овторно во македонското политичко
општество по којзнае кој пат досега се покрена никогаш затвореното прашање
на т.н. лидерства на разни места, но како најпривлечни и најинтересни за
анализа се оние за врвот на политичките партии. И можеби оваа анализа ќе
беше банална и изветвена да не беа последните бранувања на кормилата на
најголемите субјекти со политички предзнак во државава.
И на стартот на ова пишување само да потенцирам дека целта е да се покаже
оти Македонија како државотворен субјект во својата современа историја не
исфрлила профил на вистински лидер кој би прераснал во државник за заштита
на националните интереси. Тоа може да се поткрепи индивидуално за секоја
личност со сериозни и веродостојни факти и аргументи. Да почнеме од врвот,
односно од партиите со најголема доверба кај електоратот, па би се симнале
надолу кон поситните.
ДО КОГА ВАКА!?
За лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ досега стотици пати се вршеле анализи и
проценки, се мерела нивната тежина кај народните маси. Нивните лидерства се
општо познати скоро деценија и половина, па оттука секое анализирање на
профилот на личностите би било илузорно. Многу поинтересен е начинот на кој
и обајцата, Црвенковски и Георгиевски, успеваат да останат лидери и да
практикуваат лидерства. Самобендисаното управување на своите партии се
претвори во двобој меѓу две персони кои газат врз се, па и врз своето, само
да не ја загубат битката со ривалот, со противникот.
Пред неколку месеци тоа се потврди на собирот на социјалдемократите кога
се бираше и се избра староновиот претседател, Бранко Црвенковски. Неговиот
главен и единствен противкандидат, Тито Петковски, буквално беше прегазен од
јатото на Бранко олицетворено преку републичките општински организации.
Имено, обратната ситуација немаше да значи пораз на Црвенковски од Петковски,
туку пораз на Црвенковски пред Георгиевски, што во секој сегмент би било
срамно и би го зајакнал спротивниот табор. Бранко секогаш мора да биде
неприкосновен пред своите за да може со истото светло да се покаже пред
ривалите. Во спротивно загубата би била очигледна.
На другата страна и слична, но и контрастна ситуација. Георгиевски овие
десетина години не бираше средства за задршка на тронот. На мајсторски начин
успеваше да ги елиминира личностите кои не само што му попречуваа во
владението, туку во извесни периоди пројавуваа аспирации и апетити за
зафаќање на резервираната фотелја. Така, со експресни и безболни методи по
опстојувањето на партискиот корпус беа елиминирани Доста Димовска, Љубен
Пауновски, а потоа и маргинализиран шефот на државата, Борис Трајковски. Но,
за да биде куриозитетот поголем и повозбудлив, деновиве низ повеќето медиуми
во државава проструи информацијата дека ВМРО-вскиот вожд се решил да се
тргне од презагреаната столица на која тој седеше. Аналитичарите почнаа да
навлегуваат во потсвеста на поранешниот премиер и да ги согледуваат
причините поради кои се решил еден од водечките лидери во земјата да замине
барем привремено во политичката историја.
Насоките водат кон повеќе решенија и цели. Прво, Георгиевски би му дал
сериозен гест на Црвенковски дека секој неуспех на државно и на партиско
ниво резултира со оставка на челната партиска функција и тоа е најмалку што
може да се стори од морален и етички аспект. Доколку тоа се случи на
мајскиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, би го ставило Црвенковски во незавидна
ситуација поради тоа што во иста или слична ситуација тој се најде на крајот
на 98-та кога ги загуби парламентарните избори, а сепак остана челник на
социјалдемократите до ден денешен. Од друга страна, пак, ваквото на моменти
подбивно навестување на Георгиевски за оставка и енергично одбивање на
Груевски да го преземе кормилото со образложение дека ВМРО-ДПМНЕ има само
еден и единствен лидер, води во насока на создавање митска неприкосновеност
на актуелниот водач. Тоа би било со цел да се создаде слика пред членството
и поделените општински организации дека ВМРО-ДПМНЕ без Георгиевски би
потонало и би го изгубило своето значење и вистинската вредност. Тоа се
интересни разработени сценарија кои би имале две цели: прво, вознемирување
на противникот и второ, заплашување на сопственото членство дека ако него го
нема, секој новопоставен би ја разводнил единственоста и цврстината на
партиската гарнитура. Сепак, во оптек е и трета страна на проблемот, ако
може да се нарече проблем. Понудата за оставка на Георгиевски доаѓа како
резултат на притисокот кој во последно време се врши врз него од страна на
претставниците на меѓународната заедница поради преголемата доза на
антизападно расположение во партиските редови. Е, навистина интересни лидери
сме имале. Неможноста народот веќе да се определи за вистинската личност од
политиката која би ги штитела и развивала граѓанските интереси е повеќе од
очигледна. Вообичаена е реакцијата која по начелото на инстинктен рефлекс се
изродува од граѓанинот извисен и истоштен од сите политички опции и идеи кои
досега се пропагирале и нуделе. За нив, за обичните граѓани, повеќе не
постојат лидери и лидерства. За нив постојат само криминогени фаци,
корумпирани типови, арамии, босови и шверцери кои го трујат ткивото на
секојдневното живеење. За граѓанинот речиси секоја политичка фигура без
исклучок е искомплексирана, живее во некој свој свет, без разбирање за
катадневното преживување на пропаднатите. Од нив лидери не бидува - е
најчестата реакција која може да се сретне по улиците.
МАКЕДОНСКО СТАМПЕДО
Но, да ја разгледаме состојбата и со преостанатите политички личности кои
барем од своето членство и извршни комитети го имаат епитетот "лидер", да не
остане само на фактот дека Македонија како држава за свои "лидери" ги има
само гореспоменатите двајца.
Ниту малку не е розева состојбата со луѓето кои по квантитет ја
сочинуваат најбројната политичка асамблеа во нашето општество, партиите на
центарот. Тука борбата за лидерства е најзасилена, тука турканиците се
најбројни со тенденција да прераснат во стампедо од кое не се знае кој би
можел да преживее, а кој да опстане. Интересната работа во партиите од
центарот е што лидерствата наликуваат како оние на бандите и племенските
заедници од првобитните општества, бидејќи приврзаниците и поданиците на
оние кои пројавуваат лидерски амбиции се движат од неколку десетици до
неколку стотици и ништо повеќе од тоа. Кои се тие лидери? Речиси секој од
нив на директен или индиректен начин во досегашното плурално живеење
учествувал во законодавната или извршната власт, практикувајќи свој начин на
решавање на проблемите. И зад секој од нив стојат црни дамки од долгите раце
на своето владение, од "чесниот" начин на практикување на власта, од
домаќинското трошење на народните пари. Гледано индивидуално, работите кај
овие лидери стојат вака.
За лидерот на Демократската алтернатива, д-р Васил Тупурковски, многу се
знае. Невин израз на лицето, како никој друг знае да им се доближи и да ги
убеди граѓанските маси во идејата која тој ја пропагира и ја нуди пред се за
економски развој на македонското општество. Но, сивилата кои му се
припишуваат датираат уште од Титовата Југославија кога е обвинет дека со
својот глас "против" на седницата на претседателството придонел за крваво
распаѓање на братската заедница. Во современа Македонија, пак, главната
негова преокупација беше Тајван и чудото што ние го очекувавме од кинеската
островска провинција. Од сето тоа, само стапот. Дебаклот што алтернативците
на Циле го доживеаја на последниот циклус избори беше повеќе од очекуван.
Интересно лидерство, зарем не!
Втор на листата би го анализирале кратовскиот вожд, популарниот Љубисав
како што некои го нарекуваат најоригиналниот имитатор на Јосип Броз и
продолжувач на она неговото "другари и другарки". Нашиот Ѕинго десетина
години наназад се обидува да му продаде на народот социјалистичка економија
со максимално искористување на сопствените материјални ресури и тоа за секое
уво навистина добро звучи. Но, резултатите изостануваат, а виновниците за
тоа секогаш ги бара во досегашните гарнитури на владеење, при тоа
заборавајќи дека половина декада и тој беше дел од одлучувањето во
здравството, економијата, фудбалот. Оттука, за каков трет пат зборуваат
социјалистите кои со најдолг стаж од сите други живееја и твореа во
политиката.
Од т.н. лидери интересен за набљудување е и претопениот ВМРО-вец, Борис
Стојменов, кој од ДМПНЕ-овец под принуда стана вистински ВМРО-вец за на
крајот да го добие предзнакот македонски ВМРО-вец. Бегајќи до една во друга
дупка конечно си го најде своето место во групата на македонштината, но и во
групата партии надвор од Собранието. Стојменов е, исто така, поборник на
третата опција која по логиката на нештата би требало да претставува опција
со нови погледи и нови луѓе. А колку нам што ни е познато, Стојменов
своевремено беше министер за финансии во владата на Георгиевски и главен
финансиер на својот партиски водач во изборните кампањи. Стојменов стана
познат и прозван по продажбата на Рафинеријата ОКТА и потписот што тој како
тогашен министер го стави за поставување на овој витален комплекс во
монополска положба. Можат ли да се амнестираат таквите постапки и можат ли
тие лидери да бараат засолниште зад ѕидините на третата опција?
Павле Трајанов, пак, е човекот кој во своите досегашни настапи многу
ретко & придавал внимание и значење на економијата, а акцентот го ставал врз
безбедносните случувања во земјава и регионов. Како прв полицаец во владата
на Георгиевски, тој знаеше да каже неколкупати "не" на стратегијата на
Георгиевски и Џафери. Прв проговори за вооружените формации на УЧК во
северниот дел на границата, го промовираше терористичкиот арсенал на ОНА со
откривањето на оружјето во рудникот во Лојане. Откако замина од функцијата,
почна да атакува врз грбот на реорганизираната власт, обвинуваше за
фалсификат на претседателските избори, заборавајќи дека како тогашен
министер за внатрешни работи ништо не презеде за да се спречи тој фалсификат
што не значи ништо друго освен соучесништво во изборната измама. Како црна
дамка на некогашниот полицаец се уште на реверот му стои неразјаснетата
афера за шверцот со нафта кај нашиот северен сосед. Но, и Трајанов како и
преостанатите си најде свое прибежиште во центарот и е решен да проба уште
еднаш, од почеток, повторно да биде лидер.
И, меѓу лидерите кои пливаат во политичките води, еден по малку се
разликува од досегашните профили. Ниту еднаш народот не му ја понуди својата
доверба, ниту еднаш не го пречекори прагот на Собранието, а уште помалку
прагот на владата. Страшо Ангеловски, кој на стартот на плурализмот околу
себе го собра кремот на државната интелигенција, а денес чекори сам. Некои
го нарекуваат македонска верзија на Вук Драшковиќ кој на многумина им
помогна да дојдат на тронот, а себе си се доведе до работ на маргинализмот.
Вели "не можам да соработувам со луѓе кои се огрешиле пред сопствениот
народ".
Ах, тие лидери! Можете ли по сета оваа комбинација да си одберете свој
лидер?