КУЛТУРА

Истражувачкиот духовен предизвик на грчкиот писател Костас Валетас

УЖАСНИОТ КРИК НА ДИЈАСПОРАТА

Пишува: Стојан КОЧОВ

  • Прозните дела на Валетас се со оригинално и необично кажување, полни со пресврти и разбранети емоции, отсликувајќи ја верно ужасната реалност на овие полубалкански простори.
  • Валетас не љуби создадената слика да биде црно-бела, туку тој посакува да го отслика животот во сите нијанси и страсно се нурнува да истражува во најпсихолошките комплицирани текови.

Во македонските библиотеки и книжарници од неодамна може да се најдат книгите "Нови раскази" и "Печалбари" од грчкиот автор Костас Валетас.

Издавач на првата книга е "Макавеј" во 2000 година, а превод од грчки на македонски е на Васко Караџа. Додека втората книга, поточно роман, ја отпечати издавачката куќа "Матица македонска" во 2003 година чиј превод е на Паскал Гилевски.

Прозата на писателот Костас Валетас, претставува еден огромен истражувачки духовен предизвик, едно собитие, со особен силовит одблесок низ густите пластови на минатото време (посебно во половината на 20 век). Несомнено е дека овој интелектуален зафат ја покажува големината на авторот кој не останал рамнодушен пред реалниот свет на Балканот, туку со својот талент, со својата творечка вообразба и ерудиција, навистина, бескомпромисно го крена гласот пред ужасот на цивилизацијата и направи најсуптилна анализа на современата дијаспора.

УМЕТНИЧКА ВРЕДНОСТ

Прозните дела на Валетас се со оригинално и необично кажување, полни со пресврти и разбранети емоции, отсликувајќи ја верно ужасната реалност на овие полубалкански простори. Уметникот истовремено се покажа и политичар, со својата љубопитност во врска со она што се случува во светот. Ги следи настаните, без разлика дали се убави или лоши, го регистрира пулсот на времето кога триумфирале ужасните услови на повоената социјална и политичка криза и токму тие фактори немилосрдно го разорија семејното јадро и ги раслоија луѓето, па подоцна дури беа фрлени во идеолошки отпад. Валетас направи најсуптилна анализа за феноменот на дијаспората од политиколошки и социолошки погледи и покрена значајни општествени прашања од една историска епоха кои претставуваат антрополошка лабораторија, напишани со автентичен стил и естетика, дела со исклучителна уметничка вредност.

Расказите во кои доминира приказната за "малите луѓе" и за "малите нешта", создадени од болка, ги забележува спонтано и ненаметливо, но без претерана усилба тие да бидат доминантни. Писателот пред таквите детали, небаре самиот ги затворал очите пред сите доживувања кај овие оттуѓени луѓе со своите судбини; вознеси и страдања, измами, кражби, лажни чувства, длабоки искушенија, душевни страдања, гризење на совеста, грев, гордост, понижување, страв и одмаздољубие.

СВЕДОК

Валетас не љуби создадената слика да биде црно-бела, туку тој посакува да го отслика животот во сите нијанси и страсно се нурнува да истражува во најпсихолошките комплицирани текови; откривајќи до сега недопрени зони од човечки вистини, болки и трагики и не помислува на светот да гледа со очите на исповедник, туку со очи и човек кој чекори во реалниот живот. Оттука, тој и во романот и расказите не се претставува како "привелигиран набљудувач", "наратор" кој се знае за своите ликови, туку него, познавајќи ги најригорозните закони на ликовите, го сретнуваме или како сведок или како соучесник, како што ќе рече Флобер: "Авторот во своето дело треба да биде како Бог во вселената: насекаде присутен, а никаде видлив". Токму таков го забележувам писателот Валетас, во овие дела; како семоќен Бог, сличен на оној од грчката традиција.

Тој не е автор кој им мафта на политичарите, туку им нуди видици во сферата на човекувањето и неуморливо покажувајќи им ја темната страна на обезличениот идентитет на човекот кој исто толку право има како и ние што сме во топлата прегратка на татковината. По гледањето и сфаќањето на светот, Валетас е близок и наклонет кон егзистенцијалистите и е против злото и незаштитеноста на човекот кој се бори за гол живот, но со особена вештина внесува голема нагласеност на човечки духовни вредности. Голем дел од овие прозни изрази, кои му служат како централна идеја, творечки лајтмотив, писателот со својот интелектуален капацитет ги дефинира како антрополошки одредници:

Судбината овде не фрлила. Не можеме да бегаме оттука. Ниту сакаме, ниту не сакаме, овде сме се родиле. Овде е нашата татковина. Како што никој не ги избира своите родители, така не може да ја избере и татковината. Се раѓа од родители и таму каде што решава судбината.

Големото мајсторство на раскажувањето, Валетас го покажува со фантазерското (со својата творечка возбуда и своето мечтаење) преплетување на општите и на поединечните судбини. Јунаците главно се откриваат преку своите разговори и постапки и очигледно е дека сите судирања, сите манифестации и реагирања се предадени уметнички верно преку своите душевни преживувања. Тој сака да зборува за етиката и моралот и затоа расказите (случките) се концентрирани на фактографија и се приклонуваат кон документарен дискурс, но има и блага форма: мешање на нарацијата во која врши интелектуализација на дискурсот кој тежи кон есеистиката.

КОПНЕЖ

Во расказите на овој писател ќе се сретнеме со измешани луѓе и судбини, чиниш и добро се познаваме на овој Балкан, можеме доволно да соработуваме, имаме политичко минато и сите копнееме за добар живот. Валетас, на својот особен препознатив грчки начин, создава една прекрасна слика (за овие истрошени луѓе), по враќањето во родниот крај до Лезбос. Малку иссилена, но пресвртот, судбината го донесе верно, и веќе повратникот Стратис не може да се врати назад во надежите.

"Јас Меропи нема да те оставам да ја трошиш својата младост во Австралија, како чистачка на клозети. Ќе те носам во нашиот роден крај, во Лезбос. Ќе отвориме хотел. Ќе станеш стопанка. Ќе пиеме узо во Епано Скала, ќе шетаме во Кулбара, ќе пливаме... Ќе живееме како луѓе. (94).

Стратис остана доследен на своето ветување. Тие се вратија во Метелини... Но, срцето на Меропи им ги уништи сите планови. Не издржа. Осум месеци по нивното враќање ја испрати во гроб" (94).

Расказот "Ден на репатријација", односно "репатријација на мртвите", можеби претставува една Гогољева посовршеност:

- Со стотици ги има, извика избезумен пограничниот стражар Ангелопулос, соопштувајќи му го настанот на шефот на царинарницата. Никој не знае колку ги има. Илјадници се! Скопјаните ги мрзи да вршат контрола на пасошите. Се откажаа. Ги оставаат да минуваат без контрола.

- Има ли товарни возила? Му се јавив по телефон на директорот на службата за безбедност.

- Тука ли е?

- Го очекуваме во секој момент да пристигне.

- Се јавивте ли во Солун?

- За тоа е одговорен Ралис, мислам дека го сторил тоа.

- Нешто се случува.

- Необјасниво е.

- Мислите дека се работи за накаква политичка комбинација?

Се е можно.

- Не е забележан порано таков феномен. Никогаш. Ни јавија дека доаѓаат дваесет вонредни возови, замрморел при влегувањето, очигледно растревожен командирот во Евзони.

Слични сцени беа забележани во сите пограничнки градови и станици. Во сите пристаништа, аеродроми, влезни и излезни премини на земјата...

***

Во состојба на паника, министерот за внатрешни работи, му се јави по телефон на премиерот дека треба да се затвори границата.

- Да се затвори?

***

- А бе вие сте луди.

- На прагот сме.

- Објаснете.

- Тоа се мртви луѓе, господине претседател. Умрени луѓе што доаѓаат да ги погребат тука. Со своите сандаци...

Во оваа проза (во која јадрото на темата е дијаспората), Валетас ни се откри не само како зрел творец со едноставен стил, како раскажувачки мајстор кој со својата вештина и со прониклив поглед во тајност на емигрантска душа, не само што ни ги наслика судбините на сите нас надвор од татковото огниште, туку ја обелодени големата човечка суштина; односот кон животот и смртта, кон љубовта и омразата, самотијата, обезличувањето и отуѓувањето. Се е сместено во еден интегрален систем на идеи, што бара од читателот успокоено ментално внимание. Валетас ни покажа дека "човекот е голема вредност и таа мора да се зачува, по секоја цена".

Ете, на тој начин, современиот грчки писател Валетас, си го исполни својот долг. Се разбира, литературата е само еден од многуте начини за разоткривање на овие иманентни конфликти, но тука пред се писателот се повикува на општеството, културата, на цивилизацијата во целина.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"