ПОЛИТИКА

Тетовски споменар 1919 - 1941 година од Бранислав Светозаревиќ

МАКЕДОНСКИТЕ ТРАГИ ВО ГРАДОТ ПОД ШАРА

Пишува: Рената МАТЕСКА

  • Културните траги на нашите предци се единствениот доказ за нашето постоење. Она што тие генерации на Тетовци го направија меѓу двете светски војни, нека биде вистински пример како може да се сака својот град, своето маало и своето семејство. Тоа е доказ дека Македонците беа доминантно население кое живееше и опстојуваше во градот под Шара.
  • Штом една генерација ќе успее да изгради една материјална и културна база, втората генерација, поради војни, промени на системи и слично, не е во можност да го продолжи тој континуитет. Поради таквите тешки времиња, многу семејства го губеле капиталот, материјалните добра, а често пати и физички згаснувале. Тоа, впрочем, е и судбината на цела Македонија.

Дека Тетово отсекогаш бил македонски град говорат историските податоци. Веднаш по Првата светска војна, со пописот од 1921 година, Тетово броело 15.119 жители. Од оваа бројка 7.120 жители се Македонци, 6.432 Турци, 1.296 Албанци и други. За жал, денес, односно со пописот од 1994 година во Тетово се евидентирани 35.801 Македонци и 128.050 Албанци. Тоа Тетово од минатото, сепак, останува сведок за постоењето на Македонците и нивната доминантност во западниот дел на Македонија.

Уште од мали нозе во мојот дом и моето пошироко семејство, слушав носталгични разговори на повозрасните за едно Тетово кое повеќе го нема, Тетово кое мене не ми беше познато, но се вљубив токму во тоа гратче на широките сенки, ладната вода, во гратчето на љубовта и воздишките, на серенадите, на чардаците, одаите и кепенците. Слушав безброј духовити анегдоти за познати и непознати личности на специфичниот тетовски градски говор. Слушајќи ги така постарите Тетовци, полека, но сигурно во мојата свест се врежаа безброј слики од градот под Балтепе, пишува Бранислав Светозаревиќ, објаснувајќи зошто ја напишал книгата "Тетовски споменар 1919 - 1941".

Книгата обилува со стари фотографии од некогашно Тетово и со одбрани текстови со кои се опфатени пред се културно-социјалните прилики на градот во првата половина на дваесеттиот век.

Мојата желба да пренесам барем нешто од она што повеќе го нема, се зголеми откако забележав дека тоа Тетово е ставено на маргините, потенцира авторот Светозаревиќ.

СОСТОЈБИ И НАСЕЛЕНИЕ

Во 1919 година, Тетово се наоѓало во една мошне тешка политичка и економска состојба. Турското владеење и особено двете балкански и Првата светска војна врз животот на градот оставиле мошне тешки последици. Покрај тоа и новата државна власт на Кралството СХС ги негирала правата на национален план, особено на Македонците.

Веднаш по Првата светска војна, со пописот од 1921 година, Тетово броело 15.119 жители што покажува намалување на населението од пред војните за неколку илјади. Од оваа бројка, 7.120 жители се Македонци, 6.432 Турци, 1.296 Албанци и други, а од преостанатите најмногу имало Срби, Власи, Роми и други. Во градот имало 3.214 куќи со 3.287 домаќинства.

Посебен белег во развојот на градот оставиле печалбарските семејства кои со себе од далечните земји донеле и нови животни и потрошувачки навики, но и нови работни искуства. Приливот на капиталот кај овој слој на граѓанство бил драгоцен. Тетовците кои биле на печалба во Америка ги нарекувале Американлии (Томче Цуро, Мато Ристоски, Тоде Рудиче, Аце Пишман и др.), а печалбарите кои работеле во Египет биле Скендерлии (Ѓоце Настески, Мето Ристоски, Душко Чанак). Семејствата кои печалеле во Романија ги викале Румунлии (Симо Мојсиќ, Сане Васоски, Ѓорче Бачовски), а оние кои печалеле во Истанбул се познати како Стамболии (Васо Лефтер, Паша Марко, Живко и Ќирко Стамболии и др.).

АДМИНИСТРАТИВЕН ЦЕНТАР

Тетово стекнало големо значење и како административен центар на северозападниот дел на Македонија, каде што луѓето биле вработувани во локалната власт, судовите, просветата, банкарството и во други државни установи како геодетската управа, поштата и слично. Градот во 1921 година станал административен центар на округ со 117.329 жители.

Како прво официјално училиште каде што наставата се одвивала на народен македонски јазик, се смета она од 1832 година со првиот тетовски учител, Ристо Чкулка. Првата класична училишна зграда е изградена во 1860 година покрај црквата "Св. Никола". По Првата светска војна во градот имало четири основни училишта, а имало и средни училишта. Што се однесува пак до државните институции, имало и судови и тоа Тетовскиот првостепен суд и Шеријадскиот суд.

За време на целиот овој период занаетчиството, сепак, останало како основна потпора на градското население. Не само што економски влијаело, туку тоа и понатаму за Тетовци претставувало основен белег на живеење. Занаетчиите, покрај трговците, ја сочинувале чаршијата и во неа се создавале и негувале специфичните морални норми, а од овој слој на граѓанството потекнувала и градската интелигенција. Карактеристично за тетовските занаетчии е тоа дека секоја занаетчиска куќа поседувала барем по едно лозје или нива, со што имале подобра поткрепа, особено во времето на големите економски кризи. Значајни гранки во градот претставувале и трговијата, банкарството, индустријата, сообраќајот и туризмот како нова шанса.

АРХИТЕКТУРА

Градителството во Тетово меѓу двете војни е типичен пример на спојот помеѓу Истокот и Западот, старото и новото, развивајќи се под повеќе влијанија. Зависно од тоа во кој временски период се развивал градот, можат да се забележат некои специфики. Деловите на градот што се поблиску до подножјето на Шара се најстарите маала. На пример, Горно мало покрај црквата "Света Богородица" се евидентира како најстара населба уште од XIII век, потоа населбата Теќе, Колтук, Два бреста и Певчина кои се оформиле подоцна. Градот се до XV век е познат како населба Хтетово. Со доаѓањето на Турците во градот почнал да преовладува ориенталниот стил. Сепак, македонските куќи кон крајот на деветнаесеттиот век биле со свои специфичности. Куќите биле на еден или два ката, издадени кон надвор, со убав поглед и многу прозорци. Тие се збиени една до друга и секоја педа и агол се распоредени и искористени максимално. Од внатрешната страна куќата со посебен влез и чардак е споена со градината. Куќите помеѓу себе комуницираат со капиџици и тесни сокаци од кои повеќето се стрмно поставени на подножјето на Шара. Во оваа архитектура со богат колорит и живост е вткаена македонската душа и креација.

ТРАДИЦИИ И КУЛТУРА

Во градот живееле повеќе етникуми кои со себе ги чувале и негувале своите обичаи и традиции. И Македонците и Турците, кои биле најбројни групи, ги владееле двата јазика и немало никаков проблем во меѓусебното комуницирање. Тие живееле како два света кои меѓусебно се почитувале. Развојот на културата во Тетово меѓу двете светски војни има забележителни резултати. И покрај тоа што во културниот живот тогашната власт имала добар терен за градење на туѓа национална свест кај населението во Македонија, а со тоа и во Тетово, сепак самоиницијативноста на Македонците и нивната културна и јазична посебност давала свој впечатлив белег. Прифаќајќи ја универзалната порака на уметноста, културните активности на Тетовци, пред се, им служеле за лично задоволство и надградба, но и многубројните контакти со културниот свет и презентирање на националните особености преку уметничките изрази во најразличните организирани и неорганизирани форми. Книжевните творби на македонски јазик во Тетово датираат од времето на Кирил Пејчиновиќ, а негови следбеници се јеромонахот Арсение, свештеникот Смилко Митрев и попот Саве Алексиќ. Во поглед на информирањето главната задача ја има "градскиот барабанџија" кој опстојувал до 1941 година, а како локален весник постоел "Глас Полога". Дека тетовци биле доста музикални говорат и староградските тетовски песни кои и ден-денес се популарни. Ќе останат запаметени "Срце ме боли, ќе умрем", "Џан џигер Магдо", "Кажи Епсо Димушева", "Кажи Васке Евдова", "Сардисале Лешочкиот манастир", "Учи ме мајко, карај ме", "Огреала месечина" и други. Организираниот музички живот во Тетово има свои корени уште од самиот почеток на XX век. Во градот биле формирани две музички друштва и тоа "Славеј" во 1902 година, а во 1910 година друштвото "Напредок". Во тие години воедно се формирани и првите хорови. Големи заслуги за хорското пеење во Тетово имал дипломираниот лекар Петар Здравев.

Комедијата "Тројца зетови и една невеста" изведена во Тетово во 1898 година се смета за прва театарска претстава изведена во градот. Во 1924 година формирана е и првата аматерска драмска група по иницијатива на Панта Николиќ. Магијата на филмското платно брзо ги маѓепса Тетовци, а во 1919 година проработела првата кино-бавча, во сопственост на Александар Парлиќ. Но, и спортот бил карактеристичен за Тетово и тоа пеливанството, соколството, фудбалот, планинарството и друго.

Го молам читателот да го сфати овој мој скромен труд само како еден обид да се остави спомен за тоа Тетово, со тогашниот изглед, со тогашниот свој дух и луѓе, подвлекува авторот Бранислав Светозаревиќ во уводникот на своето дело за кое може уште да се каже дека претставува комбинација од многу вложен труд, но и љубов кон родниот град.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"