Изложба "100 години Илинден на филм"

Во Домот на културата "Марко Цепенков" во Прилеп во тек е изложбата "100 години Илинден на филм" што ја организира Кинотеката на Македонија, а на која се презентираат фотографии, документи, плакати, сценографски и костомографски скици од македонското филмско наследство во кое се третираат теми од Илинден.

Споменик на Делчев во Дебар

Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ повторно ја покрена иницијативата до Советот на Општината Дебар за изградба на споменик на македонскиот револуционер Гоце Делчев, а по повод 100 години од Илинденското востание.

Албанците во јавната администрација

Владата ќе организира курсеви за Албанците што ќе конкурираат за новите вработувања во јавната администрација. Обуката би траела една година, а би се одржувала на Факултетот за јавна администрација на Штуловиот универзитет во Тетово. Инаку, во јавната администрација би требало да се вработат околу 2.400 Албанци, според констатација на Муса Џафери.

Тетовскиот парауниверзитет ќе се легализира?!

Тетовскиот универзитет, дефинитивно го почна својот пат за легализација, а се очекува во наредната недела или најдоцна за две недели да биде регистриран во Заводот за статистика на Република Македонија како легална институција - пишува скопскиот весник на албански јазик "Факти". Ова се должи на претходно постигнатиот договор помеѓу Али Ахмети и ректорот на тетовскиот Универзитет, Неџбедин Беадини.

Положани од Умин Дол го повлече директорот - Албанец

Проблемот со поставување на директор Албанец во ОУ "Кристијан Тодоровски - Карпош" во Умин Дол е решен. Пратеникот Иван Стоиљковиќ посредувал кај министерот Положани по што биле известени уминдолчани дека на функцијата останува стариот директор, додека не се избере нов, Македонец.

Неизлегување на "Бирлик" - навреда за Турците

Државата мора да му помогне на "Бирлик" кој е единствен весник на Турската заедница во Македонија, констатираа учесниците на трибината под наслов "Има ли шанси за Бирлик?", која ја организираше Здружението за развој на медимите на турски јазик во Македонија. Според главниот и одговорен уредник на "Бирлик", Насер Идрис, тоа не е само весник, туку и издавачка куќа на турската заедница во чии рамки излегуваа две детски и едно литературно списание, како и книги од домашни автори.

Формирана Македонска заедница во Холандија

Во Ротердам, Кралство Холандија, се формира Македонска заедница во која пристапија ситАе македонски клубови, православни црковни општини, спортски друштва, фондации, хуманитарни организации и други македонски организации коишто дејствуваат на целата територија на Холандија.

За претседател на Заедницата е избран Џон Тодоровски, македонски бизнисмен од Холандија, а потпретседател е Љупчо Ѓорчевски, актуелен претседател на здружението "Бели мугри" од Ротердам.

Македонската заедница ја промовираше и веб-страница: www.macedonie.net

Илинден во Австралија

Во Волонгонг, Австралија, по иницијатива од група Македонци е формиран Одбор со цел организација и координација на подготовките за прославата на 100-годишнината од Илинденското востание и Првата Македонска Република на Балканот во Крушево.
Иницијативата е поддржана од сите Македонци кои живеат на подрачјето на Волонгонг и Илавара, чиј број изнесува преку 20.000, а за претседател на одборот е избран Владо Бошевски.
За сите информации одговорен е Ромео Ацевски, тел. (02) 42 752 920, мобилен (04) 13 912 787 и е-пошта:
romeoacevski@jahoo.com

Трибина во чест на Методи Манев

Во Домот на културата "Крсте Мисирков" во Свети Николе се одржа трибина "Методи Манев - 30 години творештво". По одржувањето на двете сесии на кои свое излагање имаа тринаесетина автори, беше промовиран и најновиот роман од Методи Манев - "Корени на животот, корени на смртта".

Форум за правата на Македонците од Егеј

На 26 март во Културно-информативниот центар - Скопје се одржа годишно Собрание на Форумот за човековите права на Македонците од Егејскиот дел на Македонија. На собранието беше презентиран извештај за досегашната работа на Форумот, а присутните гости беа информирани за отворената Фондација за изградби на македонски православни цркви и културни домови во Егејскиот дел на Македонија. Форумот додели благодарници на активисти и донатори, а таква благодарница доби и нашиот неделник. Беа промовирани и книгите "Село Чифлиџик во Егејска Македонија" и "Непрежален роден крај" од авторите Никола Балканов и Ангел Балкански.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"