убчо Георгиевски сите во својата
партија ги стави во состојба на максимална подготвеност. Им фрли парола дека
ќе си оди и се повлече... На коската изгледа најмногу загризаа Груевски и
Ѓорчев, двајца потпретседатели со најголеми амбиции, но и со разни
партиско-политички државни школи. Дали тоа што се случува во ВМРО-ДПМНЕ, до
конгресот во мај, значи дека Македонија ќе е без опозиција?!
Ова прашање не ми паѓа на ум така случајно. За демократијата на една
земја, многу е поважна опозицијата од - позицијата. А, односот на Андов ми е
мутав. Човекот без Љубчо изгледа губи компас, и лошо плива, иако толку
години е во политичкиот базен, а не изгради свој препознатлив стил.
Но, што е, тука е. Најважно е Бранко да не попушти во "изведбата" на
главните државни носачи на Република Македонија и конечно да продолжи со
расчистувањето на криминалот, корупцијата, непотизмот, лигавоста... Знам оти
се што презема не им се допаѓа на ВМРО-вците, но исто така знам дека тоа
почнува да не им се допаѓа и на одредени СДСМ-овци, кои мислеа дека со
победата на нивната партија им е дозволено она што на ѓаволот не му е!
Од извор близок на Владата дознав дека некој на Премиерот му советувал да
се искористи српската објава на ловот на криминалците и мафиозите и да се
постават мрежи за фаќање на овдешните неранимајковци. Не знам што рекол
Бранко, но знам што направил Де Гол, кога неговиот прекрасен министер за
културата Малроа му предложил да се поапсат сите будали во Франција: " ...
Министре, Вие предлагате огромна работа!".
Некој ме надитри и веќе рече дека Македонија, според жителите, е "бар а
бар" со криминалот во - Русија... Да верувам, да не верувам?!
Ама што има тука да се верува, или да не се верува. Боговите молчат кога
ќе им иступуриш факти. А, фактите премногу силни: секој ден убиства, секој
ден кражби, секој ден измами... А, Идризово е речиси празно.
Имаме и терористи. Тие се посебна сорта криминалци невидени и тешко
објаснети. За нив треба поотворено и поамбициозно да истапи вториот партнер
што ја дели власта со првиот.
Можеби Али Ахмети има посериозни проблеми отколку што мене ми се чини -
терористичките. Но, страв ме фати овие денови од една неодредена, кобајаги
факултативна изјава на министерот за одбрана Бучковски таму на Криволак, во
присуство на Пандели Мајко, дека "до пролетна офанзива на терористи нема да
дојде". Ама, во гласот на министерот немаше некоја сигурност што ми е
потребна да му верувам.
Зошто, на пример, изјавата на Бучковски не потече од устата на Али Ахмети?
Време е некој албански авторитет од Македонија да застане јавно и да каже ќе
има или ќе нема "пролетни офанзиви" не само во оваа, туку и во наредните сто
години? Малку можеби претерав, но со ваква мимикрија каква што ни се пласира,
генерации и генерации во оваа држава ќе се раѓаат и ќе живеат со - уплав. А,
токму уплавот е стратешкото оружје на албанскиот тероризам што се испитува
на македонскиот полигон!
Во тероризмот има - криминал. И се најлошо, и најгрдо, и најубиствено...
Значи нема друг избор. Во право бил Де Гол: работата е огромна!
Робин Кук ја разбрани Англија: рече што не треба, но и што треба...
Остана жив. Меѓутоа, на крајот сепак застана зад Англија, и сите свои изјави
ги заокружи со една "триумфална": Сега кога веќе влеговме во војна, најважно
е да ја добиеме!