Грција го губи спорот со името
Грција како да го губи спорот околу името со Македонија, затоа што
мисијата на САД и НАТО во официјална комуникација & се обраќа на Македонија
со уставното име. Исто така, Вашингтон уставното име го употребува и во
комуникацијата со претставниците на македонската држава во САД, но и во
мултинационалните организации како што е НАТО. Ваквото обраќање започна
откако Македонија цврсто застана во коалиција за разоружување на Ирак.
Македонски книги за Пирин
Друштвото на писателите на Македонија ќе обезбеди 1.000 книги и списанија
на македонски јазик за библиотеката на книги од македонски автори што
наскоро ќе биде отворена во Благоевград, Пиринска Македонија. Оваа акција на
ДПМ е иницирана од Културно-просветното друштво "Светилник" од Благоевград.
Претепани двајца Македонци од Благоевград
Неодамна пред зградата на Општината Благоевград, без некаков директен
повод биле нападнати и на ѕверски начин претепани двајца локални Македонци
од неколкумина млади луѓе предводени од еден локален учител по историја.
Единствен повод за нападот е нивната јасно и гласно искажана припадност кон
македонскиот народ. Бугарската полиција интервенирала во воспоставувањето на
редот, и како што е веќе вообичаено, претепаните Македонци биле прогласени "виновни
за нередот".
Балканска муслиманска армија!
Како што дознава "Дневник", во Македонија, во Босна, во Албанија и на
Косово веќе неколку месеци оперираат поранешни офицери на ирачка армија,
припадници на Ал Каеда, терористи од Саудиска Арабија и припадници на
Иранската револуционерна гарда - Паждаран. Според западни извори, ирачките
офицери некогаш обучувани во поранешната југословенска армија и терористи на
Ал Каеда работат на проект за создавање на "Балканска муслиманска армија".
Напад на караулата Гошинце
Караулата Гошинце на македонско - српската граница, во делот кон Косово,
била цел на артилериски напад во кој биле истрелани три гранати. Според
воени извори, се претпоставува дека станува збор за гранати истрелани од
косовска страна. При нападот немало ниту жртви, ниту пак е причинета
материјална штета, затоа што гранатите паднале на одредена одалеченост од
караулата на Армијата на Република Македонија. Министерот за одбрана, Владо
Бучковски, тоа го стави во контекст на дејствување на криминални банди во
кумановско-карадачкиот регион.
Европските експерти предупредуваат
Според мислењето на експерти за Балканот од Европската иницијатива за
стабилност самитот меѓу ЕУ и Балканот што ќе се одржи во јуни во Солун нема
да донесе никакви значајни промени во политиката на ЕУ кон Балканот. Ова ќе
произлезе доколку петте земји од Западен Балкан веднаш не тргнат во
заедничко и агресивно лобирање со кои би влијаеле врз одлуките што ќе се
донесат во Солун.
Албанија поврзана со нападот врз САД
Според јавувањата на "Макфакс", албанската Влада потврдила дека одредени
лица со посредство на мобилни телефони до САД испраќале разни информации што
директно се поврзани со терористичкиот напад на Њујорк и Вашигтон. По
нападите, западните медиуми објавиле дека Албанија е една од земјите во кои
престојувал саудискиот терорист Осама бин Ладен.
КФОР запленил оружје од албански шверцери
Германските војници во составот на КФОР во Призрен откриле и заплениле
120 сандаци со оружје и 49.500 парчиња муниција. Оружјето го пренеле
шверцерите од Албанија на Косово, но биле забележани од КФОР-ов хеликоптер,
така што го оставиле и побегнале назад во Албанија.
Уапсени атентаторите на Ѓинѓиќ
Српската полиција го уапси главниот осомничен за убиството на српскиот
премиер Зоран Ѓинѓиќ, атентаторот Звездан Јовановиќ - Звеки. Тој е поранешен
помошник-командант во полициската единица за брзи интервенции позната како "Црвени
баретки". Уапсен е и уште еден од "Црвените баретки", Саша Пејаковиќ - Пеле
за кој се верува дека учествувал во атентатот.
За албанските командоси 100 долари дневно
Вкупно 75 албански командоси кои доброволно заминаа во Ирак да се борат
на страната на Американците ќе добиваат дневница од по 100 долари. Ваквата
сума била определена на седницата на албанската Влада.
|