ИСТОРИЈА

Повеќе од еден век постоење на железничкиот сообраќај кај нас

ДОСТОЈНО ДА ГО ОДБЕЛЕЖИМЕ ЈУБИЛЕЈОТ!

Пишува: Проф. д-р Миодраг КАЛЕНДАР ХАЏИ РИСТИЌ

  • При прославата на јубилејот 100 години од изградбата и пуштањето во сообраќај на железниците во Македонија (1873 - 1973 година), по консултациите се утврди и се прифати дека пуштањето на железничкиот сообраќај на железничката пруга од Солун до Скопје на 9 август 1873 година ќе се смета како заеднички датум за почетокот на историјата на македонските железници и железничарите.
  • Во есента 1908 година се создаваат и се формираат први легални синдикални организации на работничката класа во Македонија, со тоа што најнапред со создал Мешовит работнички синдикат во Солун, а следната 1909 година, иста таква синдикална организација - Мешовит синдикат - и во Скопје.

Времето со годините си го прави своето, а тоа е минатото на генерациите. Јас како дипломиран етнолог длабоко верувам во народната вистина дека "народ кој нема минато, нема иднина".

Кај нас во Р. Македонија не можеме да се пофалиме дека имаме организација која работела и работи, без оглед и на војните и окупациите и блокадите, вака долго од 9 август 1873 година кога е пуштена во сообраќај делницата Солун - Скопје на познатата железничка трансбалканска линија Виена - Солун, со официјална ознака ВСБ.

Заради мешање на политиката и желбата да се наметне во стручноста и научноста, како директор на Народниот музеј на Скопје, јас бев принуден во 1960 година да го прифатам префрлувањето во Сојузот на синдикатите на Југославија во Белград, од каде барав да работам во музеј. Така бев избран и работев како кустос - директор на Железничкиот музеј во Белград од 1960 до 1984 година и имав среќа и чест покрај другите југословенски Републики и народи, да ги истражам и подготвам сите манифестации за Јубилејот 100 години железници во Македонија - изложба, публикации и филмови. За ова, уште во 1969 година, ги предупредив повиканите одговорни фактори и од Директорот добив "слободна карта" според мојот план, преку организациони форми - одбори, редакции и групи, да го спроведам и реализирам планот и програмата за јубилејот. Академијата и изложбата ја отвори во име на претседателот на тогашната СФРЈ, тогашниот потпреседател на Сојузната влада и министер за сообраќај и врски, Благој Попов. Единствено не успеавме, од оправдани причини, урбанистичко-архитектонски да го реализираме Железничкиот музеј во дел од пероните и колосеците на жално урнатата железничка станица во Скопје до минирањето и земјотресот, што подоцна под чудни околности прерасна во тоа што е денес, ама и со, како што се раскажува, валкани методи и средства.

Исто така, за жал, најголем дел од изложбените средства - експонати кои требаа да бидат претставени во Железничкиот музеј - паноа, витрини, диарами и друго, просто исчезнаа. Илајдници негативи, копии публикации и карти се најдоа во состојба на "изгубеност за понатамошна стручна, научна и документарна работа".

ИСТОРИЈАТ

Сообраќајот се јавува и се развива како општествена потреба во животот на човекот за транспорт на материјални производи, луѓе и вести, користејќи ги различните облици на патниот, водниот и воздухопловниот сообраќај кои со векови и милениуми се усовршувале.

Порастот на производството во новиот век од занаетчиско, преку манифактурно до индустриско, не може да го задоволи тогашниот облик на патниот и водниот сообраќај и транспорт со носење и превоз со коли со животинска сила. Затоа пронаоѓачите од 17 и 18 век бараат можности за вклучување и употреба на силата на водената пареа во средствата за движење - колите за транспорт. По успешните резултати од градењето и користењето на парните локомотиви кои сообраќаат врз металните колосеци во рудниците, наскоро се пушта во сообраќај и Првата (во светот) железничка линија за патнички и товарен сообраќај во Англија помеѓу Стоктон и Дарлингтон на 27 септември 1825 година, што се смета како датум за почеток на Историјата на железниците во светот. Набргу, согледувајќи ги користа и практичноста од новиот облик на сообраќај, се градат и други железнички линии како во Англија така и во Европа, па и во Америка, а подоцна и во целиот свет со што го зафати "железничка грозница". Така тоа се случи и на Балканскиот Полуостров кој беше на патот што со милениуми водеше и ги поврзуваше Блискиот Исток и Мала Азија со Балканот, а оттаму на запад кон Европа. Во оваа еуфорична "железничка грозница" не беше исклучена и Македонија. При прославата на Јубилејот 100 години од изградбата и пуштањето во сообраќај на железниците во Македонија (1873 - 1973 година), по консултации се утврди и се прифати дека пуштањето на железничкиот сообраќај на железничката пруга од Солун до Скопје на 9 август 1873 година ќе се смета како заеднички датум за почетокот на Историјата на македонските железници и железничарите.

ПРИЛИКИ

Подоцнежните политички прилики и на Балканот и во Европа од водените војни, мировните договори, попречија да се реализира проектираната железничка линија Виена - Солун преку Босна и Рашка (Санџак). По Балканската и Меѓусојузничката војна и Првата светска војна кога Грција ја окупира територијата на делот на Македонија, што & го подарија за учество во војната против Турција во Првата светска војна, Грција ја изгради железничката линија од Солун до Лариса, а со тоа се поврза и со Атина. Железничкиот сообраќај изврши измени на вековни правци на движење, патишта, брзина и сигурност на транспорт на патници и стоки, создавање и раснење на нови населби, но и опаѓање на некои населени места кои беа на старите патишта, а сега далеку од железничките врски. Со намалувањето на времето за патување и транспорт и производите од Македонија стигнаа и во Европа и на Блискиот Исток. Железниците станици станаа места каде можеше "да се види и да те види светот". Железничките објекти - станиците, магацините, ложилниците и другите градби од тој период малку се зачувани до денес. Меѓутоа, Скопје уште тогаш имало две железнички станици. Едната, таканаречената Главна на линијата Солун - Скопје - Митровица, која подоцна е проширена, а во 1938 година е урната и на приближно тоа место е изградена новата железничка станица, една од најубавите и најмодерните на Балканскиот Полуостров. Втората железничка станица беше таканаречена "Југ" на линијата кон Ниш и блиску до познатата триангла, каде што сега е изграден новиот Транспортен центар - Железничката станица Скопје, блиску да населбата "Пролет" и месноста "Забрането" каде беше секцијата за градење и одржување.

ШТРАЈКОВИ

Во последните децении од XIX век работничкото движење во тогашната Македонија, воопшто, започнува да ги добива и своите први организациски форми. Народно-ослободителните движења и востанија кај некој од поробените Балкански народи - во Србија и Грција и по ослободувањето до Русија на Бугарија, создадоа услови за сеопшта најава дека ќе се урнат темелите од тиранијата на Османлиската Империја, а со тоа дека ќе се развива и зајакнува националната свест воопшто кај Македонците и преостанатите национални малцинства коишто живеат во Македонија. Познато е дека уште пред создавањето на првите организирани синдикални форми во овој дел од Османлиското царство, железничарите од Источните железници во Македонија во пролетта 1900 година, организираат Прв масовен прекин на работа - голем штрајк на делницата на железничката линија помеѓу Демир Капија и Велес. Овој штрајк бил организиран од месната социјалистичка организација од Велес, а штрајкот го раководеле железничките работници Андон Шулев, Александар Мартулков и Шишман, австрискиот социјалдемократ којшто работел во Делницата за одржување на железничката линија во Демир Капија.

Штрајкот траел два дена и потполно го парализирал железничкиот сообраќај на делницата Солун - Скопје, за патничкиот и товарниот сообраќај. Од досега познати историски извори, овој прв штрајк на железничарите од Источните железници во Македонија на железничките линии Солун - Скопје - Приштина, односно Скопје - Зибевче е и прво организирано прекинување на работа на работници, односно прв организиран штрајк на младата работничка класа во Македонија. Во овие состојби кога тешките животни и работни услови со апсолутно "неразбирање" и "неприфаќање" од работодавачите, а за подобрување на севкупните состојби од работничката класа, воопшто во Османлиската империја, дојде до предизвик, до револт и до повторна демонстрација на обесправената работничка класа, пред се железничарите на делот од источните железници од линиите Солун - Скопје - Приштина и Скопје - Зибевче - Ристовац.

Во есента 1908 година се создаваат и се формираат први легални синдикални организации на работничката класа во Македонија, со тоа што најнапред со создал Мешовит работнички синдикат во Солун, а следната 1909 година, иста таква синдикална организација Мешовит синдикат и во Скопје. Во овие мешовити Работнички синдикати и во Солун и во Скопје членувале и железничарите - вработените на Источните железници во Македонија.

Една од најголемите акции на овие работнички синдикати е и првата прослава на празникот на работникот - трудот, Први мај, во 1909 година.

Подоцнежните историски настани, Балканската и меѓусојузничката војна, Лондонскиот мир и подоцнежниот мир во Букурешт и поделбата на Македонија, а со тоа и железниците од Македонија, кога една окупација беше сменета со три, односно со четири окупации од Грција, Србија, Бугарија и новоформираната држава Шипнија, а потоа и Првата светска војна со мирот во Версај, беа потврдени срамните и неправичните поделби со новосоздадените државни граници коишто сосема ги разделија и железничките линии и железничарите од Македонија.

На крајот да се потсетиме дека историјата на железниците и на железничарите од Македонија имаше и го прослави својот стогодишен јубилеј на 9 август 1973 година (1883, 1973) со свечена прослава и реализирани манифестации - Академија, публикација, изложба и неколку документарни филмови без оглед што сега прават и спроведуваат обиди оваа дата, 9 август, кога пристигнал првиот воз во Скопје да се промени, а да се прифати и да се наметне датата кога пристигнал првиот воз во Велес, 9 април 1873 година.

И конечно, на 9 август 2003 година ќе се навршат 130 години од изградбата и пуштањето во сообраќај на првата железничка линија во Македонија на релацијата Солун - Скопје. Институциите во државава ќе мора да го одбележат на пригоден и на пристоен начин овој значаен јубилеј за Република Македонија.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"