Основниот проблем на кој наидувавме во претходниот период беше упорното
одбивање на ресорниот министер да го спроведе Законот за високо образование
и тоа токму во неговиот највитален дел: формирањето на Фондот за
високообразовна дејност, чија основна цел е финансирањето на дејноста во
високото образование и остварувањето на Програмата за високообразовна
дејност. Значи, без Фондот нема ниту финансирање на Универзитетот, ниту е
можно реализирањето на Програмата за високообразовна дејност. Со тоа,
практично, замира и високото образование во Република Македонија.
Дека не станува збор за неоправдано стравување, говори и следново. Во член
85 од Законот наброени се надлежностите на Управниот одбор на Фондот. Во
оваа пригода, потсетуваме само на некои: Управниот одбор на Фондот одлучува
за средствата за финансирање на високообразовната дејност според годишната
програма за реализација на Програмата за високообразовна дејност.
Одлучува за распределбата на средствата за вршење на дејноста на
високообразовните установи.
Утврдува услови и критерими за финансирањето на дејноста на
универзитетите и високообразовните установи, како и за финансирање на
меѓународната соработка, издавачката и информационата дејност.
Веќе и овие елементи, сами за себе, доволно говорат за значењето на
Фондот и какви последици со себе повлекува неговото неформирање. Тоа значи
дека досега универзитетите не знаеја според кои услови, мерила и критериуми
се финансираат. Оттука, на нашиот Универзитет владееше целосна неизвесност
за неговото идно работење, како што и не можеше да се насети судбината на
Програмата за високообразовна дејност, без која не е можен систем на високо
образование. Сето тоа беше резултат на владеењето на волјата, наспроти
владеењето на законите. Намерно велиме на волјата, наместо на законите,
бидејќи без постоењето на Фондот се се сведува на личните одлуки на
ресорниот министер. Воедно, со неспроведувањето на Законот, Владата (т.е.
ресорното Министерство) се става над Собранието. Или, извршната власт се
става над законодавната власт. На тој начин, се суспендира правната држава.
Наредните последици од ваквото однесување се следниве: Замира меѓународната
соработка на нашиот Универзитет со универзитетите од другите земји.
Објективно, ова води кон самоизолација на македонското високо образование,
наспроти декларативно изразените желби на највисоките државни институции
дека иднината на Република Македонија е во интеграција со светот. Воедно, се
понагласно се чувствува недостигот од проток на нови научни информации, како
и колегијални контакти со колегите од другите држави. Замираат меѓународните
научни проекти, како што замираат и сите други научни проекти на
Универзитетот. Издавачката дејност на Универзитетот е скоро сведена на нула.
Без издавачка дејност, нема Универзитет.
Електронската информативна мрежа "Марнет" технолоши заостанува и не може
на своите корисници да им ги понуди неопходните услуги. И на овој начин
Универзитетот се изолира од меѓународната научна јавност.
При недостиг на услови, мерила и критериуми, според кои се финансира
дејноста на високото образование, доаѓа до стареење на универзитетскиот
кадар, бидејќи од страна на Владата не постои јасна политика кон примањето
на нови соработници. Едноставно, неговото кадровско подмладување станува се
повеќе невозможно. На тој начин, младиот и талентиран научен кадар принуден
е да ја напушта сопствена земја. Тоа е најголемото осиромашување на која
било земја. Може ли ова да си го дозволи Република Македонија?
Инвестиционата и развојната дејност речиси ги нема. Оттука, објектите и
лабораториите стареат, како што и библиотеките не се подмладуваат.
Според тоа, станува збор за витални финансиски прашања, а не за прашања
од типот на платите на универзитетските наставници, како што се обидуваше
целиот проблем поедноставено да го претстави претходниот ресорен министер.
Вулгарниот, дневно-политичкиот пристап кон овие проблеми ништо не решава.
Застрашувачките сознанија за состојбата на Универзитетот "Св. Кирил и
Методиј" го постигнаа својот врв на 51. седница на Универзитетскиот Сенат,
одржана на 28.02. 2003 година. Помеѓу другото, како точка на дневниот ред,
се разгледуваше Годишната сметка на Универзитетот, со завршен извештај за
2002 година. Од оваа Седница сакаме да ги истакнеме следниве сознанија:
Посебна дискусија предизвика податокот дека Универзитетот, како членка на
Светската асоцијација на универзитетите ИАУ и на Асоцијацијата на европските
универзитети ЕУА, имаше обврска да плати членарина која за 2002 година
изнесуваше само 2.200 евра, односно 1.800 евра. Меѓутоа, средствата не се
обезбедени од страна на Министерството за образование и наука, што за нашиот
Универзитет би значело исклучување од светското семејство на универзитетите.
Сенатот смета дека Министерството треба да вложи максимални напори за
обезбедување финасиски средства, за да се зачува досегашниот дигнитет и
позиција на нашиот Универзитет во светски интелектуални рамки.
Огромно значење за нашата држава и за нашиот народ има Меѓународниот
семинар за македонски јазик, литература и култура, како институционален храм
на науката, знаењето и како натамошен поттик за стручни иновации од државно
значење. Средствата од Буџетот на РМ за 2002 година - кои изнесуваа
1.200.000 денари - не беа префрлени и се уште не се префрлени на сметката на
Универзитетот, сеедно по неколкуте ургентни настојувања. Сенатот апелира да
се исполни оваа обврска од страна на Владата во најкраток рок, и тоа во
името на афирмација на македонскиот јазик и култура во светски рамки.
Највисоките и најхуманите универзитетски идеали секогаш биле прогресивните
цивилизациски стремежи и духовни доблести.
Македонските лекторати во странство претставуваат амбасади на нашата
култура и националниот идентитет. Тие треба да се негуваат, одржуваат и
развиваат. Министерството во 2002 година обезбеди средства за лекторатите, и
тоа за плати, девизен надомест и за патни трошоци. Меѓутоа, тие средства се
повеќе од скромни за нивното нормално функционирање, со што се загрозува
виталната позиција на македонските лекторати во однос на другите странски
лекторати, кои се добро финансирани и кои, затоа, успешно ја остваруваат
нивната културна стратегија.
Поради сето ова, Универзитетскиот Сенат, формирајќи посебна комисија
(проф. д-р Виолета Пирузе - Тасевска, проф. д-р Владан Златановиќ, проф. д-р
Максим Каранфиловски и проф. д-р Љубомир Цуцуловски), чија цел беше да го
состави Апелот, се обраќа до Премиерот на Република Македонија, до
Министерството за образование и наука, како и до Претседателот на
Собранието, најодговорно и најсовесно да ги анализираат состојбите и
практично да ги направат неопходните чекори кон сериозно етаблирање на
македонските образовни, научни и државни интереси, бидејќи не се можни
реформи без соодветно финансирање. Впрочем, токму на овој Универзитет
настанаа нашите најзначајни научни работници и стручњаци, нашите лекари и
агрономи, нашите инженери, правници, економисти, новинари... Едноставно,
историјата на нашиот Универзитет и историјата на нашата држава, Република
Македонија, чекорат заедно, едната со другата, повеќе од половина век.
Затоа, се поставува суштинското прашање: дали државата, која сака да држи до
себе, сака да има солиден државен универзитет, или ќе имаме негово
разградување и, конечно, згаснување?