КУЛТУРА

Канадско-македонски литературни визии преточени во делото "Корени"

ВЕЧЕН БЕЛЕГ ЗА МАКЕДОНСКОТО ПОКОЛЕНИЕ

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • "Корени" го прави македонскиот род побогат за уште едно ново и продлабочено поетско остварување.
  • Во книгата се застапени 27 автори. Еден дел од песните се напишани на англиски јазик, а поголемиот дел е на македонски што значи дека, сепак, мајчиниот јазик не е заборавен.

Оваа година од книгоиздателството "Македонска искра" од Скопје излезе од печат книгата "Корени" (канадско-македонски литературни визии), а зад ова дело стојат членовите на Литературното друштво "Браќа Миладиновци" при Македонската православна црква "Св. Климент Охридски" од Торонто, Канада. И покрај тоа што исконскиот говор како што изминувало времето избледнувал кај нив, сепак со ова дело тие успеаја да остават вечен белег за идните поколенија.

Но, иако се далеку од нивните корени, поетите Канаѓани од македонско потекло се блиски со Македонија. Нивните поетски остварувања се тесно поврзани со родниот крај, а имаат силни носталгични изливи на љубов кон старата и новата Македонија, кон луѓето, кон личности и дејства од минатото, сегашноста и од иднината на македонскиот народ од сите делови на Македонија. Сепак, како дел од нивните остварувања во книгата се и секојдневниот канадски живот, пријателите, кон убавото и кон се што авторите ги опкружува, како и за личности и дејства од минатото, сегашноста и од иднината на македонскиот народ од сите делови на Македонија.

ЧУВСТВА

Ова поетско остварување, всушност, претставува збир од чувства, желби, соништа, копнежи, болки, вистини, страдања, но и радости на Македонците кои долги години живеат и работат во Канада.

Делото "Корени" (канадско-македонски литературни визии) е поделено на два дела. Во првиот дел се застапени седум членови на друштвото кои своите поетски изразувања ги остваруваат, пред се, на англиски јазик, а исто така и на македонски јазик. Во вториот дел се претставени 20 поети од македонско потекло кои своите поетски остварувања ги изразуваат само преку мајчиниот македонски јазик. Книгата е пребогата со песни - содржи 87 од кои петнаесетина се на англиски јазик, а преостанатите на македонски.

ТРАГИ

Во предговорот на книгата чиј автор е господинот Славе Николовски - Катин, е нагласено дека ова дело може да се третира како една богата, автентична, значајна современа хроника на македонското иселеничко живеење во Канада. Понатаму, како што потенцира господинот Николовски, истовремено ова дело претставува и значаен прилог кон македонската и канадската поетска култура и културна книжевина. Тој факт на книгата & дава посебна привлечност и атрактивност што се потврдува со скромните поетски остварувања на авторите. За "Корени" може да се каже дека исполнува една празнина кај Македонците од сите делови на Македонија кои живеат во дијаспората.

Авторите на песните во оваа книга, поточно членовите на Друштвото "Браќа Миладиновци" при Македонската православна црква "Св. Климент Охридски" од Торонто, се горди што успеаја да создадат едно вакво дело кое ќе остави длабоки траги во севкупниот литературен живот на Македонците во иселеништвото.


"Корени"

Коренот длаби кон земјата,

името не го менува поради звуците на ветрот.

Ветрот одминува, коренот останува

со истото име и презиме.

Прегрни ги ѕвездите родени од твоето срце

ќе им го слушнеш здивот кој те грее!

Ката Мисиркова - Руменова


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"