Албанците во Македонија се 19 отсто

Процентот на албанското малцинство во Македонија веројатно може да изнесува само околу 19 отсто од вкупното население, наместо речиси 30 отсто колку што тврдеше албанската страна, пишува берлинскиот весник "Тагес Шпигел".

Македонската Влада го одложува објавувањето на резултатите од најновиот Попис на населението, бидејќи би можело да се утврди дека уделот на албанското население е далеку помал од претпоставуваното, за што, според весникот, и дипломатите во Скопје говореле во доверба.

Ова би можело да го загрози целокупниот мировен процес од Охрид, го пренесува текстот Радио Дојче Веле, програма на македонски јазик.

Македонски фирми ќе градат во Ирак

Градежните фирми "Пелагонија", "Гранит", "Бетон","Илинден", "Маврово" и "Искра" од Куманово се компаниите кои Македонија ги предложила за вклучување во поствоената реконструкција на Ирак, дознава "Дневник" од извори во Министерството за надворешни работи. Минатата недела МНР го испратила списокот на овие фирми до македонскиот амбасадор во Вашингтон, Никола Димитров, кој треба предлогот да го проследи до Стејт департментот.

"Конкордија" го чува мирот во Македонија

Воената мисија на ЕУ, "Конкордија", го започна својот шестмесечен мандат за набљудување на безбедносната состојба во Македонија и спречување тензии. Мисијата на евросилите ќе биде составена од 350 војници, од кои поголемиот дел ќе бидат Французи. Војниците ќе ги носат своите национални униформи на кои ќе стои знакот ЕУФОР. Во операцијата ќе учествуваат 27 земји.

Воениот рок го избегнале 35.000 млади

Во последниве десет години во Македонија дури 35.000 млади луѓе ја избегнале обврската да го отслужат воениот рок, наведуваат извори во Министерството за одбрана. Излезот од непријатната ситуација и од неверојатните апсурди на македонската транзиција и национално зреење во моментов го бара работна група правници од министерствата за одбрана и за правда.

САД за човековите права

Ситуацијата во Македонија се подобрува, но одредени прекршувања и ограничувања на човековите права продолжуваат, се вели во редовниот годишен извештај на Стејт департментот за состојбата со почитувањето на човековите права во светот, во 2002 година, во делот за Македонија. Најмногу нарушувања имало лани од страна на посебните полициски единици, додека во извештајот се наведуваат и повеќе напади врз новинари од различни медиуми.

АРМ го лаже Трајковски за спор вреден 16 милиони денари?!

Бранко Скендеровски, сопственик на фирмата "Колос комерц", тврди дека македонски војници за време на војната 2001 година му уништиле склад со градежни материјали, бензинска пумпа и неколку деловни и приватни објекти, а Министерството за одбрана сега го лаже Трајковски дека АРМ нема врска со инцидентот, тврди скопски "Дневник".

Во АРМ велат дека нејзини војници никогаш не престојувале во месноста Слупчански Бунар, каде што на приватен посед е нанесена голема штета, додека оштетениот сопственик Скендеровски со фотографии докажува дека некој не ја кажува вистината.

Масовно поскапување

Официјално почна стартот на новите стапки на Данокот на додадена вредност. Со законските измени изгласани минатата недела, општата стапка на ДДВ се намалува од 19 на 18 отсто, додека дел од производите кои беа на повластена стапка од пет отсто сега преминуваат на општата стапка од 18 отсто.

Нема основа производителите да ги зголемат цените на храната, изјави министерот за финансии, Петар Гошев, по најавите за поскапувањето.

Имотот на "Нова Македонија" се раскрчмува

До конечната судска разврска на криминалната приватизација на најголемата новинско-издавачка куќа НИП "Нова Македонија" може да се случи целосно разграбување на имотот на оваа компанија, па да нема за што да се расправа. За ова предупреди Штрајкувачкиот одбор на НИП-от кој обелодени документи, според кои веќе на 15 април е закажана лицитација на дел од неговиот имот. Станува збор за 643,64 квадратни метри деловен простор, или целиот прв кат од "Нова Македонија" вреден 49.449.831 денари, а за кој Основниот суд Скопје 1 донел конечна и извршна одлука да се даде на јавно наддавање со цел да се обештети доверителот- фирмата "Мазота" од Скопје.

Условена реформа во образованието

За реформите во образованието, холандската Влада на Министерството за образование ќе му даде 10 милиони евра. Но, за да ги добие парите, министерот Азис Положани треба да исполни еден услов - во спроведувањето на реформите активно да го вклучи и Синдикатот. Странците, за следење на реализацијата на реформите во образованието, во холандската Амбасада во Скопје вработиле и посебен човек, кој веднаш ќе алармира доколку зачкрипи на релација Министерство - Синдикат, што автоматски значи и стопирање на грантот.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"