно организирани. Сега се најавува формирање јака антитерористичка
единица од постоечките специјални единици на МВР и АРМ под заедничка команда,
кои соодветно би одговориле на новите закани. Некои коментираат дека
соработката со КФОР е подобрена, но мирот и понатаму ни е на "стаклени нозе".
Проблем е и вербалната терористичка кампања и психолошко-пропагандната војна.
Таа се води преку сајтови, веб-страници итн. Во овие моменти, вниманието на
светската јавност е насочено кон случувањата во Ирак и што ќе се случи по
таа војна. Актуелната Влада на Албанија не би можела да поддржува пролетна
офанзива, односно терористички дејства кои би прераснале во нешто поголемо.
Од друга страна Македонија, Хрватска, Албанија ја формираа таканаречената
јадранско - охридска група и потпишаа Декларација со која ќе лобираат кај
САД за влез во НАТО. Албанија, коментираат нашите извори, ги покажа своите
силни амбиции да влезе во НАТО и "не веруваме дека таа ќе поддржи каква било
терористичка активност во Македонија", особено сега кога се подобрени
билатерални односи меѓу овие две држави. Од друга страна, во Македонија,
односно на Криволак, веќе се одржа заедничка вежба на вооружените сили на Р.
Македонија и на Р. Албанија. Ако, коментираат нашите извори,
оперативно-тактички се размислува, не е возможно тие тука да имаат свои
единици, а во меѓувреме да се случи некоја пролетна офанзива. Одамна е
познато, коментираат нашите извори, дека САД ќе ротира од Запад на Исток и
своите бази ќе ги воспостави во Романија, Бугарија и други источно-европски
земји. Македонија има централно место и никому не му е од полза отворањето
на ново жариште.
Но, сепак, македонските власти треба да ја засилат контролата на
северната граница, да поработат малку повеќе на својата безбедност и да
бидат подготвени за најсложената ситуација, односно нови терористички
активности кои можат да прераснат во дејства со оперативна цел и да ја
дестабилизираат државата.