талин се има прочуено, меѓу
другото, и со следната "мудра" изрека: "Нема човек - нема проблем". Доследно
ја следел во својот живот, праќајќи во смрт милиони луѓе во напор да ги
уништи проблемите. Овој сталинистички метод на уништување на луѓето наместо
решавање на проблемите, не е уникатен. Го има и кај нас. Науката, историјата
и нејзиното изучување традиционално се третира токму по овој рецепт.
Проблемот не започнува од вчера, ниту од распадот на Југославија. Уште во
рано Титово време, историската наука кај нас е зауздана, бидејќи на неа се
гледало како на можен извор на национализам и сепаратизам. Ниту распадот на
Југославија не промени нешто во позитивна насока. Напротив, освен како
иницијатор на етничко спротивставување, сега на историската наука & се
припишуваат како грев грешките и маните на комунистичката идеологија и режим,
во кои таа всушност беше жртва.
ТЕНДЕНЦИИ
Побарувањата за промена во учебниците по историја, неподготвеноста за
идејни промени кај дел од политичката елита, на фонот на пораст на
национално спротивставување во државата, направи историјата да изгледа како
уште попроблематична и конфликтна дисциплина. Очигледно неспособни да се
одлучат, политичарите го избраа најлесниот и најштетен пат за историјата и
учениците - нејзиното маргинализирање и постепено задушување. Нема историја
- нема проблеми.
Сведоци сме на тенденции во последните години за намалување на часовите
по историја во училиштата, барања за замена на историјата со други предмети
како социологија или "граѓанско општество", критики против неа дека е
непотребна во ова модерно време(?!), дека е генератор на негативни појави,
предлози да се укине и слично. Дел од ова може да се смета за реализирано,
со воведувањето на одвај двегодишно изучување на историјата во средните
технички училишта (почетниот план бил за само една година), укинувањето на
изучувањето на историјата во четврта година во средно образование (односно
нејзино претворање во изборен предмет) и намалување на фондот на часови во
прва, втора и трета година од три на два, т.е. од четири години по три часа,
историјата е сведена на три години по два часа, и е преполовена. Ако пак
земеме предвид дека меѓу советниците во Бирото за развој на образованието во
Скопје, покрај големиот број математичари, физичари, хемичари итн., нема
ниту еден историчар, можеме ли да се сомневаме дека маргинализирањето на
историјата ќе продолжи?
ПОТЦЕНУВАЊЕ
Омаловажувањето на историјата се демонстрира и на други полиња. Не е
реткост на меѓународни семинари по многу чувствителни теми, да се испраќаат
луѓе без историско образование, или во подобар случај, наставници наместо
учени. До каде може да стигне потценувањето на историјата?
Првите резултати веќе се гледаат. Прилагодувајќи се кон прокрустовиот
кревет стокмен за историјата од Министерството за образование, новите
наставни планови и учебници вршат уникална и неприродна поделба на
историјата. Антика и половина среден век се изучуваат во прва година, од
средината на средниот век до Првата светска војна во втора година и од 1914
година до денес за трета година. Намалениот фонд на часови, автоматски
рефлектира во содржината што се изучува, сведувајќи ја на минимум и
оневозможувајќи ги залагањата за урамнотежено вклучување на културата,
религиите, секојдневниот живот, во учебниците. Една неутешна споредба може
да ни покаже дека нивото на знаење што се бара од еден наш ученик во прва
година гимназија соодветствува на ученик во шесто одделение во Бугарија!
Друг аспект на проблемот е распнувањето на авторите на наставните планови
меѓу побарувањата за се поголема застапеност на историјата на малцинствата
во наставата, со истовременото скратување на фондот на часови.
ТРЕНД
Модерно е денес за се да се повикуваме на европските трендови и да се
бега од балканските примери. Така и критичарите на историјата милуваат да се
повикуваат на европските совети и препораки. Навистина, зошто да се учиме од
соседството кога ја имаме пред себе мудра Европа? Меѓутоа, европските
препораки можат да бидат ладен туш за поборниците за маргинализирањето на
историјата. Еве неколку цитати од препорака број 1283 на Советот на Европа.
"Историското знаење е важна граѓанска способност. Без неа поединецот е
подложен на политички и други манипулации... Историјата, исто така треба да
игра крупна политичка улога во денешна Европа... (таа) претставува еден од
начините на... создавање на културен идентитет... Собранието препорачува
Министерскиот комитет да го засили учењето на историјата во Европа...
Историското знаење мора да биде есенцијален дел на воспитанието на сите
млади... да им овозможи на учениците да ги усвојат способностите на
критичкото мислење, да анализираат и интерпретираат информаци ефективно и
одговорно, да ја препознаваат сложеноста на проблемите и да ја ценат
културната разноликост... Историјата треба да биде приоритетен предмет на
семинарите на европските наставници...".
Но, како ниту примерот на соседството, ниту советите од Европа да не се
доволни да го запрат овој самоуништувачки нагон во Македонија, зашто токму
тоа се случува со бришењето на историјата. Поединецот може некако да опстои
и без познавање на хемијата, или физиката, но не може да опстане без
сопствениот идентитет. Ќе можеме ли да го сочуваме нашиот идентитет при
влегувањето во голема, мултинационална Европа без познавање на нашето минато?
Какво фајде од богатата историја и традиции, ако не се знаат?
Тенденцијата за омаловажување на историјата, која е продукт од нејзиното
неразбирање, всушност ја демонстрира потребата од подобро историско
образование. Секој предмет ги збогатува учениците со знаење, но според
примената во животот на добиените знаења и според значењето во воспитанието
на поединецот, важноста е различна. Историјата е еден од оние малку предмети
кој влијае директно во оформување на личноста, на културата и на погледот на
свет. Нејзиното омаловажување ќе донесе деградација во воспитувањето на
личноста.
ПОТРЕБА
Може да се исфрли историската наука од училиштата, тоа е лесно, но не
може да се исфрли потребата од претстава за минатото во психата на луѓето.
Само што тогаш таа ќе биде задоволувана од квазиисторичари, националистички
пропагандисти од сите сорти, и се разбира историското образование ќе остане
надвор од системот, надвор од контролата на државата. Можеби некој мисли
дека така ќе се намалат националните тензии? Не! Ќе се засилат! Ќе нема каде
да слушнат младите дека освен моменти на спротивставувања, дело на малкумина,
постоеле долги периоди на коегзистенција меѓу мнозинството од припадниците
на различните народи, на Балканот и во Македонија. Ќе нема кој да ги
запознае со случаите на соработка и заедничка борба, ниту некој да ги поучи
за штетните последици од етничките судири. Каде и кој ќе ги учи генерациите
кои ќе ја наследат земјава, да ја сакаат и бранат Република Македонија,
бидејќи е таа нивна татковина? Можно ли е една држава да опстане без љубовта
на својот народ?
Но, освен оваа внатрешно-државна да ја наречеме, димензија, постои и
национална, македонска. Ние сме жестоко негирана нација од своето соседство.
Се соочуваме со силни антимакедонски пропаганди кои ја користат токму
историјата како оружје. Неизучувањето на историјата од таков аспект, значи
да се остават идните генерации невооружени и слабо заштитени. Едностраното
разоружување во време на војна е еднакво на предавство на својот народ. Мала
утеха ќе ни биде ако утре дојде до национален дебакл, тоа што денес сме
единствените "паметни" и во тренд на Балканот, тренд кој никој, никаде ниту
го води, ниту го следи.
А што да кажеме за потребата да се одбрани нацијата во научните сфери,
против толку моќните и афирмирани пропаганди? Сите се жалиме дека треба
повеќе да се работи на тоа поле. И денес ситуацијата не е каква што сакаме.
Но, уште полошо ќе биде утре кога ќе израснат новите аисториски генерации,
кога интересот за запишување на историја на факултет, ќе биде минимален,
бидејќи нема да има никаква перспектива за работа, а титулата "дипломиран
професор по историја" ќе биде еднаква на "учител по неучебен предмет"?!
Какви научници ќе израснат на таква изјаловена нива?
Несомнено, Македонија има потреба од специјалисти од сите области.
Културната личност треба да има широк поглед по многу прашања - од животот,
науката и уметноста, и основата треба да ја добие во училиште, а не преку
самообразување. Човек кој не знае за културните, националните, верските
традиции на своите предци, на својот народ, не може да биде наречен
културен. Всушност, за него не може да се каже ниту дека е писмен. И така,
дали ќе тргнеме кон решавањето на проблемите сериозно, или ќе применуваме
процедури по сталинистичка рецептура? Само во вториот случај, да не ги
уништиме луѓето, да не се обезличиме себеси!