о минатиот број наведовме
историски податоци кои јасно укажуваа на фактот дека Грците од Мала Азија
кои се наоѓале под персиска власт жестоко се спротивставиле на Македонците
предводени од Александар Македонски кои дошле да ги "ослободуваат".
Кога ги понудив овие податоци на еден мој познаник, тој ми забележа дека
отпорот на Грците под персиска власт против Македонците не претставува
никаков доказ дека тие биле два различни народа. Во писменото обраќање што
ми го испрати мојот познаник, во врска со ова, пишуваше:
"Моето посебно внимание го привлече текстот во кој изнесувате податоци
дека на страна на Персијанците против Александар Македонски се бореле многу
Грци. Ова не го знаев. Меѓутоа, мене ми е тешко да прифатам дека од тој
податок извлекувате заклучок дека Александар Македонски не бил Грк. Вие се
прашувате: каква е таа грчка војска против која се биеле илјадници Грци,
припадници на Персиската војска? Притоа додавате дека било смешно што
денешната грчка пропаганда тврди дека војската на Александар Македонски била
грчка. Јас мислам дека оваа пропаганда воопшто не е смешна и дека таа треба
сериозно да се сфати. Впрочем, еден ист народ може да се најде во две
непријателски војски. Во прилог на ова ќе Ви дадам два историски примери.
Имам читано дека германската војска на Источниот фронт за време на Втората
светска војна се борела и против - Германци! Имено, до почетокот на Втората
светска војна, во сливот на реката Волга живеела голема етничка група
Германци, која тогаш броела околу 2,5 милиони луѓе. Тоа се т.н. "Поволшки
Германци", кои се населиле во овие краеви во времето на руската царица
Катерина Втора Велика, која пред да се омажи за рускиот цар Петар Трети,
била германска принцеза. Откако Германците во текот на 1942 година почнале
да се приближуваат кон Кавказ и кон сливот на Волга, Сталин ја преселил оваа
етничка група во Сибир, заедно со Чечените и Татарите и со други народи во
кои немал доволно доверба. Меѓутоа, доверливиот болшевички партиски кадар на
Поволшките Германци бил испратен на фронт, но не во форма на компактни
германски црвеноармиски единици (веројатно повторно поради недоволна доверба),
туку биле распрскани по разни советски воени формации. Некои од овие
Германци смело се бореле против своите сонародници - Хитлеровите Германци,
можеби слично на Дариевите Грци против фалангите на Александар Македонски.
Некои од овие Германци - црвеноармејци подоцна биле прогласени за херои на
Советскиот Сојуз. Се поставува прашањето дали сега или по две илјади години
треба да тврдиме дека Хитлер не бил Германец, а дека неговите војски не биле
војски на германскиот народ затоа што тие на Источниот фронт се бореле
против Германци во Сталиновата Црвена армија?
ОДНОСОТ НА ГРЦИТЕ ОД МАЛА АЗИЈА КОН МАКЕДОНЦИТЕ
Мојот познаник ми го посочи и примерот со Србите во Првата светска војна,
кои се бореле против Србија во рамките на австро-унгарската војска, а во
продолжение ми напиша:
"Мене ми е познато дека грчките градови-држави Атина, Спарта, Теба,
Коринт и другите честопати се бореле за превласт во регионот. Во
Пелопонеската војна Спарта ја покорила Атина, а подоцна и Теба. Практично
мир помеѓу овие воинствени хеленски градови-држави имало само за време на
Олимписките игри. Доколку и навистина било така, претпоставувам дека помеѓу
овие хеленски градови-држави имало малку љубов, а многу омраза, посебно кон
оној што во одреден историски период насилно им се наметнувал на другите.
Токму тоа го направил македонскиот крал Филип Втори, кој ја окупирал цела
Грција. Логично е дека заради тоа, тој и неговиот народ биле предмет на
омраза, а не на љубов и дека оние што се чувствувале покорени барале начин
дури и преку сојузништво со некогашните непријатели да се ослободат од
новодојдениот поробител. Она што мене не ми е логично е тоа што Вие
сугерирате дека врз основа на присутната окупација и омраза кон окупаторот,
новиот поробител не бил Грк. Белки можеме да дозволиме дека и Грк може да
мрази Грци и да ги смета за свои непријатели. Фактот што поробените Грци од
страна на Персијанците огорчено се бореле против античките Македонци Вие го
земате како доказ дека античките Македонци не биле Грци. Вие сметате дека
тие би требало да се радуваат на ослободувањето од своите "сонародници",
доколку античките Македонци би биле Грци. Но, не знам зошто би требало да се
радуваат доколку новиот нивни господар (дури и да е Грк) бил тиранин? А дека
античките Македонци била сурови тирани на окупираните хеленски простори, Вие
веќе имате наведено податоци дека во една прилика античките Македонци убиле
5.300 Грци. Нема логика да се искажува радост кон таков тиранин, па дури и
да и припаѓа на твојата националност... Не ми е јасно зошто се користите со
толку неубедлива аргументација, кога од друга страна, на други места, и
навистина нудите дузина солидни аргументи во прилог на тезата дека античките
Македонци не му припаѓале на хеленското семејство народи.
На оваа забелешка на мојот познаник, му го испратив следниот одговор:
"Во врска со оваа Ваша забелешка, сакам да го кажам следното. Како
прво, мојата реченица дека војската на Александар Македонски не била грчка
затоа што против неа се бореле илјадници Грци, Вие ја имате извлечено од
малку поширок контекст, чиј составен дел е таа. Доколку оваа моја реченица
беше единствениот "доказ" дека Македонците не биле Грци, тогаш Вашата
забелешка ќе беше на место. Но, доколку внимателно сте го прочитале целиот
текст што Ви го испратив, а во кој пишува за борбите помеѓу Македонците и
Грците, тогаш ќе видевте дека оваа реченица претставува само логичен
заклучок на таму изнесените податоци. Еве зошто го тврдам ова. Како прво, не
е во прашање само тоа што Грците војувале против Македонците во составот на
Персиската војска. Доколку внимателно го прочитавте сведоштвото на античкиот
грчки историчар Аријан, тогаш ќе видевте дека тој јасно запишал дека битката
кај Ис помеѓу Македонците и Грците (во состав на персиската војска) била
уште повеќе разгорена поради (цитат): РАСНОТО РИВАЛСТВО ПОМЕЃУ ГРЦИТЕ И
МАКЕДОНЦИТЕ!". Мислам дека само оваа една реченица од темел ги руши сите
обиди на грчката историографија да докаже дека Македонците биле "Грци".
Доколку Македонците и навистина биле "Грци", тогаш се поставува едно
едноставно прашање: Какво е тоа расно ривалство кое владеело помеѓу
припадници на "ист" народ? Потенцирам дека ова е напишано од грчки историчар,
кој и самиот живеел во времето кога живееле античките Македонци и кој добро
знаел каков народ се тие. Како второ, јас и натаму стојам зад објаснувањето
што го дадов во врска со состојбата во грчките малоазиски градови Милет,
Халикарнас и Соли, кои до пред тоа се наоѓале под персиско ропство. Во овие
градови живееле - Грци! Овие Грци никогаш пред тоа не биле во судир со
Македонија за толку да ја мразат оваа држава, каков што бил случајот со
Атина или со Теба, кои и навистина доживеале непријатности од страна на
Македонците, но откако се побуниле против нив. Па зошто малоазиските Грци (под
персиска власт) самостојно дале толкав отпор против Македонците, доколку ги
сметале за свои сонародници? Зарем и навистина не требало да се радуваат
затоа што нивните "сонародници" Македонци дошле да ги ослободуваат од
децениското персиско ропство? Но, тоа не само што не се случило, туку тие
против Македонците дале жесток отпор како кон нови поробители. Споредбата со
Германците во Втората светска војна и со Србите во Првата светска војна не
Ви е на место. Вие самите напишавте дека Србите насилно биле мобилизирани во
австро-унгарската војска. Така било и со Македонците, кои во поново време
биле принудени да војуваат во разни војски едни против други. Исто било и со
Германците во Советскиот Сојуз. Зарем можел некој тогаш да ја одбие
наредбата на Сталин и да не оди на фронт, па макар и војувал против свои
сонародници? Меѓутоа, состојбата со учеството на Грците во Персиската војска
е сосема поинаква. Грците од Милет и Халиакрнас доброволно се бореле против
Македонците, додека во составот на Персиската војска постоеле цели компактни
единици составени од Грци. Оттаму не држи споредбата со примерот на
Германците, Србите и Македонците. Вие и самите напишавте дека Сталин не
дозволил компактни германски единици во составот на Црвената армија, а токму
такви компактни единици имало во составот на персиската војска, кои биле
составени исклучиво од Грци. Не Ви е на место ни забелешката дека
малоазиските Грци знаеле дека Александар Македонски е "тиранин", па затоа
дале толкав отпор. Напротив, ако ја прочитате која било биографија за
Александар Македонски ќе видите дека тој секаде прво нудел мир на градовите
и на земјите што планирал да ги освои. Ќе видите дека многу градови и народи
го дочекале како ослободител и тој на тие градови им оставил речиси целосна
самостојност и ги сметал како свои големи пријатели. Така било и со Милет и
Халикарнас на кои тој им понудил мир, што тие го одбиле. Александар
Македонски покажувал милост и кон свооите најжестоки опоненти. На пример,
пред да влезе во Ерусалим, бил пречекан од ерусалимскиот еврејски свештеник
Јадуа, кој до последен миг му бил лојален на Дарие. Јадуа многу се плашел од
средбата со Александар, но кога се сретнале, Алекандар му се поклонил и му
искажал голема почит, поради што Јадуа бил воодушевен. Веднаш потоа голем
број Евреи доброволно и се приклучиле на македонската војска. Уште
подрастичен е случајот со индискиот принц Пор, кој откако воено бил поразен,
наместо да биде убиен, бил поставен за управник на област со сите почести.
Вакви примери има многу. Александар секогаш прво нудел (и давал) мир и
соживот (да не Ви зборувам за неговото облекување во персиска облека само за
да им докаже на Персијанците дека доаѓа во мир и слично.), но знаел да биде
и жесток и тоа исклучиво против оние кои давале вооружен отпор или кои (според
неговите сознанија) го предале. Такви биле и малоазиските Грци, кои наместо
да се радуваат на своето ослободување од персиското ропство, тие го дочекале
како нов окупатор. Се знае и дека Атина кришум и помагала на Персија, што
Македонците го докажале откако кај заробените Персијанци пронашле бројни
писма од Атина во кои Атињаните им нуделе доверливи информации и секаква
друга помош во нивната борба против Македонците. Ако се земе предвид сето
ова (а посебно сведоштвото за постоењето на "расни разлики" помеѓу
Македонците и Грците, како причина за разгорувањето на нивната борба, но и
другите податоци за разликите помеѓу Македонците и Грците, како што е
сведоштвото на латинскиот историчар Руф, кој вели дека Македонците и Грците
меѓусебно комуницирале преку преведувач и уште многу такви), тогаш
реченицата што ја истргнавте од контекст станува сосема логична".
КИМОН ГИ ОСЛОБОДУВА ГРЦИТЕ
Иако прилично се оддалечивме од основната тема за Македонците во делата
на Плутарх, дојде време да објаснам зошто ги уфрлив овие податоци, кои
навидум немаат врска со основната тема. Имено, видовме дека мојот познајник
смета дека тоа што малоазиските Грци се побуниле против Александар кој дошол
да ги ослободува од персиското ропство, не било никаков доказ дека
Македонците не биле Грци. Според него, видовме дека нивната реакција била
нормална.
Јас му одговорив така како што му одговорив, но кога подоцна ја прочитав
Биографијата на Кимон напишана од Плутарх, во неа го видов крунскиот
аргумент што требаше да му го напишам на мојот собеседник (што секако дека
во меѓувреме му го испратив).
Еве за што станува збор. Атинскиот генерал Кимон живеел околу два века
пред Александар Македонски. Во времето на Кимон, малоазиските грчки градови
исто така се наоѓале под персиско ропство. Плутарх пишува дека Кимон, откако
ги поразил Персијанците на територијата на денешна Грција и Тракија, тргнал
во ослободување на градовите населени со Грци на малоазискиот брег. Но,
притоа Плутарх не пишува дека Грците од малоазиските градови дале отпор
против Кимон. Напротив, Плутарх дури споменува нивни востанија против
Персијанците како знак на поддршка на Кимон. Од ова може да се заклучи дека
тие со радост го дочекале своето ослободување од Персија. Малоазиските Грци
во атинската војска предводена од Кимон виделе свои сонародници и затоа дале
толкава помош. Но, кога подоцна Александар Македонски тргнал да ги
ослободува приближно истите тие територии (кои во меѓувреме пак се нашле под
персиска власт) од страна на тамошните Грци бил дочекан како нов окупатор, а
не како ослободител каков што бил Кимон.
(Продолжува)