Одборот за одбележување на стогодишнината од македонската државност ја
оплеска својата задача само поради личната суета на одредени членови кои ги
издигнаа своите над националните интереси на македонскиот народ. Во таа
сурова политичка битка (реалност), всушност проработе нетрпеливоста што трае
подолго време на релација Премиер - Претседател на државата.
Непримерниот скандал ја урива македонската национална достоинственост што
мора соодветно да се одбележи и прослави на Мечкин Камен, на ден Илинден. Но,
како тргнале работите да доцнат, очигледно подготовките за одбележување на
100 годишнината од Илинденското востание, нема ни да започнат, бидејќи
баханалиите на политичарите ги спречуваат нормалните активности околу овој
исклучително важен датум од македонската историја.
Караниците не се убава работа, но тие се дел од нашата политичка култура
која во последно време со ујдурмите прават голема штета на националните
интереси на македонскиот народ. Затоа не треба да не чудат непријателските
активности на соседите кои своите подготовки за "илинденската епопеја" како
по обичај одамна ги започнаа, но и помпезно ќе ја одбележат украдената
историја. Во прилог на нивната стара теза одат и махинациите во Одборот кој
не успеа нормално да се состане, а притоа да не ја разочара македонската
нација.
МАЛОДУШНОСТ
Сто години од Илинденското востание, од славното Крушево, десетте дена
Крушевска Република, не се безначаен јубилеј. Тие се многу важни датуми од
македонската историја, но во последниве десетина година некои личности (неранимајковци)
се обидуваат да ги омаловажат и да ги збришат славните денови во кои е
пролеана многу крв. Меѓутоа, денешните политичари, учесници во скандалот над
скандалите, немаат крв в лице. Тие немаат срам да ги покажат своите лични
интереси, а да ги фрлат на буниште македонските национални белези.
Оваа алармантна појава се повеќе се вгнездува во македонското општество,
но е закоравено и во кабинетот на Претседателот, во Парламентот и во Владата.
Оттаму, не дуваат поволни ветришта. Секој на секого гледа под око и му врти
глава оти не се мирисаат меѓу себе. Зарем затоа ги плаќаме нив од
зголемениот данок, т.н. ДДВ!? Зарем затоа ги избравме, за да се мајтапат со
нашата историја и притоа малодушно да се однесуваат при чувањето на
националните и државните интереси на Република Македонија?
Многу е дискутабилно нивното политичко однесување. Ако тие не сакаат да
се "бацуваат" ние не треба да присуствуваме и да учествуваме во нивниот
башибозук. Затоа треба да си заминат, или да си дадат оставка, бидејќи се
неспособни да водат државнички и национални интереси.
СОМНИТЕЛНИ
Но, се плашиме дека понудената оставка на Претседателот на функцијата во
Одборот, само е параван за немоќта што се крие кај политичарите и членовите
задолжени за одбележување на 100-те изминати години од славната Илинденска
епопеја. Затоа оваа работа е гадна оти нема кој да ги слави илинденците:
Гоце Делчев, Даме Груев, Никола Карев, Јане Сандански, Питу Гули и другите.
Нив ги има безброј, а коските за оваа денешна Република Македонија им се
распослани низ целата етничка територија на Македонија. Меѓутоа, денес
нивните наследници ги бркаат од колективниот ум на македонскиот народ само
затоа што оваа национална репресалија не престанува да се одвива. Има ли
храброст, или моќ во македонскиот народ да ги одбегне стапиците што им ги
поставуваат политичарите?
Тие во последниве две и повеќе години премногу лоши работи направија
против македонскиот народ. Толку лудуваа што не им се знае каде им е крајот.
Се заортачија со непријателот, така што започнаа отворено да другаруваат и
да лумпуваат низ државава.
Македонски национални непријатели имаме и во Одборот за одбележување на
стогодишнината од македонската државност. Како, впрочем, да се
окарактеризира нивното однесување, освен ако тоа не е сторено со умисла?!
Најверојатно со таква цел и замисла се заобиколуваат вистинските задачи,
како на пример подготвувањето на програма за одржување на манифестацијата.
Оваа одговорна и мошне значајна работа не смее да им се додели на лица и
политичари со сомнителна национална свест. Тие се врбувани од странските
агитатори и затоа прават 'ршум низ државава, а сега имаат цел да ги одложат
веќе задоцнетите подготовки за одбележување на јубилејот. Затоа проблемот
мора што побргу да биде решен. Меѓутоа, ако и натаму индолентно се
однесуваме, Илинден ќе биде прославен без некое значење. Таквата
констатација е опасна работа за негување на македонските национални идеали.
ВЕНЕЕМЕ
Членовите на Одборот одамна не гнасат со своите лични нетрпеливости.
Постојано сме под тензија, а нивните ѓурултии прават раздор во македонското
национално ткиво. Очигледно, никој во оваа држава Република Македонија не им
се спротивставува на нивната разурнувачка моќ. Затоа ние немееме, а тие
татнат. Тие глаголат, а ние венееме. Во меѓувреме бледнее националното
чувство, а уште повеќе се забораваат жртвите и настаните од Илинденското
востание. Целта на непријателот и на одродниците се остварува. Народ без
визија, народ без историја. Политика што со стотици години ја чувствуваме на
овие простори, а неа ја туркаат домашни агитатори.
Нивната манџа одамна ја сркаме. И затоа не не изненадува што токму во
Одборот се инволвирани. Стојат на високи финкции, а во моментов никој не ги
гиба, не може да ги симне од власта. Сами сме виновни што им дозволивме
толку високо да се инсталираат. И затоа како пијавици ни ја цицаат
македонската крв. Но, сепак, по лошото доаѓа арно, па така му доаѓа крајот
на нивното блудничење. По овој кикс тие не ќе можат да седат во удобните
фотелји, туку ќе бидат исфрлени на улица исто онака како што нас не оставија
во небрано, да питачиме на калдрмата.