акедонија во етничка, а не во
географска смисла, и македонскиот народ како национална, а не политичка
категорија на Балканот, опстојуваат повеќе столетија. Иако, низ протекот на
времињата земјата македонска и народот македонски често се наоѓаа под власта
на некои соседни и подалечни држави, македонското име не беше обезличено.
Неуспешни се покажаа и обидите на Грција, Србија и Бугарија, базирани врз
нивното божемно историско право над Македонија, поткрепени со изопачени
историски, етнографски, статистички и други факти, богато фабрикувани во
втората половина на 19 век и почетокот на 20 век. Во таа насока предничеше
Бугарија. Уште од шеесеттите години од минатиот век кога претставници на
македонскиот и на бугарскиот народ како природни сојузници, поведоа борба
против црковната и културно-просветната пропаганда спроведувана од
Цариградската патријаршија, раководството на бугарското движење економски
посилно, настапуваше во името на двата посебни ентитета, изедначувајќи ги
како едно единствено "словенско" движење против грчката црква и елинизмот.
Притоа, со помош на руската дипломатија, тие власти се наметнаа како
единствен претставник на двата народа и се избори новата црква на сето "словенско"
население во Империјата да добие бугарско име, Бугарска егзархија. Таа во
својата практична дејност, по основачкиот акт од 28 февруари, 1870 година,
беше единствен спроводник на црковно-просветната бугарска пропаганда во
Македонија. Нејзиното антимакедонско влијание особено се засили по
ослободувањето на Бугарија во 1878 година, кога таа беше подредена на
Министерството за надворешни работи.
БОРБАТА...
... на бугарскиот народ за слобода и сопствена држава, обилно помогната
од Царска Русија, резултираше со создавање на една "Голема Бугарија" во
науката позната како "Санстефанска Бугарија". Ваквата големодржавна творба
не беше израз на реалноста, туку повеќе еден тактички маневар, вешто
пресметана дипломатска комбинација на рускиот царизам, за политичка
доминација на Балканот. Но, без разлика на тоа, бугарските владејачки
кругови, оттогаш до денес, со ретки исклучоци, од "Санстефанска Бугарија"
направија мит, национално величие, изградија големобугарски идеал за божемно
обединување на бугарското племе од Мизија, Тракија и Македонија, а со тоа,
всушност, ја прикриваа желбата за заграбување на туѓи етнички територии.
Од правен аспект, со оглед на меѓународната констелација на односите меѓу
европските држави и балканските земји од тоа време, Договорот од Сан Стефано
претставува акт и последица од воената надмоќ на царска Русија во војната
против Османлиската империја. Договорот нема завршен, туку прелименарен (преоден)
карактер, а на македонската територија нема стапната руска војска, а уште
помалку бугарски востаници, освен македонските доброволечки одреди на
Ѓорѓија Пулевски, Димитар Поп Георгиев - Беровски и други. Овие моменти се
игнорираат од бугарската историографија и се пишува за некакво обединување
на бугарското племе и бугарските земји без каква било научност, реалност и
вистина.
Всушност, Санстефанскиот договор е договор меѓу големите сили за
зачувување на територијалниот интегритет на Османлиската држава, од една
страна, а од друга страна по иницијатива на Русија да се создаде една
поголема "словенска" држава, како би можела трајно да зачекори на
Балканскиот Полуостров. По една логика на претходните меѓудржавни одредби и
договори, Русија како победник требаше да води сметка при дипломатскиот
настап во Сан Стефано. Но, и потоа, бидејќи таа доби закани од големите сили
за воена интервенција доколку продолжи со своите амбиции на Балканот. Затоа,
во периодот меѓу трети март и јуни - јули 1878 година, кога се одржа
Берлинскиот конгрес, Русија се насочи кон зачувување на своите војски и
територијалниот интегритет.
НА БЕРЛИНСКИОТ КОНГРЕС...
... кој се одржа од 13 јуни до 13 јули 1878 година, дојде до израз
целосното судрување на интересите на големите сили на Балканот. Во една
таква констелација на можеше да се најде единствена солуција којашто би ги
задоволила интересите на секоја од нив поединечно. Она што беше заедничко е
дека беа против создавањето на една голема "словенска" држава на Балканскиот
Полуостров, каква што беше проектирана со Санстефанскиот договор, а
Македонија како средиште на оваа проекција претставуваше интерес на секоја
од нив заради стратегиската местоположба. Од тие причини, нејзиното
разделување во некаква тројна област ќе значеше практично пропаѓање на
Османлиската држава на Балканот, што беше клучна одредница на големите сили
за одржување рамнотежа на силите. Затоа и се одлучија против создавање
автономна македонска држава или кнежество, туку за реформирање на
Османлиската држава, во која би се обезбедил посебен статус за Македонија.
Тоа и беше регулирано посебно со членот 23 од Берлинскиот договор, а со него
се предвидуваше порадикални промени и воспоставување на една автономна власт,
односно посебен статус на Македонија во рамки на Империјата.
Од Санстефанскиот договор до денес изминаа 125 години, но при секоја
десетта годишница официјалните фактори во Бугарија и претставниците на
бугарската историска наука еуфорично и со една пословична тафтологија упорно
го одрекуваат постоењето на македонската нација во стилот минатото е
бугарско, а иднината е на Македонците.
Некои бугарски т.н. научници и особено претенциозните политичари, се што
е македонско го присвојуваат за целите на една голема "Санстефанска Бугарија",
а свеста и чувствата на македонскиот народ ги маргинализираат до степен на
одрекување на македонскиот национален индивидуалитет, преку измислениот
јазичен проблем и слично.