ФОРУМ

ТРЕТАТА СВЕТСКА ВОЈНА ЗАПОЧНА

Даниел Мелвил

Под овој наслов со комерцијална, намерна или ненамерна, тенденција, т.е за поголема продажба, авторот Французин објави книга на 265 страници со голем формат во октомври минатата година. Се вика Лоран Артур ди Плеси, но не ни е познато дали е во сродство со неговиот хомоним, војводата Араман ди Плеси, кардиналот Ришелие, кој во својата функција на прв министер ја создаде силата на Франција, и за кого зборува на свој специфичен начин писателот Александар Дима во светски познатата група романи "Тројцата мускетари".

Во сегашно време, кога црни облаци се чини се покажуваат на хоризонтот од светот, интересно е, макар и малку накусо, да се наведнеме над содржината на книгата, во којашто авторот претендира да игра ролја на пророк:

"Третата светска војна започна на 11 септември 2001 година со атентатот извршен врз двете кули - близначки во САД и против Пентагон. Станува збор за судрување меѓу различни култури, од кои најбитните се муслиманската и христијанската, без да се губат од предвид будизмот и некои други религии. Ништо не може да ја запре таа војна. Нејзините потпалувачи се исламистичките интегристи, т.е. тесногледи фанатици, и нивниот Коран кој е единственото големо верско учење што пропагира војна, леење на крв, а што се согледува од некои цитати од текстот на таа муслиманска библија. Патот до воениот процес е забрзан од израелско-палестинските, американско-ирачките и индо-пакистанските тензии. Но, на тие фактори треба да се додаде и тоа што во блиска иднина ќе се случи крах на берзите што ќе повлече со себе многу потрагична економска криза од онаа во САД од 1929 година.

Штом ќе ја заземат власта во арапо-муслиманските држави, интегристите без колебање ќе ги употребат против Западот класичните, но и арсеналите за масовно уништување (ќе бидат употребени и јадра, т.е. нуклеарни оружја, на пример меѓу Пакистан и Индија).

Гигантското судрување Запад - Ислам, ќе предизвика домино-ефект врз преостанатиот свет. Кина ќе влезе во конфликтот на страната на исламот. На страната на Западот ќе се бори Индија од религиски причини (во бројот на својата огромна популација оваа земја има преку сто милиони муслимани), но и Јапонија ќе застане на страната на Западот заради нејзиниот традиционален антагонизам кон Кина. Прашањето дали Русија ќе остане на страната на западните сили стои отворено, во мементов без одговор.

Што се однесува до Европа, континентот ќе биде директно изложен на исламската закана, заради својата географска местоположба. Европа ќе заличи многу брзо на големо тревојадно животно, незаштитено пред глутница изгладнети волци.

Екномската криза во светот делумно ќе биде предизвикана од "овердоза" на кредитот, кој повеќе не успева како порано да ја стимулира економијата. Ќе настане дефлација, вредноста на парите ќе падне ниско. Ситуацијата по градовите за жителите ќе биде страшна (по селата, каде има земјоделие, сточарство, проблемите во врска со исхраната ќе се почувствуваат помалку).

ПОБЕДЕН И ПОРАЗЕН?

По мнението на Ди Плеси, "третата светска војна" длабоко ќе ја метаморфозира меѓународната сцена. Војната ќе ја изгубат Исламот, Европа и Русија, а ќе ја добијат САД и Кина. Америка по војната ќе биде локомотива на неокапитализам исчистен од своите минати претерувања. Политиката на каматните стапки (процентот, интересот) ќе се конфомира на правила на претпазливост, за да се избегнат нови економски катастрофи. САД уште повеќе ќе се збогатат (отколку на крајот од Втората светска војна, з.м.), со тоа што ќе учествуваат во раконструкцијата на светот оштетен од војната. Кина, и покрај тоа што ќе има претрпено големи деструкции, употребувајќи го вешто во текот на воените дејствија исламот како маса на маневри, нема повеќе да биде пренаселена и ќе востанови своја хегемонија во југоисточна Азија и можеби во Европа и во Русија.

Европа ќе плати тежок данок во таа "трета светска војна" што во голема мера ќе се води на нејзината територија. Се поставува прашањето - дали Европа ќе излезе од војната поцврсто обединета или, пак, феудализирана од страна на Кина?

Сиромашните држави ќе ги најде крајот од војната речиси сосема обезнародени (заради бројните жртви и уништувања директни или не, з.м.), а меѓу тие земји ќе бидат и исламските.

"Третата светска војна", комбинирана со големата економска криза, ќе ја смали популацијата на светот за половина, или за три четвртини од сегашната бројка. Ова ќе биде добар адут за човештвото, заради тоа што сегашната пренаселеност на планетата го кочи нејзиниот економски прогрес, а и предизвикува големи еколошки штети".

НАШ КОМЕНТАР

Не е лесна и одговорна "гимнастиката" да се биде пророк. Веројатно и затоа во Делфинското пророштво се добивале нејасни предвидувања, што можело да бидат толкувани на еден или, пак, на сосема спротивен начин па, така, пророштвото секогаш испаѓало "точно".

Авторот на книгата е консултант на ИАСЕ (Меѓународен институт за стратешки и економски анализи), па оваа негова функција може да загрижи кога ќе се согледа, читајќи го неговиот труд, дека ако од една страна во него има пасуси што се навистина брилијантни анализи, од друга има тврдења и празнини што се неточни, или што не би смееле да постојат во таков обид за анализа (а врз такви, а и други анализи, се базира политиката на денешното човештво и на народите). Во обидот за демонстрирање на некои теми, на страница 44, на пример, авторот го споменува "повторното морално вооружување", што е мешање со еден сега застарен западен инструмент употребуван во текот на студената војна Запад - Исток. Авторот прави историска ревија, можеби со цел подобро да ги објасни базите на своите предвидувања за иднината, но, случајно или намерно, некои настани и народи се избегнати од неговото изложување како што е случајот со вавилонската и египетската античка култура на кои светот воопшто, а христијанството посебно, имаат многу да им заблагодарат (Египет со фараонот Аменофис Четврти, 1.300 години пред Исус Христос е првата монотеистичка држава базирана на христијански идеи, но овие факти никаде не се изнесени во книгата). Или, кога Ди Плеси зборува за браната што го запрела пред Виена во 1763 година турското напредување кон Западна Европа, заборава да го спомне полскиот крал, подоцна прогласен за светец, Јан Собејски, кој со својата армија ги запрел муслиманите во гоема битка каде биле поразени. Авторот има претензија да зборува и за Славјаните, па и за Балканот, но видно е дека или тој не ги познава тие теми, или не сака за нив да зборува, а најелементарната објективност бара да се внесат во книга од типот на онаа што ја напишал. Никаде не се споменати гиганти како Менделеев со неговиот периодичен систем на елементите, Цјолковски кој ги постави базите на летањето на реактивен погон и ги нацрта прв плановите на космичка ракета во ХIХ век; или, да нафрлиме попатно примери како оној за пробивањето првпат во историјата на звучниот ѕид од страна на руски пилот, или фактот дека првиот стратосферски авион беше руски. Не е во прашање да се прави пропаганда на еден или друг народ или евентуално на идеологија, туку факт е дека кога се твори објективна анализа, таа треба да биде урамнотежена, а не да куца накривена само на една страна, оти на тој начин заинтересираните политичари се донесуваат во заблуда, а заблудените понекогаш завршуваат со трагедии.

МАКЕДОНИЈА И МАКЕДОНЦИТЕ?

Очигледно е дека Македонија и Македонците за Лоран Артур ди Плеси не постојат и никогаш не постоеле, што е уште еден критериум за оценување на вредноста од неговиот труд. Имено, кога тој пишува за Александар Македонски, за командантот на француските сили на македонскиот фронт, т.н. "Солунски" Франше Депере, за Младотурската револуција од 1908 година, за Балканските војни од 1912 - 1913 години, за ренесансата, за иконите, или кога ги набројува православните народи, или балканските, апсолутно насекаде избегнува да го спомне зборот Македонија, Македонец, така што испаѓа дека Албанците се православни, а Македонците никаде ги нема! Ова навистина е претерано, а да го цитираме авторот: "Она што е претерано е беззначајно".

Од друга страна, Ди Плеси пророкот е полн со изрази, некои не само несоодветни, туку и смешни, од овој тип: Античка Грција (држава што никогаш не постоела), Кирил и Методија Грчки (од каде грчки во македонскиот град Солун, а првата грчка држава во историјата е направена со помош на Русија во 1829-30 годна!?), Аристотел "грчки" филозоф, "грчка" мисла (а египетската со медитеранскАта, каде е?), грчко-муслиманска филозофија, јудео-грчко-арапска филозофија, западен руски панславизам, итн.

ЗАКЛУЧОК

Кога, колку и дали ќе се исполнат предвидувањата изнесени во книгата "Третата светска војна започна" ќе покаже поблиската или подалечната иднина. Она што може да се подвлече е фактот дека постои осиромашување на поголемиот дел од човештвото, постои познатиот феномен на хиперпродукција - неможност да се продава вишокот - безработност - предреволуционерни движење чија последица се војните со што се бараат нови пазари и суровини, а и се спречуваат револуции. Оваа шема не е измислена од марксистите, туку таа природно постои во историјата таква каква што досега ја познаваме. Освен тоа, Лоран Артур ди Плеси се лаже кога тврди дека "третата светска војна" започнала на 11 септември 2001 година. Таа војна започна во 1945 година и една од нејзините рунди заврши со распаѓањето и пропаста, дефинитивна или можеби привремена, на комунизмот. "Третата светска војна" почна во 1945 година заради тоа што втората не реши некои битни животни прашања за човештвото воошто, за некои народи и држави посебно. Таков е и случајот со Втората светска војна, што започна на крајот од Првата, токму заради споменатите причини. Друго е прашањето дали "Третата светска војна" ќе остане општа, или, пак, како досега, ќе се ограничи на локални војни, какви што од 1945 година досега имаше на земјава над двесте.

Факт е дека разделеноста на Европа, разделеноста и евентуалното непријателство на балканските народи, можат на Европа и на Балканот да им донесат, како и во минатото, само тешки драми, осиромашувања, неразвиеност, т.е. никој од тие народи во крајна анализа нема интерес од меѓусебни непријателства, непризнавање и други "специјалитети" што се извор на тешки индивидуални и колективни трагедии.

Како и да е, тешко на оној кој не мисли деноноќно на латинската мудрост што вели: "Si vis pacem, para belum" (Ако сакаш мир, биди подготвен за војна). Тешко и на оној кој чека друг да му донесе на чинија безбедност, просперитет и слобода. Политиката е безмилосна. Германскиот теоретичар на војната Клаузевиц, кој научил што е војна како руски офицер, и чија книга "За војната" беше една од библиите на германските офицери во Втората светска војна, пишува: "Војната е продолжување на политиката со други средства".


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"