ВЕРАТА НАША РИСЈАНСКА

Акатист на Пресвета Богородица - трет и четврт дел

БОЖЈАТА МАЈКА – НАДЕЖ НА ВЕЧНИТЕ БЛАГА

Пишува: аџика Живанка ФИЛИПОВСКА

  • Пресвета Дева Марија се согласи да стане Божја Мајка. Таа неизмерно го сака и му верува на Бога дека "Бог ја одбра Неа за Своја Мајка и од Неа го позајми телото, која Таа така великодушно посака да му го даде", како што и Он се овоплоти доброволно.
  • Оние кои не го почувствувале Бога, не можат да сфатат дека: "Неискажливото Слово потполно беше на земјата, без и најмалку да отстапи од небото, зашто раѓањето од Дева Богородица не беше промена на место, ами Божја милост".

Светата Православна Црква продолжува да ја прославува Божјата Мајка преку празникот "Акатист на Пресвета Богородица". Во оваа божествена служба (во третиот и четвртиот дел на Акатистот), се воспева премудрото раѓање на Господ кој се појавил на земјата. Се восхитуваме на крвната врска на Дева Марија со Господ Исус Христос и нејзината врска со небото и земјата. Христос "изникна од безсемена утроба и ја зачува невина како што беше". Заради тоа што го носела во својата Пречиста утроба Спасителот на светот, заради тоа што го соединила девството и раѓањето, заради неизмерната љубов кон Бога и светот, & пееме: "Радувај се, нетленен цвету; радувај се, Ти си венец на воздржувањето! Радувај се, светол образ на воскресението; ... Ти го откриваш ангелскиот живот! ... Ти си плодоносно дрво на светлината; ... преку Тебе им се проштеваат гревовите на мнозина!... радувај се, љубов што победува секаква желба!".

Пресвета Дева Марија се согласи да стане Божја Мајка. Таа неизмерно го сака и му верува на Бога дека "Бог ја одбра Неа за Своја Мајка и од Неа го позајми телото, која Таа така великодушно посака да му го даде", како што и Он се овоплоти доброволно. Нејзиното "Да" (согласност да го роди Божјиот Син), беше потврда не само за Неа самата, туку за сите нас.

ВОЛЈА

"Овоплотувањето (Бог постанал човек во личноста Христова) не беше дело само на Отецот, преку Неговата Божествена сила и Неговиот Дух, туку тоа, исто така, беше дело на волјата и на верата на Светата Дева. Без Нејзина согласност за безгрешно зачнување планот би бил неостварлив, како што би бил и без интервенција на Самите Три Божествени Лица".

Во Акатистот Божјата Мајка ја воспеваме над ангелите (почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимити) и над сите Божји угодници. Ангелите се зачудиле од големото дело на Нејзиното овоплотување, зашто "во недостапниот Бог гледаа човек достапен". Божјата Мајка е надеж на вечните блага, пофалба на верните, цврст кораб за луѓето кои сакаат да се спасат, "пристаниште за оние што пловат во животот".

Му благодариме, го фалиме на Бога што доброволно дојде на земјата и пострада меѓу луѓето за да го откупи светот од гревот. Го славиме преку песни (славословија) и псалми од псалмопевецот Св. Цар Давид. Оние кои не го почувствувале Бога, не можат да сфатат дека: "Неискажливото Слово потполно беше на земјата, без и најмалку да отстапи од небото, зашто раѓањето од Дева Богородица не беше промена на место, ами Божја милост ". Затоа Богородица ја воспеваме како "Приемница на неопфатливиот Бог... врата на пречистата тајна,... пресвета колесница на Оној што седи на херувимите... преславно живеалиште на Оној што седи на серафимите". Светата Црква радосно торжествува со песната: "Ќе ја отворам устата моја, со дух ќе се исполнам, ќе запеам на Мајката Божја, ќе торжествувам радосно и ќе ги славам чудесата Твои. Пресвета Богородице спаси не!" (дел од благодарствениот канон ).

ВОСПЕВАЊЕ

Исцелителката на човечките срца и души преку која се осветува човечкиот род, ја воспеваме како "Началница на духовниот растеж" која го обновила гревовниот и смртен свет за негово спасение, неисцрпна ризница на животот. Упатуваме посебни молитви кон Неа, неосквернетата Пречиста Владичица, која преку Нејзиниот Единороден Син, ја соединила отфрлената природа на човечкиот род со небото, да ги прими нашите молитви и да ги пренесе пред Бога, да не упати кон покајание и спасение. Го восфалуваме човекољубивиот Бог: Небесни Царе, "Безсилна е секоја песна што сака да ги опфати сите Твои добрини, зашто ... си свет; и да Ти принесеме песни рамни по број на морскиот песок, не правиме ништо достојно за се што си ни дал, затоа извикуваме: алилуја!".

Со надеж во Пресвета Троица, со силата на Чесниот и Животворен Крст, а преку застапнишвото на Божјата Мајка, небесните сили и сите Божји угодници, го молиме милостивиот Бог за мир во светот, за доброто и спасението на сите луѓе во светот. На Преславната Дева со неизмерна сила, на наречената "рај духовен" во која израсна Христос - Дрвото на животот, со песни ја величаме и ја повикуваме: "Мајко Богородице, песна Ти пееме и на помош Те викаме, се давиме во бурното море од страдања и демонски соблазни, биди за нас тихо пристаниште". Света Мајко Марија, не постојат зборови со кои Твоите верни чеда можат достојно да Те прослават.

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот европски, г. Горазд


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"