епубличкиот центар за помош на
лица со ментален хендикеп "Порака" започна медиумска кампања "Не тестирајте
ја само вашата интелигенција, тестирајте ја својата човечност", во рамките
на европската година на лицата со интелектуална попреченост 2003. Кампањата
ќе се одвива во текот на целата година со засилени активности за борба за
правата на овие лицата, за подобрување на нивниот статус во општеството и за
зголемувањето на грижата за нив.
Поводот за иницирање на една ваква кампања е фактот дека лицата со
интелектуална пореченост и нивните семејства се наоѓаат на маргините на
нашето општество.
КАМПАЊА
Грижата за лицата со интелектуална попреченост подразбира зголемени
трошоци за семејството. Тие имаат потреба од обезбедување права за користење
на социјална заштита по основа на попреченост. Според творците на Кампањата,
главните области во кои треба да се дејствува се можност за образование на
сите и нивно вработување затоа што секој има право на образование, па и тие.
А тоа може да се реализира доколку има соодветна наставна програма и
соодветно обучен наставен кадар. Здравствена заштита и рехабилитација и ним
им е потребна како и на секој човек. За нив се потребни бесплатна
здравствена заштита и лекови затоа што се лица со послаб имунитет и почесто
се подложни на разни вирози и настинки.
Деинституционализација, односно алтернативни сервисни служби во местото
на живеење и социјална сигурност, се исто така битни компонети кои може да
се реализираат преку соодветна програма која опфаќа техники за подобрување
на вербалните и мануелните способности.
РОДИТЕЛСКИ МАКИ
Сакале или не, мораме да признаеме дека една од главните причини за
ваквата состојба е токму нашиот однос кон нив, односно предрасудите кои
постојат кон овие луѓе во сите сфери на живеењето.
Поради тоа, голем дел од родителите на лицата со ментален хендикеп кои
беа на промоцијата на кампањата, уште на самата презентација изразија
сомневање во неа. Тие, револтирани од досегашните однесувања, искажаа низа
обвинувања упатени до центарот "Порака", кон Министерството за труд и
социјална политика и другите надлежни институции, обвинувајќи ги за
недоволна грижа за лицата со хендикеп и за нивните семејства.
Има проблеми кои не можат да се решат со кампања. Ние родителите подобро
и од стручњаците знаеме колку ни е тешко и како треба со тие деца. За нашите
деца не сака никој да се грижи, освен ние мајките, а никој не се грижи за
нас. Некои мајки се брутално отпуштани од работа, презирани поради нивните
деца со хендикеп, само што надлежните тоа не можат да го сфатат, а сега
говрат за човечност. Што ќе се случи со нашите деца кога нас родителите ќе
не нема еден ден? Кој ќе ни ги чува децата? Лицата со хендикеп до 26-годишна
возраст добиваат една помош, а по 26-та година друга, вели мајка на лице
со попреченост во менталниот развој.
На нејзината изјава се надоврза и уште еден родител кој кажа дека нема
здраво семејство во кое еден член е со пречки во развојот, а најголемиот
товар паѓа на мајката што нема сопствен живот. За неа човечност и хуманост
нема ниту од роднини, ниту од пријатели, ниту пак од институциите.
Оправдувањето на организаторите на кампањата беше дека токму оваа кампања
ќе придонесе многу за да се сменат работите на подобро, но сепак ги
попречија гневните родители да говорат на таа тема, ветувајќи им дека во
текот на Кампањата ќе има две тркалезни маси на кои и тие самите, односно
родителите, ќе можат да ги кажат своите маки и да понудат свои решенија со
кои ќе се подобри нивниот живот како и на нивните деца кои бараат посебна
грижа. Но, тоа не беше доволно објаснување за незадоволните родители кои
сакаа да ги кажат нивните забелешки на досегашното работење на "Порака",
така што повикувајќи ги и преостанатите родители да ги следат, си ги зедоа
децата и ја напуштија презентацијата.
ОДОБРУВАЊЕ
Сепак, меѓу присутните родители се огласи и една мајка која застана на
страната на "Порака" и целата Кампања и која им одговори на незадоволниците
со контрааргументи. Таа истакна дека "Порака" се грижи за нивните деца колку
што може, но додаде дека никој друг не може повеќе да се грижи за детето со
хендикеп, колку што се грижи мајката.
Јас знам како е да се има хендикепирано дете. Само јас знам колку ми е
срцето црно - покрај него и целото мое семејство е хендикепирано. Но, никој
не може да го гледа како што си го гледам јас - ни вујна, ни стрина, ни
чичко ни кој било друг, вели родителката.
Министерот за труд и социјала, Јован Манасиевски, кој беше на промоцијата
на кампањата, се обиде да им објасни на незадоволните родители кои беа
сомнителни кон кампањата и ветувањата од Министерството.
Има разлика меѓу помошта што ја примаат лицата до 26 години и оние над
26, но се работи на тоа да се изедначат, бидејќи потребите на двете
категории лица се исти, објасни министерот Манасиевски. Мораме да
сфатиме дека не може се да се среди преку ноќ. Во иднина за овие лица ќе се
грижат невладините организации кои имаат кредибилитет и тие ќе им даваат
помош.
Исто така, министерот Манасиевски истакна дека со промените во Законот за
детска заштита, лицата со пречки во развојот ќе добиваат еднаков паричен
надомест. Тој најави и демонополизација на државата во делењето на социјална
помош.
Има проблеми кои не можат да се решат со кампања. Ние родителите подобро
и од стручњаците знаеме колку ни е тешко и како треба со тие деца. За нашите
деца не сака никој да се грижи, освен ние мајките, а никој не се грижи за
нас. Некои мајки се брутално отпуштани од работа, презирани поради нивните
деца со хендикеп, само што надлежните тоа не можат да го сфатат, а сега
говорат за човечност. Што ќе се случи со нашите деца кога нас родителите ќе
не нема еден ден? Кој ќе ни ги чува децата? Лицата со хендикеп до 26-годишна
возраст добиваат една помош, а по 26-та година друга, вели мајка на лице со
попреченост во менталниот развој.
Кампањата "Не тестирајте ја само вашата интелигенција, тестирајте ја
вашата човечност" на Републичкиот центар за помош на лица со ментален
хендикеп "Порака", има поддршка од Министерството за труд и социјална
политика, Министерството за образование и наука и Министерството за
здравство. Свој придонес во Кампањата дадоа и агенцијата за маркетинг "ИДЕА
Плус ДДБ", Канцеларијата "ГТЗ - македонско-германска техничка соработка",