Повод за ова мое обраќање до македонската јавност е неодамнешниот текст
на извесен Владимир Јовановски (новинар во скопскиот неделник "Форум") во
кој тој на перфиден начин ги подметнува грчките пропагандни ставови за
наводниот "грчки карактер" на античките Македонци. Ова не е прв пат
дотичниот Јовановски (поддржан од уредникот на "Форум", Сашо Ордановски) да
објавува вакви памфлети. Познато е дека тој и лани објави сличен памфлет, во
кој тврдеше дека Македонците се "млада нација", дека "Грците биле постар
народ од нас" и слични бесмислици. Поради ова, повеќе од јасно е дека не
станува збор за "неинформиран наивник" (како што Јовановски невешто сака да
се претстави себеси во своите памфлети - божем се "чуди" зошто некои
пишувале дека античките Македонци биле "Грци" и слични евтини трикови), туку
дека станува збор за професионалец кој перфидно ги подметнува ставовите на
големогрчката, антимакедонска пропаганда во однос на потеклото на античките
Македонци, иако хипотезата според која денешната македонска нација наводно
нема "никаква врска" со античките Македонци им одговара и на бугароманите и
на сите преостанати негатори на македонската нација. Заради недостиг на
простор, овде нема да се навраќам на памфлетот на Јовановски, туку ќе ставам
акцент на фактот дека списанито "Форум" преку текстовите на дотичниот
Јовановски практично нуди содржини кои се во спротивност со македонската
официјална историографија (секако на штета на македонската нација). Дека
античките Македонци не биле никакви Грци и дека тие се составен дел од
денешната македонска нација јасно е прецизирано и во нашите учебници по
историја од основно и средно образование. Античките Македонци како антички
предци на денешната македонска нација официјално се признати и од МПЦ.
Поради сето ова, се поставува прашањето: Што има списанието "Форум" против
оваа вистина?
Јовановски во својот памфлет не цитира ниту еден старогрчки историчар кој
пишува за засебноста на античките Македонци, а такви навистина ги има во
значаен број. Само да потсетиме дека старогрчкиот историчар Аријан, во
својата биографија за Александар Македонски јасно запишал дека омразата
помеѓу Македонците и Грците била толку голема што дури помеѓу нив постоело (цитат)
"расно ривалство". Го прашувам Јовановски: кој нормален човек може да верува
дека постоело "расно ривалство" помеѓу припадници на "ист народ"? За фактот
дека Македонците биле сосема различен народ од Грците (Хелените) јасно
пишува и Плутарх (чија биографија за Александар Македонски, иако е преведена
на македонски, Јовановски не ја ни споменува, што е уште еден доказ за
антимакедонската тенденција на неговиот памфлет). Практично тој ги избегнува
податоците кои говорат во полза на разликите помеѓу Македонците и Грците,
иако во случајов се дадени од древен грчки историчар. Познато е дека во
32-та глава на својата биографија за Александар Македонски (објавена и на
македонски во Скопје, 1994 год.), Плутарх јасно запишал дека Македонците
зборувале на засебен македонски јазик. Не знам дали Јовановски знае англиски,
но му препорачувам да ја прочита и Биографијата на Аратус, во која Плутарх
дава уште подецидни докази за не-грчкиот карактер на античките Македонци.
Може да ја прочита и Биографијата на Марко Антоние, во која Плутарх јасно
пишува дека мајчиниот јазик на македонската династија на Птолемеите бил (цитат)
"македонскиот јазик". Овде е и латинскиот историчар Квинтиј Куртиј Руф, кој
во својата биографија за Александар Македонски сведочи дека Македонците и
Грците комуницирале преку преведувачи (иако имало и Македонци кои го знаеле
грчкиот јазик како втор јазик). И делото на Руф е преведено на македонски,
но Јовановски избегнува да го спомне. Да го спомнеме и грчкиот говорник
Демостен, кој ги нарекол Македонците "барбари", што етимолошки значи "луѓе
кои не го зборуваат грчкиот јазик". Само за споредба, ниту еден Атињанин
никогаш не нарекол некој Спартанец или Тебанец како "барбабин", затоа што
зборувале на ист јазик. Тогашните Хелени себеси се ословувале како "ксенои",
а не-грчките народи (Македонците, Персијанците, Скитите, Пелазгите и други)
ги нарекувале "барбари". Демостен не е единствениот Грк што ги нарекол
Македонците "барбари". Истата квалификација за Македонците ја дале и Грците
Исократ и Тразимах. Интересно е дека овие податоци денес се кријат од
пошироката јавност во Грција. Понатаму, Јовановски го цитира Улрих Вилкен,
но и тоа го прави еднострано. Вилкен оставил значајна книга за античка
Македонија, но контроверзите околу потеклото на Македонците презентирани во
таа книга, се секому очигледни (освен на Јовановски). Додека од една страна
Вилкен пишува за "сродноста" помеѓу Македонците и Грците, од друга страна
истиот тој Вилкен, во истата своја книга, пишува дека Македонците биле (цитат):
"горда и самосвесна нација, која со презир гледаше на Хелените". Јовановски
избегнува да го спомне и најголемиот денешен жив авторитет за античка
Македонија (барем според неговата застапеност во енциклопедиите и ТВ
емисиите) американскиот универзитетски професор д-р Јуџин Борза, кој денес
претставува кошмар за грчките пропагандисти заради своите неколку историски
бестселери, во кои аргументирано ја презентира вистината дека античките
Македонци не биле никакви Хелени. Оваа вистина е застапена и во познати
енциклопедии (Енкарта и други), а тоа го тврдат се поголем број помлади
странски историчари, ослободени од влијанието на големогрчките памфлети кои
досега непречено беа дистрибуирани во светската јавност како "единствена
вистина" за античка Македонија. Јовановски се повикува и на наши "авторитети"
(од типот на Тупурковски), но избегнува да ја спомне д-р Наде Проева, како
наш најголем стручњак за античка Македонија и единствен македонски доктор на
науки од оваа област.
Што се однесува до доказите за нашите врски со античките Македонци, не
верувам дека би ми стигнале и стотина вакви писма за нивно презентирање.
Речиси сите најпознати мотиви во денешниот македонски фолклор се наследени
од античките Македонци, а така е и со огромен број обичаи и други културни
елементи. За разлика од тоа, во нашиот фолклор или народно паметење не
постои ниту еден податок за наводниот "живот зад Карпатите" на нашите предци.
Позитивно во памфлетот на Јовановски е тоа што тој признава дека
вистината за нашето античко-македонско потекло станува се поприфатена среде
македонската јавност (а полека, но сигурно, и од страна на светски
авторитети). Ова веројатно е и причина за неговата загриженост, т.е. за
појавата на неговиот памфлет. На списанието "Форум" му посакувам да објавува
уште повеќе вакви памфлети со кои нивната маска дефинитивно ќе биде симната.
Ваквите памфлети се корисни и затоа што ги мобилизираат Македонците во
борбата и отпорот против странските пропагандисти и нивната петта колона во
РМ.
Александар Донски