КУЛТУРА

Единаесетта книга на "Лицеум"

МАКЕДОНСКОТО ГОРКО ПАТЕШЕСТВИЕ

Пишува: Ангелина МАРКУС

  • Светите имиња на Македонците тежат врз нашите грбови и стегнати во нашите срца. Наши се, македонски се, било каде да се.
  • Славејќи го Илинден, ние го славиме и Филиповиот Херонејски Илинден. Кога одиме во театар ја продолжуваме традицијата на Еврипид во Дион и другите македонски театри по светот.

Во салата на ФДУ, Културнот центар "Скрб и утеха", едицијата "Лицеум" и продукцијата "Дион", ги промовираа книгите на Тихомир Стојановски. Тој како автор на шест книги, ни се претставува и како актер на сцена со монолози и драми за Александар, работи на сценаријата и непрекинато објавува написи во списанија покрај постојаната работа со студентите. Ги прескокнува сите сопки што му ги носи деноноќието. Таква е Македонија. Такви се темите и драмите.

Штом се зафатиш со докажувањето на својата македонштина преку своето творештво, цел живот битки ќе биеш. Таква му била судбината. Таков талент му одредила Талија. Нека му е среќен животот на сцена во македонското драмско борилиште. Ние ќе го поддржуваме и понатаму да пишува со љубов и разгаленост за Македонците од земја до небо.

ИДЕНТИТЕТ

Книгата "Гимназиум", разговорите во Симпозиум, Лициум и уште многу други македонски школи со машки имиња од времето на Аристотел не се случајни во употребата до денеска. Тие биле практикувани во Пела, Егеја, Стибера, Лихнида, Хераклеја, Стагира, Александрија - градови светилишта со женски имиња низ цела Македонија. Дали тоа Големата Мајка не го зела Македонецот за рака и грст букви со светлината му фрлила врз умот за да го просветува светот. Денеска таа фаланга од букви и зборови тропа на сите врати и прескокнува граници за да ги најде своите роднини кај сите соседи се до Русија. Убаво си ги сместиле македонските зборови во етимолошките речници. Удрија врз македонската најстара култура како да сме сирачиња без ништо. А, кај соседите, спротивно на логиката за идентитетот, гледаме се по двајца: македонски Бугари, македонски Срби, македонски Грци, македонски Албанци.

Патешествијата на Тихомир Стојановски опишани во Солунскиот и Измирскиот сон, болката во Пустец, тумбите во Пела и Дион ни наликува на тажење со јамбот на македонските солзи. Така е за Македонците во туѓи држави. Кога поминува покрај споменикот на Мајка Тереза и Скендер бег, присвоени Македонци, се прашува зошто нема споменици на Архелај, Филип, Александар, Клеопатра, Самоил, Крале Марко, Св. Павле, Кукузел, Јустинијан, преродбениците или Илинденците, сите Македонци. Толку херои, светци и маченици не може да се соберат во толку смалена и ограбена Македонија. Нека им остане по нешто наше, тие ништо немаат свое, не само во соседството, туку и понатаму во светот. Светите имиња на Македонците тежат врз нашите грбови и стегнати во нашите срца. Наши се, македонски се, било каде да се.

ДУХОВНА СИЛА

Врз секој напис во книгата "Гимназиум" Тихомир ги разбудува асоцијативните полиња во македонскиот ум и не потсетува дека славејќи го Илинден ние го славиме и Филиповиот Херонејски Илинден. Кога одиме во театар ја продолжуваме традицијата на Еврипид во Дион и другите македонски театри по светот.

Кога ги крштаваме децата ни доаѓа Св. Павле од Библијата. Кога гледаме меч ни наидуваат слики на Македонец на бел коњ. Принцот. Царот. Ангелот. Кога се веселиме во чест на Дионис ја одржуваме песната и ората македонски. Кога ја читаме Анастазија за житните полиња натопени со крв ги забораваме маките македонски во нивното вечно постоење. Тоа е книгата што ни соооштува и не поттикнува на размислување и Македонствување.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"